Дали руските царски династии Рјуриковичи и Романови биле во сродство?

Russia Beyond (Photo: Public domain; Apollinary Vasnetsov)
Во текстот што следува ќе се обидеме да објасниме и да дадеме одговор на ова вечно прашање.

Зошто воопшто имало две династии во Русија? Затоа што последниот законски цар од Рјуриковичи Фјодор Иванович и неговата сопруга Ирина Годунова не оставиле потомство. А до 1598 година, кога умрел Фјодор, немало легитимни наследници на тронот.

Ирина Фјодоровна Годунова (скулптура изработена според черепот)

Иван Грозни, таткото на Фјодор, ги елиминирал сите семејства  Рјуриковичи кои евентуално можеле да го бараат правото да владеат со земјата. Неговите други синови и наследници, Иван и Дмитриј, умреле или биле убиени. Но, зарем не можеле само да изберат нов цар? Зошто тоа било толку голема работа?

Зошто на Романови им било важно да бидат во сродство со Рјуриковичи?

Во Русија, царската мисија се сметала за света. Царот, со помазанието на царство, се заколнувал дека ќе ги чува својата земја и народот и ќе се грижи за нив. Царството како политички институт е создадено во Москва од нејзините велики кнезови. Тие припаѓале на московскиот огранок на династијата Рјуриковичи, која завршила со смртта на Фјодор Иванович.

Царот Фјодор Иванович Рјурикович

По почетокот на династичката криза и Сматното време, со Русија кратко време владееле неколку цареви - Борис Годунов, Лажниот Дмитриј, Василиј Шујски. Меѓу нив само Шујски бил Рјурикович, а по неговата смрт Русија немала принцови Рјурикович кои би можеле да го преземат тронот. Останале само моќни болјарски семејства, кои им служеле на кнезовите Рјурикович, од чии редови најверојатно ќе се појавела нова династија, која морала да има барем некаква врска со претходната.

Дали Романови биле во сродство со Рјуриковичи? 

Романови биле стара московска болјарска фамилија која почнала да им служи на московските кнезови во XIV век под Иван Калита. Тие имале заеднички предок со Руриковичите - Фјодор Кошка („Мачка“, очигледно прекар), кој бил чукундедо на великиот кнез московски Иван III. И во исто време бил чукундедо на Роман Захарјин-Кошкин.

Роман Захарјин-Кошкин (реконструкција на лицето според черепот)

Роман Захарјин-Кошкин, чие име го дало името на династијата Романови, за нас е речиси непозната личност - само неколку извори го споменуваат. Меѓутоа, тој бил татко на двајца многу важни луѓе.

Неговата ќерка била Анастасија Романовна, првата сопруга на Иван Грозни и мајка на последниот московски цар Рјурикович, Фјодор Иванович. А негов син бил болјарот Никита Романов, татко на Фјодор Романов и основач на династијата Романови. Фјодор Романов, кој станал патријарх руски Филарет, бил татко на Михаил Фјодорович, првиот цар од династијата Романови.

Филарет, патријарх Московски, татко на првиот цар од династијата Романови

Понатаму е сè едноставно - болјарот Никита Романов, основачот на династијата, бил брат на сопругата на Иван Грозни Анастасија, па со Иван бил во сродство како шура. Михаил Фјодорович, првиот цар меѓу Романови, и Фјодор Иванович, последниот цар од Рјуриковичи, имале заеднички предок - Роман Захарјин-Кошкин, татко на царицата Анастасија и болјарот Никита Романов, и на тој начин биле во сродство.

Царот Михаил Фјодорович Романов

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња