Во 1962 година беше отворен нов бутик на улицата „Петровка“ во центарот на Москва. Во текот на следните години, таа беше една од најпосакуваните продавници за жени од целиот СССР.
Бутикот се викаше „Ванда“, напишано на кирилица и латиница. Доминираше знакот на кирилица, додека латиницата се наоѓаше само на излогот. Во секој случај, тоа беше реткост за советските прилики. Латиничните букви и необичното име на продавницата сугерираа дека таа нуди стока од странство, нешто за што сонуваше секој советски граѓанин.
Што се однесува до името на продавницата, постојат две теории. Некои веруваат дека името Ванда, женско име популарно во Полска, требало да ја означи земјата од која доаѓаше стоката.
Многу попикантна теорија тврди дека „Ванда“ има симболично значење. Ова име наводно е еден од многуте прекари што ги користела една елитна проститутка. Имено, пред револуцијата во 1917 година таа ги пречекувала своите муштерии во хотелот спроти улицата.
Легендарната Ванда беше единствениот сведок на мистериозната смрт на познатиот царски генерал Михаил Скобелев во 1882 година. Некои веруваат дека оние кои го нарекле бутикот Ванда сакале да ја исмеваат поранешната влада поради тоа што ја толерирала проституцијата. Меѓутоа, оваа теорија е дискутабилна.
Во продавницата се продаваше стока од Народна Република Полска, една од главните советски сателитски држави во Европа. Имаше сè, од теписи до лустери, од музички плочи до елегантен порцелан. Меѓутоа, најбараните артикли во понудата беа козметиката, парфемите и модерната облека.
Советските жени тука можеа да купат најлон-чорапи, кои беа дефицитарни во СССР. Имаше фина долна облека, очила за сонце и накит. Со оглед на недостигот на многу производи во СССР, она што го нудеше „Ванда“ беше вистинско чудо.
Затоа жените од целиот Советски Сојуз сонуваа да го посетат овој бутик во Москва, па редиците пред продавницата беа постојана појава.
Оние кои трпеливо ќе поминеа часови чекајќи на крај имаа можност да изберат од изобилството на артикли што во тоа време беа тешко достапни. Козметика, маскари, шампони, сенки за очи, лакови за нокти, креми за лице, ретки кармини и препознатливиот полски парфем ги чекаа среќните клиенти на полиците.
Бутикот, секако, имаше и асортиман за мажи. Таму се продаваа Polsilver жилети, колонски води и лосиони за после бричење.
Големиот број клиенти и долгите редици на влезот креираа услови за дивите препродавачи кои во продавницата купуваа роба, а потоа ја продаваа на луѓе кои немаа време да чекаат во редиците.
Често тоа беше семеен бизнис. Мажот ќе стоеше на безбедно место со вреќи преполни со бараната роба. Неговата сопруга потоа ќе им нудеше одделни артикли на групата луѓе кои чекаа на крајот на редиците. Ако наидеше полиција, жената немаше да има сериозен проблем, бидејќи со себе имаше само неколку работи.
На крај легендарниот бутик беше затворен. По распадот на Советскиот Сојуз, Русија ја отвори вратата за странски стоки кои брзо го преплавија пазарот и го направија целиот концепт на елитни бутици за продажба на странски производи целосно излишен.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче