Дали Русија е Европа или Азија? Ниту Русите не можат да се согласат околу тоа

Kira Lisitskaya (Photo: Global Look Press; Unsplash; Pixabay)
Поголемиот дел од населението на Русија живее во европскиот дел на земјата, додека географски поголемиот дел од нејзината територија се наоѓа во Азија. На кој континент ментално му припаѓа Русија?

Во X век Русија го направи својот главен избор за цивилизациска припадност, примајќи го христијанството и на тој начин станувајќи источниот дел на христијанскиот свет. Меѓутоа, нејзината близина до Истокот, испреплетувањето со муслиманските народи и 300 години под власта на татаро-монголската Златна орда (од 1242 до крајот на XV век) извршија значајно „азиско влијание“ врз менталитетот на рускиот народ.

Граничната положба на „рускиот свет“ го направи сцена на постојани осцилации меѓу Истокот и Западот.

До значаен пресврт кон западната култура во Русија доаѓа за време на владеењето на Петар I (1672-1725). Првиот руски император сметал дека за да преживее, Русија мора да спроведе модернизација на целото економско и општествено уредување, потпирајќи се на искуството на своите европски соседи. Како пропратен ефект на оваа цврсто спроведена модернизација на руското општество, се појавија нова престолнина во европски стил, поданици во европски одела и без брада, како и многу други културни артефакти кои предизвикаа различни реакции кај руското население.

Оттогаш руските мислители постојано дебатираат дали овој пресврт е корисен за Русија или претставува голема грешка, а исто така се обидуваат да сфатат дали земјата припаѓа на европската или азиската цивилизација или, пак, дали е во прашање сосем специфична културна креација.

Василиј Татишчев – Русија припаѓа на Европа

Овој руски историчар од XVIII век и автор на првата „Историја на Русија“ меѓу првите го поддржа ставот дека условната граница меѓу Европа и Азија треба да се протега по должината на Урал. Претходно беа изнесени идеи дека границата треба да биде реката Енисеј или, пак, реката Об. (Додека античките извори сугерираа дека оваа граница оди по должината на Дон и Црното море до Константинопол). Меѓутоа, Татичшев (1686-1750) наведе различни природнонаучни аргументи: велејќи дека, на пример, дури и реките зад Урал имаат различен тип на тек (и дека во нив живеат други видови риби), како и дека многу видови дрвја кои растат во Европа не се сретнуваат зад Уралските планини.

За Татишчев, Русија несомнено беше европска земја, „исто како и Полското кралство, Прусија и Финска“. Опишувајќи ја историјата на Стара Русија - пред освојувањето на Казанскиот канат и Сибир - Татишчев заклучува дека Русија „поради природните околности“ не припаѓа „на ниедно друго место освен на Европа“.

Николај Карамзин – Русија речиси ја стигна Европа

Овој историчар од крајот на XVIII - почетокот на XIX век се споменува како автор на идејата за „рускиот Европеец“. Карамзин (1766-1826) во свртувањето на Петар кон Европа гледа несомнена придобивка за земјата, бидејќи Русија успешно ги искористи достигнувањата на европскиот разум - пред сè, науките, уметностите, воените вештини и државното уредување.

„Германците, Французите и Англичаните беа најмалку шест века пред Русија; Петар нé придвижи со својата моќна рака и за неколку години речиси ги стигнавме. Сите поплаки за промената на рускиот карактер, за губењето на руската морална физиономија се или само шега или, пак, произлегуваат од недостаток на рационално размислување. Ние не сме такви какви што биле нашите брадести предци: и подобро што е така!“ - пишува Карамзин, патувајќи низ Европа.

Фјодор Михајлович Достоевски  - погрешно е да се смета дека сме Европејци

По долгиот период во кој вниманието на руското општество беше насочено исклучиво кон Европа, Достоевски (1821-1881) предлага да се „ревитализира“ погледот на Русија кон Азија. „Цела наша руска Азија, вклучително и Сибир, сè уште постои за Русија само како некаков приврзок, за кој нашата европска Русија не сака ни да знае“, се жали писателот.

„Треба да го избркаме додворувачкиот страв дека во Европа ќе речат за нас дека сме азиски варвари и дека сме повеќе Азијци отколку Европејци. Тој срам дека Европа ќе нé оцени како Азијци нé следи скоро веќе два века“. Достоевски смета дека тој срам е погрешен, исто како што е погрешно и што Русите се доживуваат себеси исклучиво како Европејци, а не како Азијци, „кои никогаш не сме престанале да бидеме“. Достоевски е иритиран и од тоа што Русија се „натрупувала“ во работите на Европа и правела сé што е можно „Европа да нé признае за свои“, „а не како Татари“. Достоевски заклучува дека можеби токму во Азија треба да се бара излез и светла иднина за Русија.

Василиј Кључевски – Русија е мостот меѓу Европа и Азија

Сложената географска положба на Русија ја одреди нејзината историска и културна судбина, смета професорот и историчар на XIX век Кључевски (1841-1911). Русија отсекогаш трпела странско влијание - но секогаш било преработено, преосмислено на руска почва. Најпрвин тоа беа Византија и христијанството што таа го донесе во Русија, а подоцна Западна Европа и нејзините науки, како и заедничката политичка арена на која Русија најпосле ѝ се приклучи по Петар. Токму во XIX век, како што смета Кључевски, Русија почнала да се освестува за својата припадност на Европа, заборавајќи ја својата источна ориентација. А идејата за европската природа на Русија целосно се зацврсти во времето кога неколку децении на тронот се наоѓаше Германката Екатерина II.

„Историски, Русија, се разбира, не е Азија, но географски не сосем ни Европа. Таа е преодна земја, посредничка меѓу два света. Културата нераскинливо ја поврзала со Европа, но природата ѝ втиснала некои карактеристики и влијанија кои отсекогаш ја влечеле кон Азија, или Азија ја привлекувале кон неа“, пишува Кључевски во „Курсот на руската историја“.

Лав Гумиљов (1912-1992) – руските Евроазијци ќе ја надминат Европа

Значајниот историчар и етнограф Лав Гумиљов (син на познатите руски поети од почетокот на XX век Ана Ахматова и Николај Гумиљов) е познат по тоа што го воведе поимот суперетнос - креација создадена од мозаик на етноси во еден регион. Такви суперетноси беа западноевропскиот христијански свет, муслиманскиот свет. Во текот на својот историски развој, рускиот народ, кој до XVIII век опфаќаше и други етноси ширејќи се кон Сибир и Централна Азија, стана суперетнос. Рускиот суперетнос е значително помлад од западноевропскиот и затоа сé уште е во пониска фаза на развој, но, според Гумиљов, наскоро ќе доживее процут.

Гумиљов беше приврзаник на „Евроазиството“, односно веруваше дека западноевропската култура се наоѓа во криза и дека токму Истокот ќе ја преземе нејзината водечка улога. Рускиот суперетнос, кој ги поврзува Европејците-Словени со несловенските народи на Азија – би требало да стане еден од носителите на културата на Евроазиството.

Лав Гумиљов посвети неколку години на проучување на Азија и беше воодушевен од нејзината култура. „Баналниот евроцентризам е доволен за перцепцијата на малограѓанинот, но е неупотреблив за научното осмислување на разновидноста на набљудуваните појави. Затоа што од гледна точка на Кинезот или Арапот, Западноевропејците изгледаат инфериорно“ – напиша Гумиљов во својата книга „Етногенеза и биосфера на Земјата“.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња