Откриени, но не и скршени: Тројца советски разузнавачи во германски раце

Russia Beyond (Photo: Public domain; Archive photo)
Издржаа страшни мачења, но не ја предадоа татковината и ги спасија животите на неколку стотици други разузнавачи.

1. Владимир Молодцов

Владимир Александрович Молодцов, Херој на Советскиот Сојуз.

Пред почетокот на војната против нацистичка Германија, Владимир Молодцов беше на раководна функција во советската служба за надворешно разузнавање. Меѓутоа, кога германските трупи влегоа во СССР, тој мораше да дејствува како диверзант.

Во јули 1941 година, Молодцов беше испратен во Одеса да организира партизанско движење таму и да раководи со диверзантските и разузнавачките активности во заднината на непријателот доколку градот биде окупиран. Во тоа време, кон „бисерот покрај морето“ се устреми 4-та романска армија со поддршка на неколку германски единици и формации.

Советските трупи даваа отпор во Одеса до средината на октомври. Штом првите непријателски единици влегоа во градот на 16 октомври, веднаш се најдоа на удар на партизанските одреди подготвени од Владимир Молодцов. Веќе на 22 октомври, беше крената во воздух романската команда и тогаш загинаа неколку високи офицери, меѓу кои и новоименуваниот командант на градот Јон Глогожану.

Одредот на В. А. Молдоцов тргнува на задача од Одеските катакомби.

Истата година, на 17 ноември, на станицата „Застава“ беше разнесен романски воз. Во таа прилика загинаа неколку стотици офицери на романската армија и функционери на градската влада во окупираната Одеса. Илегалците ги уништуваа комуникациите и железничките пруги, изведуваа диверзии во пристаништето и ја насочуваа советската авијација врз стратешки важни цели.

Тие одреди се криеја во одеските катакомби - разгранет систем на поранешни каменоломи под градот. Германците и Романците концентрираа 16000 војници на ова подрачје со цел да ги избркаат илегалците од подземјето, но не успеаја во тоа.

Молодцов е заробен на 9 февруари 1942 година кога беше предаден од член на одредот. Машки ги издржа сите маки и цело време молчеше. Се огласи само еднаш, кога Романците го осудија на смрт и му понудија да бара помилување. „Јас сум Русин, јас сум на своја земја и немам намера да го молам непријателот за милост!“, рече тогаш Владимир Александрович. Беше стрелан на 12 јули истата година.

2. Виктор Љагин

Виктор Александрович Љагин, Херој на Советскиот Сојуз.

Есента 1941 година Виктор Љагин, по задачата добиена од Москва, застана на чело на илегалното движење во окупираниот град Николаев на брегот на Црното Море. Во тоа време овој советски капетан на државната безбедност веќе имаше богато искуство во разузнавачки активности во САД.

Благодарение на Љагин и неговите другари, градот Николаев стана вистински пекол за Германците. Советските групи броеја неколку стотици луѓе, а уништија цела низа стратешки важни објекти, вклучувајќи и аеродром со 20 авиони, воени магацини и возен парк со триесетина камиони.

Покрај тоа, тие редовно испраќаа во Москва скапоцени разузнавачки податоци за непријателскиот гарнизон и интензивно агитираа меѓу жителите на градот, повикувајќи ги да се кренат за да се борат против Германците.

Николаев за време на окупацијата.

На почетокот на 1943 година, николаевската илегала беше речиси целосно уништена, а Виктор Љагин падна во рацете на Германците. Го сослушуваа и мачеа, но тој не ги предаде илегалците кои останаа на слобода, така што тие ја продолжија својата борба сé до ослободувањето на градот во март 1944 година. Разузнавачот не го дочека тој ден – беше стрелан на 17 јули 1743 година.

3. Алиме Абденанова

Алиме Абденанова

Есента 1943 година советската команда сериозно почна да размислува за ослободување на Крим. Пред почетокот на офанзивните операции беше потребно да се формира разгранета мрежа на агенти на тоа подрачје, а токму на тоа поле имаше големи тешкотии.

Окупаторот масовно го носеше населението на работа во Третиот Рајх, а жителите кои останаа дома беа тројно евидентирани, а слободата на движење ограничена. Германците го имаа полуостровот како на дланка, па во такви услови беше исклучително тешко да се уфрлат разузнавачи на Крим.

Приказ на мрежата на агентурниот центар „Баст“ на Крим, 1943-1944.

Меѓу оние кои успеале да се уфрлат беше и Алиме Абденанова. Оваа Кримска Татарка, родум од градот Керч на западниот брег на Крим, беше резидент на разузнавачкото одделение на Штабот на Приморската армија. Ноќта меѓу 2 и 3 октомври таа со падобран слета во близина на селото Џермај-Кашик, каде што живееја нејзини роднини.

Абденанова успеа да обедини дел од жителите на тоа село во илегалната група „Даја“, која под нејзино раководство го надгледуваше движењето на непријателските трупи и воениот транспорт, а исто така собираше и податоци за германските утврдени одбранбени позиции.

Во февруари 1944 година, по пет месеци успешна разузнавачка работа, Алиме беше откриена и фатена. Германците ја подложија дваесетгодишната девојка на страшни маки. Ѝ го изобличија лицето, ѝ ги искубаа косата и ноктите и ѝ ги скршија нозете и рацете. Но, не успеаја да извлечат никаква информација од неа.

Алиме Абденанова беше стрелана во Симферопол на 5 април 1944 година, една недела пред Црвената армија да го ослободи градот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња