3 теории на завера за САД што ги создаде КГБ

Kira Lisitskaya (Photo: Legion Media)
За време на Студената војна дезинформациите беа смртоносно оружје што помагаше во унапредувањето на интересите на СССР.

1. СИДА беше изум на Пентагон

На 30 март 1987 година милиони Американци ја слушнаа шокантната вест на националната телевизија: „... вирусот што се нарекува СИДА избегал од лабораториите на американската војска која спроведувала експерименти во биолошка војна“, објави водителката на Си-Би-Ес.

Пред веста да дојде до американската публика, веќе ги имаше поткопано американските интереси ширум светот. Како што излезе подоцна, КГБ стоеше зад оваа доброорганизирана кампања на дезинформации.

Во текот на Студената војна, советската тајна полиција беше преокупирана со тоа да го повреди најголемиот непријател на СССР - САД, и во меѓувреме да придобие што повеќе земји од Третиот свет.

Одделот „А“ во рамките на Втората главна управа на КГБ, генерално одговорен за контраразузнавачките работи, имаше задача да обликува перцепција кај поединците и кај група непријателски настроена кон советските интереси по пат на тајни иницијативи и кампањи за влијание на странските влади и јавното мислење во странство.

Приказната за СИДА беше успешна кампања за дезинформирање на Одделот „А“ под кодно име „Операција ИНФЕКЦИЈА“.

На почетокот КГБ ја уфрли приказната во локални весници објавени во Њу Делхи, а оттаму тргна работата. Ја презедоа разни весници ширум светот, а на крајот дојде на американската национална телевизија. Приказната се трансформираше, со оглед на тоа што повеќе пати беше објавувана, но суштината остана иста: СИДА ја има измислено човек, американската војска ја има создадено и болеста главно ги напаѓа маргинализираните заедници во САД и во странство.

Иако истакнатиот советски виролог Виктор Ждавнов јавно ги отфрли овие наводи, беше направена штета на американските интереси. Измислената приказна ги поткопа сите изгледи за продолжување на договорот за закуп на бази и создаде други проблеми за САД во земјите како што се Јужна Кореја, Никарагва, Панама, Турција, Кенија, Заир и други.

„Кога теоријата на завера за СИДА влезе во глобалната потсвест, самата по себе стана пандемија. Како и секоја 'добра' приказна, патуваше главно по устен пат, особено внатре во најзагрозените подгрупи. Ефикасно искористувајќи ја динамиката на гласини и теории на завери, разузнавачките служби на советскиот блик создадоа чудовиште што ги надживеа своите творци“, напиша историчарот Томас Богард за тајната советска операција.

2. ЦИА има создадено завера да го убие Џон Ф. Кенеди

Две години откако Вореновата комисија што ја основаше Линдон Џонсон за да се истражи атентатот на Џон Кенеди заклучи дека смртоносниот куршум што го уби го има испукано Ли Харви Освалд, се случи неочекуван пресврт.

Далас, Тексас, 22 ноември 1963 година.

Окружниот обвинител од Њу Орлеанс Џим Харисон отвори сопствена истрага за убиството на претседателот Кенеди. Шокантно за сите, обвинителот го уапси американскиот бизнисмен Клеј Шоу и го обвини дека организирал завера која кулминирала со смрт на претседателот Кенеди.

Овој нов пресврт во злосторството на векот ветуваше дека ќе предизвика пустош во САД, а работата се влоши со тоа што врските на Клеј Шоу со ЦИА беа откриени во текот на истрагата. Очигледно, Шоу бил наведен во базата на податоци на ЦИА како извор за Службата за контакти со домашните луѓе, единица одговорна за барање контакти со американските граѓани кои патуваат во странство и беа во позиција да собираат значајни разузнавачки податоци како рутинска работа. Истрагата на Џим Харисон сугерираше дека постои можност за домашна завера за атентат врз Кенеди.

За време на апсењето, италијанскиот левичарски весник „Паезе сера“ објави напис во кој поврзаноста на ЦИА со Шоу беше детално објаснета. Во написот се тврдеше дека Клеј Шоу не е обичен меѓународен бизнисмен, ами неговата деловна активност била параван за неговиот вистински идентитет: шпион на ЦИА. Медиумите го обвинија Шоу за вмешаност во псевдокомерцијални активности преку „Чентро мондијале комерцијале“, групација за промоција на трговијата која наводно е создадена од ЦИА и е наменета за тајни операции и за политичко-шпионски активности во Италија.

Клеј Шоу

Обвиненијата повторно се печатеа во други левичарски весници, вклучувајќи го и советскиот весник „Правда“, што на крајот предизвика медиумска бура во САД.

Според дневникот на уредникот на „Лајф“ Ричард билингс, кој блиску соработуваше со обвинителот Џим Харисон, во раните фази на истрагата, написот на „Паезе сера“ и неговото повторно печатење го увериле Харисон дека неговата теорија е точна и го натерале понатаму да ги истражува врските помеѓу Шоу и ЦИА и покрај противењето на неговите помошници.

Потоа КГБ премина на финансирање и објавување книги кои навестуваа дека Џон Кенеди бил жртва на десничарска завера. Иако Клеј Шоу беше ослободен од обвинението од страна на поротата, неговата врска со ЦИА беше врежана во потсвеста на многумина Американци, поттикнувајќи ја една од најпопуларните теории на завера во 20 век.

3. Владата на САД го има создадено лажниот активист Мартин Лутер Кинг

Кога на телевизија се појави феноменот на Мартин Лутер Кинг, Советите на почетокот планираа да го искористат. Планот беше едноставен: да се разоткрие расната неправда во САД и да се придобијат земјите од Третиот свет во Африка и во другите делови од светот во време кога двете суперсили бараа сојузници и држави-клиенти да се приклучат на нивната страна во борбите од Студената војна.

Мартин Лутер Кинг

Во овој поглед, подемот на Мартин Лутер Кинг беше позитивен развој на настаните за КГБ зашто виде дека неговата кампања добро се ускладува со нивните сопствени цели за разоткривање на најлошите особини на американскиот империјализам и расната неправда што лежи во срцето на капиталистичкиот блок.

Меѓутоа, КГБ наскоро ќе стане разочаран од постојаното нагласување за американскиот сон на Кинг и ќе се фрустрира од неговата стратегија што се карактеризира со ненасилство и граѓанска непослушност.

Иронично, додека највисоките рангови на Еф-Би-Ај се обидуваа да го претстават Кинг како инструмент под советско влијание и закана за американската безбедност, КГБ на своите агенти им додели да водат клеветничка кампања против водачот на американското движење за граѓански права.

Агентот на КГБ Јуриј Модин организираше појавување бројни написи во весниците објавени ширум африканскиот континент во кои Кинг беше прикажан како агент на американскиот империјализам, кого тајно го финансира американската влада, со цел да ги скроти и да ги засени вистинските активисти за граѓански права внатре во Соединетите Американски Држави.

Освен тоа, КГБ ги овласти агентите во САД да ги разоткријат „бруталните терористички методи што владата ги користи за уништување на движењето за правата на црнците“. Можеби целта на кампањата за дезинформација била да се започне насилна расна борба во дворот на идеолошкиот непријател на СССР.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња