Како советски функционер стана еден од најгласните заговорници на нацизмот

Russia Beyond (Photo: Archive photo: Getty Images)
Карл Албрехт искрено верувал во комунистичките идеали, нo тоа не му пречело верно и предано да му служи на Хитлер.

„Ние, германските социјалисти, сме ваши искрени пријатели! Нашиот водач Адолф Хитлер на вашата татковина ѝ носи ослободување! Илјадници германски работници и селани веќе ги имаат дадено своите животи за вашата слобода“, вака во 1942 година пишувал Карл Албрехт, еден од најистакнатите заговорници на Третиот рајх, во текстот кој потоа бил делен на окупираните територии во вид на брошура под наслов „Зарем е ова социјалистичка држава?“

Необично е тоа што истиот човек десет години претходно бил висок советски функционер – раководел со целата дрвна индустрија во СССР. Како дошло до една олку неверојатна промена?

Предан комунист?

Карл Албрехт, почетокот на педесеттите години од минатиот век

Карл Албрехт (роден како Карл Матеус Лев) по завршувањето на Првата светска војна им се приклучил на комунистите. Германија ја зафатила длабока криза и во неа не можел да се смири, па по совет на своите партиски другари во 1923 година заминал во Советска Русија коjа тогаш примала стручњаци од странство.

За волја на вистината Албрехт го немал завршено своето школување на насоката за преработка на дрва, па во Ленинград се запишал на земјоделски факултет. Бил неверојатно вреден и упорен, и знаел да склопува корисни познанства, така што недовршеното школување, недоволното искуство во работата и јазичната бариера не му претставувале препрека за вртоглавата кариера што ја направил во СССР. Од обичен инженер овој Германец за неколку години дотуркал до раководител на секцијата за дрвопреработувачка индустрија при Работничко-селската инспекција.

Една од задачите на Албрехт била државна контрола на една од најприходните гранки на советското стопанство. Тој бил одговорен за работата на дрвопреработувачката инспекција во различни региони на земјата и резултатите ги реферирал непосредно пред државниот врв.

Во 1930 година Карл Албрехт заминал на службено патување во Скандинавија и во Германија од каде се вратил со многу нови идеи поврзани со модернизацијата на дрвната индустрија во Советскиот Сојуз. Според него, користењето на работната сила на робијашите била една од најголемите пречки во подигнувањето на ефикасноста на оваа стопанска гранка, и тој постојано ја критикувал суровата експлоатација на затворениците.

Од серијата „Беломорско-Балтички канал. Бродска преводница број 10“.

Бил толку отворен во критиката на методот на управување во оваа сфера што стекнал многу непријатели меѓу своите колеги на високи функции. Семејството на познатата германска комунистка Клара Цеткин, со која Карл бил мошне близок, во една пригода му посоветувало да се чува, за и тој самиот еден ден да не биде протеран на Сибир.

Со текот на времето Албрехт сѐ повеќе размислувал за тоа да го напушти СССР. Во текот на своите патувања на рускиот Далечен Исток во март 1932 година тој се обратил на германскиот конзулат во Владивосток со молба да се врати во татковината. Набргу потоа советските специјални служби го уапсиле како германски шпион.

Карл Албрехт поминал една и пол година во затвор, а потоа бил помилуван и бил пуштен на слобода. „Не можевме да им веруваме на сопствените очи кога во 1934 година Албрехт се појави во амбасадата и замоли за дозвола да се врати во Германија заедно со својата сопруга, која беше Русинка, и со детето“, има напишано германскиот дипломат Ханс фон Херверт во својата книга „Помеѓу Хитлер и Сталин“. „Тој ни објасни дека и покрај професионалниот успех работата не му нуди задоволство и дека му е преку глава од Советскиот Сојуз и од ужасната политика на Сталин која му е крајно одвратна. Дури и фактот што на власт дошле националсоцијалистите не влијаеше на неговата одлука да се врати во Германија“.

Во служба на Третиот рајх

Поранешниот советски функционер дома не го пречекаа кули и градови. Единствен извор на приходи била малата инвалидска пензија што Албрехт ја добил за нарушеното здравје во текот на светската војна.

Се обидел да најде работа во Турција, но без успех. Бил толку очаен што веќе размислувал за враќање во Советскиот Сојуз кога ненадејно му се обратило Министерството за народна просвета и пропаганда на Јозеф Гебелс. Албрехт бил вклучен во работата на организацијата „Антикоминтерн“ која ја координирала кампањата на антисоветската пропаганда.

Карл со години живеел во СССР и добро ги познавал принципите на устројството и на функционирањето на советското општество, и како таков бил вистински скапоцен камен за нацистичката пропагандна машинерија. Започнал интензивно да настапува на радио и да го пишува своето животно дело, книгата „Изневерен социјализам. Десет години во својство на висок државен функционер во Советскиот Сојуз“.

Корица на автобиографската книга на К.И. Албрехт што ја користела нацистичката пропаганда.

Книгата била издадена во 1938 година. Во неа авторот жестоко го критикува Сталин, „јудејско-болшевичките диктатори“ и економско-политичкиот систем што тие го создале. Тоа бил еден од најважните пропагандни трудови во историјата на Третиот рајх. Кон крајот на Втората светска војна тиражот на оваа книга надминал два милиони примероци.

Од 1942 година Карл Албрехт работел за Министерството за пропаганда, но неговиот своеволен карактер и тука дошoл до израз. Поради конфликти со раководството преминал во „Организацијата Тодт“, која изведувала градежни работи на окупираните територии и ги користела воените заробеници како работна сила.

Гледајќи како молскавично расте отпорот на Црвената армија, Албрехт агитирал за промена на односот кон населението на окупираните територии, како и кон остарбајтерите (работниците од истокот) кои биле протерани во Третиот рајх. Тврдел дека со Русите треба да се соработува, дека не треба да им се заканува со казнена експедиција, ами да им се служи како „сила што раководи и насочува“, која ги подобрува условите на нивниот живот, а со самото тоа и продуктивноста на нивната работа. На иницијатива на поранешниот стручњак за преработка на дрво основани се претпријатија чија цел била да покажат пример за користењето на советските воени заробеници кои според неговото мислење било исправно.

Германски воени заробеници на улиците на германскиот град Ахен.

Албрејт имал навика отворено да го искажува своето мислење кое не секогаш било на иста линија со генералната линија на партијата, и поради тоа не можел долго да остане на едно место. Така во 1944 година се нашол во Вафен-СС, каде се занимавал со пропагандна работа меѓу воените заробеници и доброволците од истокот. Во последните денови од војната е унапреден во чин штурмбанфирер на СС и добил свој баталјон. Со ова баталјонот се предал на Американците.

Две години подоцна поранешниот советски, а потоа нацистички функционер излегол на слобода. Избегал сериозни последици благодарение на своите „настапи во одбраната на руските заробеници“ за време на војната. Карл Албрехт се преселил во Западна Германија и до крајот на животот се занимавал со антикомунистичка пропаганда.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња