Каков бил животот во Русија пред луѓето да го изгубат правото на носење оружје? (ФОТО)

Слободни извори
Пред Октомвриската револуција да ги лиши сите Руси од правото на носење огнено оружје, пушките, пиштолите и револверите биле толку масовно присутни кај народот што властите морале да забранат пукање во затворен простор и на улица.

Со векови руската држава со сопствениците на оружје имала однос кој се движел помеѓу љубовта и омразата.

Во 17 век руската држава ги охрабрувала луѓето да носат оружје. „А, тие и нивните селани треба да ги имаат сите видови огнено оружје, така што никој не смее да биде невооружен кога ќе дојдат Татарите“, гласи указот од 1652 година.

Иако постоеле определени ограничувања, тие главно се однесувале на посебните случаи кога на луѓето им било забрането да носат оружје на определени места, главно, во опкружување на царот.

Години подоцна, во 1684 година, воведени се нови ограничувања: на сопствениците на оружје им било забрането да пукаат во своите домови. Честите пожари во Москва, градот во кој речиси сѐ било од дрво, најверојатно биле причината за ова правило.

Во 1718 година Петар Велики објавил указ „За забрана за пукање во дворовите и на улиците со закана за парична казна“. Очигледно сопствениците на оружје во тоа време ја вежбале својата вештина за гаѓање каде ќе им било згодно. Од 1718 година па натаму, меѓутоа, наредено им било да „одат на полињата во предградијата, кадешто нема куќи“.

Во 19 век продажбата на оружје била регулирана со закон кој пропишувал: „На сите и секому му е забрането да носи оружје, освен на оние на кои тоа законот им го дозволува или им го пропишува“.

Ова, сепак, не значело дека на граѓаните им било одземено правото да носат оружје. Законот не забранувал поседување или носење пиштол за самоодбрана, за лов и за спорт. Затоа пиштолите и пушките биле популарни кај различни класи луѓе, што им носело профит на производителите и на овластените продавачи на оружје.

Моделите на компаниите како што се Smith & Wesson, Winchester, Mauser, Parabellum и Brownings го преплавиле рускиот пазар. Многу нивни пушки ги освоиле симпатиите на руските сопственици на оружје.

Оружјето, исто така, било релативно пристапно. На пример, револвер Smith & Wesson се продавал за 33,5 рубли. Со оглед на тоа дека работниците во просек заработувале 26 рубли месечно, за нив тоа било премногу скапо, но сепак било пристапно за повисоката класа од населението.

Рекламите и огласите од тоа време исто така сугерираат дека поседувањето огнено оружје во Руската Империја на преминот од 19 кон 20 век не било ништо необично. Оружјето се продавало заедно со други предмети како што се спортска опрема и опрема за престој во природа. Купеното оружје, исто така, им се испраќало по пошта на купувачите, што денес е забрането.

Памфлетите го рекламирале изгледот на оружјето, неговите технички квалитети, како што е огнената моќ. „Убавината на севкупниот изглед е неспоредлива“, „едноставност на дизајн и неспоредлива леснотија за носење во џеб“, „пушката убива коњ на оддалеченост од 200 чекори“. Вакви слогани користеле овластените продавачи за да ги рекламираат своите производи.

Нешо поскапите пиштоли од марките Luger и Brownings биле показател на статусот на сопственикот. Луѓето што не можеле да си дозволат скапи модели избирале попристапни џебни револвери како што е Velo-Dogs. Тие се користеле за заштита од кучиња-талкачи за време на возење велосипед.

Посиромашните луѓе кои не можеле себеси да си дозволат елегантен пиштол, како што биле кочијашите, на пример, главно за заштита користеле поевтини пиштоли до долга цевка.

Долгата традиција за поседување огнено оружје во Руската Империја завршила веднаш по Октомвриската револуција. Советската власт им наредила на луѓето да го предадат оружјето. Оттогаш на советските и на руските граѓани никогаш повеќе не им било дозволено да користат определен вид огнено оружје, особено пиштоли и револвери за самоодбрана и за каква било друга цел.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња