Зошто знамињата на словенските држави личат едно на друго?

Russia Beyond (Legion Media, Public Domain)
Знамињата на Србија, на Хрватска, на Словенија, на Бугарија, на Чешка и на Словачка се слични по углед со руското знаме. Меѓутоа секое има свој сопствен историјат и еволуција.

Странците понекогаш не прават разлика помеѓу руското знаме и знамињата на определени земји од Источна и од Југоисточна Европа. Тоа е така зашто насекаде ги има истите бои – бела, сина и црвена, само со различен редослед (освен тоа, знамињата на Србија, Хрватска, Словенија и Словачка покрај разнобојните полиња имаат и државен грб).

Овие бои често се сметаат за пансловенски. Тие на извесен начин ги обединуваат словенските држави, како што скандинавскиот крст е заеднички за Финска, Исланд, Норвешка, Шведска и Данска.

Се смета дека Првиот словенски конгрес од 1848 година на кој овие бои биле официјално усвоени, бил важна пресвртница во формирањето на идеологијата на панславизмот во Европа. Историчарите, меѓу кои е и Георгиј Вилинбахов, претседател на Хералдичкиот совет при претседателот на РФ, сметаат дека учесниците на конгресот го избрале бело-сино-црвеното знаме како основа за знамињата на ослободителните движења на своите народи.

Пансловенско знаме, предложено на Првиот словенски конгрес во 1848 године во Прага.

Меѓутоа, во тој период и самата Русија официјално имала црно-жолто-бело знаме, а словенските народи и пред овој епохален конгрес ги користеле бело-сино-црвената тробојка (со еден или со друг редослед на боите) како свое национално знаме.

Руското знаме

Знамето на Русија

Стручњаците сметаат дека руското знаме за првпат се појавило во 1668 година (за време на владеењето на царот Алексеј Михајлович), кога на првиот руски воен брод под називот „Орел“ бил подигнат прототипот на денешната тробојка. Бело-сино-црвеното знаме се користело и во времето на Петар Први. Имено, во 1693 година на бродот „Свети Петар“ кој имал дванаесет топови, било подигнато „знамето на царот московски“ украсено со златен двоглав орел.

На 20 јануари 1705 година Петар Први издал указ „За знамињата на трговските речни бродови“, каде било пропишано дека трговските бродови мораат да користат ваква тробојка. Така, благодарение на бродовите, овие бои во странство започнале да асоцираат на Русија. Императорот Александар Трети во 1885 година потврдил дека знамето на руските бродови е цело-сино-црвено.

Александр II и Насир ел Дин Шах Каџар на воена парада на Царичината ливада (денес Марсово поле) 1873.

Од друга страна, во 1709 година на императорското знаме на Петар Велики се појавила црно-жолто-бела комбинација, која потоа се користела на свечените државни церемонии. Тоа во 1858 година (половина век подоцна) е официјално усвоено, а бело-сино-црвеното знаме и понатаму се користело на трговските бродови. Тробојката на која сме навикнати е официјализирана дури во времето на царот Николај Втори, кој во 1896 година го укинал императорското црно-жолто, бело знаме.

Знамето на Србија

Бело-црвено-синото знаме се поврзува со времето на Првото српско востание (1804-1813), а црвено-сино-белото официјално го вовел кнезот Милош Обреновиќ, водачот на Второто српско востание (1815-1817).

По признавањето на автономијата од страна на Османлиското царство Кнежевството Србија во 1835 година донело Устав во кој српското знаме е опишано како платно со црвена, бела и сина боја. Ваквата комбинација предизвикала критика поради асоцијацијата со знамето на Франција, па истата година е одлучено да се врати црвено-сино-белата тробојка.

Истиот редослед на бои по угледот на Србија го користело Кнежевството (подоцна Кралство) Црна Гора.

Сино-бело-црвеното знаме се вратило во 1918 година кога е основано Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (од 1929 година Кралство Југославија), и беше во употреба сѐ до 2006 година, односно до времето на Сојузна Федеративна Република Југославија, Сојузна Република Југославија и Државната заедница на Србија и Црна Гора.

Сепак, во споменатиот период е користено и црвено-сино-белото знаме. Тоа од 1947 година беше симбол на Србија во составот на Југославија, а потоа стана нејзин официјален симбол во современото време.

Знамето на Хрватска

Во Хрватска кај народот често се користат традиционалните бои црвена, бела и светлосина. Тие добиле официјален статус во 1848 година кога генералот Јосип Јелачиќ е прогласен за бан, односно за владетел на Далмација, Хрватска и Славонија. Тоа било време на револуцијата во Хрватска од 1848-1849, во времето кога народната тробојка станала симбол на националниот идентитет. Подоцна во истиот редослед овие бои се појавиле и на знамето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, а воедно ја претставувале и знамето на хрватската територија во состав на широките државни ентитети во текот на 20 век. Црвено-бело-сината тробојка и денес е симбол на Хрватска.

Знамето на Словенија

Словенечката тробојка има сосема ист редослед како и руската (со тоа што кај Словенците сината боја е нешто посветла). Таа се појавила за време на Војводството Крањско, „предок“ на современата Словенечка држава во состав на Светото римско царство и подоцна на Австро-Унгарија.

Покрај тоа, рускиот историчар Георгиј Вилинбахов истакнува дека словенечкото знаме во сегашниот облик е усвоено во 1848 година на Првиот словенечки конгрес како „копија“ на руското знаме.

Знамињата на Чешка и на Словачка

Во Словачка бело-сино-црвената тробојка се појавила во времето на револуциите кои во 1849-1849 година избиле во многу европски држави. Тогаш Словаците се побуниле против унгарската круна. Официјално станала државен симбол на 18 септември 1848 година и се користела на територијата на Словачка, која во 20 век била дел од различни државни ентитети.

Се смета дека сината боја (нешто посветла од онаа на знамето на Руската Федерација) е преземена од руското и од хрватското знаме (Русите ги доживувале како покровители на Словените, а Хрватите како братски народ и „соседи во составот на Унгарија“).

Чесите од 12 век на грбот имале бела и црвена боја. Кога во 1918 година била формирана Чехословачка, од левата страна е додаден синиот триаголник кој ја претставува Словачка. По поделбата на државата во 1993 година, Чешка ја наследи тробојката, а Словачка го врати знамето од 1848 година.

Знамето на Бугарија

Боите на бугарското знаме не се вклопува во пансловенската палета на бои. Наместо сината историски е зелена. Сепак, и Бугарија во својата историја имала период кога на нејзината територија е користено знаме со црвена, бела и светлосина боја. Во времето на руско-турската војна (1877-1878) руските монахињи од Иверскиот манастир на бугарските востаници им подариле Самарски бајрак на кој во средината бил извезен крст со иконата на Пресвета Богородица Иверска.

Овој бајрак се почитувал како национална светиња и бил еден од симболите на бугарската армија. Тоа е единствениот бајрак во историјата на оваа земја кому му е доделен првиот бугарски орден „За храброст“. Востаниците го носеле во борбите за Стара Загора, Нова Загора, Шипка и Шејново. Од 1946 година бајракот се чува во Националниот воено-историски музеј на Бугарија. Патем, современите знамиња на Самара и на Самарската област имаат изглед токму како Самарскиот бајрак.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња