Како загинала најхрабрата советска жена-падобранец

Archive photo; Георгиј Липскеров/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Денот кога се сретнала со Сталин Љубов Берлин го окарактеризирала како најубав во нејзиниот живот. Со сето срце сакала да го восхити „таткото на народот“ и на тој начин платила со својот живот.

Предизвикувачки храбра

„Велат дека сум храбра. Сосема не се плашам да одам сама ноќе. Никогаш не сум се плашела од вода. На секое непознато место можам да скокнам и да запливам“, вака самата себеси се опишала Љубов Берлин, една од најдобрите скокачки со падобран, и веројатно најхрабрата од нив,

Љубов Берлин (1915-1936), советската жена-падобранац.

Откако во својата седумнаесетта година Љуба за првпат скокнала со падобран, небото ѝ станало втор дом. Работела како зборослагач во печатницата на весникот „Правда“, а сето свое слободно време го минувала на аеродром.

Во скоковите неколку пати одвај останала жива поради погрешните пресметки на летот или поради ненадејното влошување на временските услови. Се спуштала на дрвја или на покриви, а еднаш се закачила со јажето од падобранот на покрив од облакодер, па ја спасувале пожарникари, вовлекувајќи ја низ отворен прозорец со помош на долг стап со кука на врвот. И покрај сето тоа, таа не се откажувала од скоковите со падобран.

Љубов во 1935 година била првата жена во светскиот падобрански спорт која скокнала од едрилица. „Скокот од едрилица е тежок поради тоа што треба мошне внимателно да се излезе надвор“, објаснувала подоцна Берлин. „Доколку имате трема сигурно нешто погрешно ќе направите. Секое движење треба да биде беспрекорно“

Љуба најмногу ги сакал долгите скокови од висина од 3.000 и од 5.000 метри. Во нив падобранот не се отвора веднаш по скокот од авион, ами определено време се паѓа низ воздухот. Тоа било мошне опасно зашто падот се забрзува и доколку спортистот малку задоцни постои опасност да падне во вртлог и да ја изгуби ориентацијата во просторот, а со самото тоа и животот.

Ветувањето за Сталин

Јосиф Стаљин и Климент Ворошилов разговараат со пилоти и падобранци. Аеродром Тушино.

Љубов Берлин постигнувала фантастични успеси во советскиот падобрански спорт. Станала вистински мајстор на својата дисциплина, развивала нови техники за изведување на скокови и им ги покажувала на своите ученици.

Името на славната спортистка често се наоѓало во весниците, па, секако, се прочуло и во Кремљ. Есента 1935 година Љуба имала можност да се состане со претставниците на советската власт и лично со „таткото на народот“ Јосиф Сталин за време на неговата посета на централниот аероклуб во Москва.

„Тој ден засекогаш го запаметив како најсреќен во мојот живот“, тврдела таа. „Кога другарот Сталин ми ја стисна раката бев мошне збунета. Но, благиот поглед на водачот и неговата нежна татковска насмевка како со рака да ми ја однесоа тремата“

Токму тогаш маѓепсаната Љуба му ветила на водачот дека ќе постави нов рекорд. Обидот да го исполни ветувањето го плати со својот живот.

Судбоносниот ден

Љуба Берлин пред последниот скок на Љуберецкиот аеродром. Московска област, 26. март 1936 година

На 16 март 1936 година Љубов Берлин стасала на Љуберецкиот аеродром со својата колешка Тамара Иванова, за која велеле дека ѝ е „падобранска сестра“. Девојките биле мошне добро расположени, многу се смееле и се шегувале.

Нивната задача била да скокнат од 5.000 метри, да паѓаат 80 секунди и да ги отворат падобраните на височина од 1.000 метри. Меѓутоа, девојките, според сѐ, сакале повеќе од тоа.

Новинарот на списанието „Красни спорт“ Лазар Борнтман, кој бил присутен на аеродромот, во својот дневник напишал: „Подоцна фотографите раскажуваа дека влегувајќи во авионот Иванова весело со смеење довикнала: „Над 100 метри не отворам!“ (доколку е тоа така, тогаш причината за ваквата одлука е фактот што Камнева го отворила падобранот на 250 метри над земјата, Евсеев го отворил 200, а Евдокимов на 150 метри)“

Скокот на Љуба Берлин од авионот „Правда“ на фестивалот на авијацијата во Тушино.

Берлин тогаш рекла: „Ова ќе ми биде 50 скок – воедно и рекорд и јубилеј“. Заедничкиот познаник ја пренел на Бронтман нејзината молба по скокот да помогне да се напише писмо до Сталин за тоа како ветувањето е исполнето.

Авионот со спортистките полетал, но гледачите не дочекале да ги видат падобраните на небото. Телата на Берлин и на Иванова со полуотворени падобрани наскоро биле пронајдени на снегот. Биле оддалечени 400 метри едно од друго. Медицинската експертиза покажала дека на Љуба ѝ бил скршени речиси сите коски, а на Тамара сите ребра.

Стоперката на Иванова останала цела и пожувала 91,7 секунди. Од непознати причини таа го отворила падобранот 12 секунди порано, на само 200 метри над земјата.

Погребот на скокачките со падобран Љуба Берлин и Тамара Ивановна, Москва, 28 март 1936 година.

На церемонијата на простувањето од Љуба и од Тамара, одржана на 29 март во Домот за печат во Москва дошле неколку илјади луѓе. Сталин, секако, не се појавил.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња