9 необични (и чудни) парички на руските цареви

Национална нумизматичка колекција / Национален музеј на американската историја
Првите ковани пари во Русија се појавиле кон крајот на 10 век за време на кнезот Владимир Свјатославович. На предната страна била втисната недвосмислена порака: „Владимир, а ова е негово сребро“. Оттогаш речиси секој владетел ковал свои пари, и не само за купување и за продажба, ами и како извесен вид награда.

1. Квадратна рубља

Бакарна рубља на Екатерина 1725

Ковањето пари не е евтино задоволство. Петар Први тоа го почувствувал, што се вели, „на своја кожа“. Во негово време наместо обични пари, ковани на плоскати парчиња сребрена жица, се појавиле машински направени тркалезни монети. Меѓутоа, немало доволно сребро, па наместо тоа се користел уралски бакар што го имало во изобилство. Идејата на рускиот реформатор на дело ја спровела неговата сопруга Екатерина Прва. Така во периодот од 1726 до 1727 година во рударските погони на Екатеринбург биле правени лостови со жиг или „плочи“. Не изгледале многу ефектно. Тоа биле обични квадратчиња со руски грб во аглите, а во центарот имало број со кој се означувала вредноста на паричката, а исто така и местото и времето кога е направена паричката. Ваквите пари се правени во различни апоени, од најситни, кои се мереле во копејки, до најголеми во рубли. Колку што била повисока вредноста, толку била потешка паричката. На пример, копејката била тешка нешто повеќе од 16 грама, а бакарната рубља голема колку дланка тежела повеќе од 1,6 килограми!

2. Сестрорецка рубља

Сестрорецка рубља на Екатерина II (1771) од цврст бакар (со пречник од 77 милиметри, дебелина од 26 милиметри) е најголемата бакарна пара која некогаш била издадена (со исклучок на шведската плочеста пара). 1 милиметар поголема и подебела од стандарден пак за хокеј.

Со сестрорецката рубља можеле да се коваат клинци. Оваа џиновска кованица била тешка 930 грама (а, паричката од пет копејки тогаш тежела 50 грама). Бакарната рубља личела на минијатурна плочка за хокеј и служела како замена за првите руски хартиени пари. Во секој случај, со оваа намера во 1771 година Сестрорецките фабрики за оружје почнале да ги коваат пробните партии. Меѓутоа, тука сѐ застанало, така што овие кованици не биле воведени во оптек.

3. Кованици од платина

Три рубли 1828. (реверс)

Само неколку години откако на Сибир започнала да се вади платина, било одлучено од неа да се коваат пари. Кованиците од три, шест и дванаесет рубли биле првите пари на светот направени од овој метал. Биле правени речиси 20 години, од 1828 до 1845 година. За тоа време биле извадени вкупно 32.000 килограми платина, а половината од ова количество било претворено во пари. Се чинело дека „раскошните парички“ долго ќе бидат во оптек напоредно со сребрените и со златните побратими, но одненадеж сѐ запрело. Според една верзија на настаните, ковањето пари од платина било запрено поради стравувањето дека благородниот метал ќе изгуби од вредноста. Сите резерви на платина биле продадени на Англија и овие пари повеќе никогаш не се ковале.

4. Верзија за странство

37 рубли и 50 копејки (100 франци), 1902 година, реверс. Број.48 по каталогот на Сидоров В.Ј, Савин Д.Ј.

Во времето на последниот руски император била извршена монетарна реформа и рубљата се врзала за златото. Покрај кованицата со вообичаена номинална вредност во оптек се појавиле и нестандардни варијанти, на пример 7,5 рубли. Но ковачницата за пари морала да прави и многу позначајни монети. На пример, златници од 37,5 рубли. Паричката од 1902 година со профил на императорот Николај Втори и со руски грб имала две номинални вредности: рубља и француски франк, зашто била наменета за плаќање во странство. Не е исклучено дека кованицата од злато со чистота од 900 примероци била потребна за протоколарни подароци, зашто ваквите необични пари завршиле како сопственост на членовите на императорското семејство.

5. Руси наместо рубљи

Министерот за финансии Сергеј Вите одлучил повторно да „измисли“ златна рубља и да ја подигне нејзината вредност на меѓународниот пазар. Од неколку називи кои доаѓале предвид тој го избрал зборот „рус“. Новата кованица однадвор не се разликувала од старите, освен по тоа што е променет називот. На пример, златната империјална паричка вредела 15 рубли, а сега тоа било 15 руси. А, две третини од империјалот, односно десет рубли, сега веќе била кованица од 10 руси. Николај Втори нарачал пробен тираж и не бил воодушевен од идејата на Вите. Така рубљата останала во оптек, а новата валута не заживеала.

6. Сибирски пари

Сибирска кованица, 5 копејки.

Припојувањето нови територии донело и сериозен проблем. Излегло дека е мошне скапо да се испорачаат во оддалечените делови на земјата пари исковани во Санкт Петербург. Поради тоа била донесена одлука парите да се коваат на лице место. Парите за Сибир од 1766 година се ковале во локалната Сузунска фабрика од богатите резерви бакар. За волја на вистината, овие кованици биле во оптек само на својата територија, од Тара до Камчатка. Речиси сите тие, освен паричките од половина грош (1/4 копејки) кои имале најмала вредност, имале на задната страна грб на Сибирскиот ханат.

7. Кованица без портрета

1/3 империјал (царска златна кованица) или 5 „руси“, реверс. Број 5 по каталогот на Сидоров В.Ј, Савин Д.Ј.

Павел Први проблемот на големиот надворешен долг и сѐ поголемата инфлација го решавал едноставно: ги уништувал резервите монети и го зголемувал количеството метални пари. Суровината се добивала на сите можни начини. Дури и дворскиот сервис од сребро се претопувал во пари. Во негово време за првпат се појавиле кованици без портрет на императорот. Наместо тоа имале монограм од четири букви „П“ со римскиот број I во средината. А, на реверсот биле исковани зборови од Псалтирот: „Не нам, не нам, ами на Името Твое’. Патем речено, така изгледале паричките од половина и од една рубља, што биле вообичаени вредности, но и „ефимките“, односно пробните кованици од сребро чија вредност била 1,5 рубли.

8. Константинова рубља

Константинова рубља

Чудно е што во Русија никогаш не постоел владетел по име Константин, а постоеле кованици со неговиот лик. Работата е во тоа што по смртта на Александар Први, кој немал деца, требало да биде устоличен синот на Павел Први. Тој, меѓутоа, не сакал да биде император, па било планирано тронот да се довери на неговиот брат, великиот кнез Николај Павлович. Неколку години пред смртта Александар Први составил таен документ во кој го доверува тронот на Николај, но многумина не знаеле дека постои тој манифест. Затоа во Санктпетербуршката ковачница за пари започнале да коваат парички, без да го чекаат крунисувањето. На крајот сиот овој тираж бил уништен, освен неколку примероци.

9. Златник наместо медал

Постои изрека дека златото е „царот на металите“ и метал на царевите. И тоа е навистина така. Монарсите веднаш по крунисувањето биле засипувани со скапоцени кованици и ги користеле како украси и како пригодни подароци. На почетокот златници се делеле за подвизи во војни, па дури во 18 век наместо нив биле воведени медали и ордени. На пример, со златник е награден Фјодор Головин затоа што во 1689 година го потпишал Нерчинскиот мировен договор со кој била дефинирана границата помеѓу Руското Царство и Кина.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња