Како руските селани се бореле против компирот (и зошто?!)

Russia Beyond (Захар Виноградов / Слободни извори)
Писарите ги заковувале за огради, свештениците се обидувале да ги удават во вода, а сето тоа во потрага поради непостоечката „продажна повелба“, која наводно ги задолжувала селаните да садат компири, кои тие погрдно ги нарекувале „кучешки јајца“. Ваквите измислени гласови што се ширеле меѓу селанството предизвикувале буни.

Да се умре за компир или да се заврши на принудна работа на ѕидање тврдина – ваква горчлива судбина ги снашла некои руски селани кон средината на 19 век кога во Руската Империја дошло до таканаречената компирова буна.

Во градот Долматов (денешна Курганска област) селаните фатиле еден локален старешина, го претепале, го соблекле до гола кожа и се обиделе заедно со уште тројца писари да го удават во река. Чиновниците се скриле во манастир, но селаните се обиделе да ги истераат и оттаму. Разулавената толпа била смирена дури откако од манастирските топови биле испукани предупредувачки истрели.

Во селото Батурино на Шадринскиот округ локалните старешини, свештениците со жените и со ѓаконите – вкупно околу 150 души – биле принудени да се скријат од бунтовниците во црква што селаните почнале да ја напаѓаат. Прогонетите луѓе морале да пукаат со пушки на напаѓачите.

Во Кргопољскиот селски реон од истиот округ селаните – како староверците, така и оние што ја прифатиле реформата на црквата – ги нападнале свештеникот и ѓаконот, ги полевале со студена вода, ги терале да јадат земја и барале да им ја покажат „продажната повелба“ според која селаните наводно биле задолжени да садат компири.

Секако, не е компирот, чие садење со одлука на властите навистина било воведено, единствената причина за буната. Но, селаните, кои овој плод го нарекувале „ѓаволско јаболко“, од непозната градинарска култура направиле чудовиште, против кое се бореле, поткрепувајќи ја својата борба со низа измислени митови.

Против што всушност се бунеле селаните?

Иако компирот во Русија стасал уште во времето на Петар Први, бил застапен само на трпезата на аристократијата како егзотично јадење. Дури во 1765 година Сенатот издал упатство „За одгледување земјени јаболка, под називот потетес (компир)“, во кое се наведувале препораки за одгледување на новата култура. Упатството било испратено во сите губернии на царството заедно сo семе за компир. Но, руските селани не го прифатиле сесрдно одгледувањето на овој зеленчук. На почетокот често се случувало труење. Имено, селаните од незнаење ги јаделе плодовите (бобинките) на компирот или го јаделе незрел или, напротив, изртени компири. Можеби поради таа причина „земјеното“ јаболко во руската срeдина го има добиено називот „ѓаволско“.

Побуните против задолжителното садење компири избиле во четириесеттите години од 19 век во Пермската и во Вјатската губернија кај Урал, при што не се бунеле спаиите, ами државните селани под управа на Министерството за државен имот, основано во 1837 година на чело со грофот Павел Кисељов. Овие селани не им припаѓале на спаиите (кметовите), ниту на царот (дворските селани), ами се нарекувале слободно селско население кое ѝ плаќало да државата дел од летнината.

Автор на реформата на државното селанство, која започнала со основањето на Министерството во 1937 година, покрај Павел Кисељов, бил и грофот Егор Канкрин, министер за финансии (под негова надлежност се наоѓале државните селани сè до 1937 година). Кисељов бил човек со европско воспитување, кој дури и својот личен дневник го водел на француски јазик. А, Егор Канкрин по потекло бил Германец и тешко зборувал руски. Европски ориентираните чиновници не ги интересирало што мисли народот, сметајќи дека, како што пишува историчарот Игор Меншчиков, „народот е заостанат, се плаши од напредок и од новитети што ги носи тој и дека затоа му е потребно постојано старателство од страна на државата“. Управувањето со државните селани им е доверено на чиновниците. Изборните службеници на локалната самоуправа – старешините и писарите – притоа добивале од министерството мундири со сјајни копчиња. Сето тоа не им се допаднало на селаните кои од средствата на селската општина лично издвојувале пари за платите на овие службеници. Целата оваа ситуација на крајот довела до буна.

Во 1840 година министерството издало наредба за задолжително садење компири на државната земја, а онаму каде што немало таква земја, компирот требало да се сади на општинска земја. Селаните од неколку соседни окрузи масовно добивале да ја садат новата култура и почнале да креваат буна, со оглед на тоа дека меѓу нив се ширеле луди гласови.

„Златно ретче“ и „господин Министеров“

Во губерниите кај Урал уште кон крајот на 17 век имало голем број жители на староверските општини и населби, а староверците меѓу селаните секогаш ширеле гласови за поттурувња од страна на власта. Освен тоа староверците решително одбивале да одгледуваат компири и да ги консумират, нарекувајќи ги „кучешки јајца“.

Заплашувајќи ги сонародниците со „компировата реформа“, староверците меѓу селаните ширеле гласови со едноставно неверојатна содржина. Сите слободни селани државата наводно планирала да му ги продаде на извесен „господин“ кого го нарекувале „Министеров“ или „Куљњов“ (извртено од „Кисељов“), а овој ќе ги натера селаните да садат компир, а селанките да ткаат платно од него. Документот за продажба на селаните го нарекле „продажна“ повелба. Според овие гласови, оваа повелба содржи и „златно ретче“, знак за нејзината веродостојност. Доколку на чиновниците им се одземе оваа повелба, селаните ќе ја зачуваат својата слобода.

Во Кљевакинскиот округ селаните на Велигден 1842 година се собрале и решиле „продажната повелба“ да ја бараат во куќата, а свештеникот да го удават во река. Попот се скрил зад камбанаријата и таму минал три дена. „Симни се од камбанаријата, оче Јаков, дај ни ја нашата повелба; ти можеби си невин, си ја скрил против своја волја. Уништи ја продажната повелба, врати ги проклетите јаболка, живеј со нас по старо“, му се обратиле со селаните. Кога тоа не помогнало, селаните го зеле неговото семејство како заложник и синот од една година го обесиле за нозе. Отец Јаков кој се симнал од камбанаријата го заврзале со јаже и го влечеле од едниот брег на реката до другиот, но не ја добиле повелбата од него. Од народниот линч свештеникот се спасил со доаѓање на воен одред. Во друга пригода селаните, барајќи ја повелбата, писарот го тркалале по скршено стакло и го приковале за ограда, од што наскоро починал.

Зошто народниот гнев, меѓу другото, бил насочен кон свештенството? Како прво, токму свештениците пред народот ја претставувале волјата на власта зашто токму тие во црква му ги објавувале на народот државните одлуки и укази. Како второ, според мислењето на историчарите, нападите врз свештениците понекогаш биле иницирани директно од страна на староверците. На пример, во селото Каргопољское буната започнала веднаш штом еден староверец влегол во православна црква и го нападнал свештеникот, отец Василиј, почнувајќи да го тепа и да му ја кине одората.

Во 1943 година буните се прошириле, зафаќајќи поголем дел од Оренбуршката губернија. Во селото Батурно јужно од Шадринск стасувале илјадници селани со коси и со вили. „Светот е продаден, а старците велат дека треба да се браниме од господин Министеров, кој на писарите и на свештениците им испратил куп пари, барајќи за возврат да посеат 'за негово користење компир'. А, од жените ќе бара по 100 аршини танко платно. Чиновниците и посарите сето тоа го направиле скришно од царот и сега на селаните им останува само едно – да се бунат“, вака историчарот Меншчиков го опишал расположението на селаните. Мaлубројни чиновници под заштита на чети војници били принудени да се скријат во локалната црква додека не дојде воената единица за да ги растера селаните.

Речиси насекаде во областите источно од Урал буните ги задушила војската, а воените судови на терен одржувале судења. Обичните селани по правило не ги испраќале во прогонство, ами ги осудувале на телесни казни со камшикување. Предводниците на буните ги осудувале на потешки казни со камшикување, со парични казни и со прогонство на Сибир или ги праќале на изградба на Бобрујската тврдина. Освен тоа, буните сами по себе би стивнале со почетокот на земјоделската сезона, кога требало да се започне со сеидба.

А, во 1843 година принудната сеидба на компирите за државните селани сепак била укината. Напротив, за негово одгледување селаните добивале додатоци. Како последица на тоа кон крајот на 19 век во Русија под компир имало 1,5 милиони хектари земја, а овој зеленчук нашол стабилно место во исхраната на селаните, особено во губерниите со малку обработлива површина. Кај староверците новата култура сепак не била прифатена. Тие, имено сè до втората половина на 20 век одбивале да ги јадат „кучешките јајца“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња