Како во СССР се забранувале бракови со странци?

Klaus Rose/ullstein bild/Getty Images
На Русинките кои во четириесеттите години од минатиот век решавале да станат сопруги на странски државјани им се заканувала казна од десет години затвор. Органите на советската државна безбедност будно ги следела, а само на поединци им успевало да се спојат со своите мажи, и тоа по цена на страшни одрекувања.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Во вилата Харитоненко на Софискиот кеј во Москва каде се наоѓаше амбасадата на Велика Британија во СССР, во определен момент престојуваа Херберт Велс, Исидора Данкан, Винстон Черчил... Почнувајќи од август 1945 година тука живееле 15 Русинки (како заложници) кои се запознале со британски државјани и сакале да станат нивни сопруги.

Поранешната амбасада на Велика Британија на Софискиот кеј

Британците доаѓале во Советскиот Сојуз на различни начини, да кажеме како технички стручњаци, вклучени во индустријализацијата на СССР, или како морнари во таканаречените арктички конвои кои по пат на лен-лиз во пристаништата на Архангењск и на Мурманск доставувале стока. И иако дружењето и контактите со руските жители не биле поттикнувани, во текот на воените години меѓу Русинки и Британци се склопени 35 брака. Дваесет жени успеале да заминат во странство заедно со своите сопрузи, а 15 биле задржани на граница. Војната е завршена, а советските органи за државна безбедност биле против тоа советските државјани да заминуваат во Британија. Дури и кај мажите.

„Вратете ни ги сопругите“

Стравувајќи од истрагите од страна на НКВД жените се обраќале во британската амбасада. Меѓу нив била и Људмила Хохлина, сопругата на британскиот дипломат Питер Сквајр. По завршувањето на војната нејзиниот сопруг бил повикан во татковината, а нејзе не ѝ било дозволено да ја напушти земјата. Питер во Лондон заедно со другите сопрузи протестирал пред советската амбасада, држејќи во рацете транспарент на кој пишувало „Вратете ни ги сопругите“, но без никаков резултат. Во СССР во тој момент британскиот амбасадор ги повикал сите 15 госпоѓи и им предложил да се разведат. Речиси сите се согласиле. Дневниот весник „Известија“ од 1948 година објави „отворено“ писмо од Људмила Сквајр (Хохлина), која таа всушност, најверојатно самата не го напишала, а во кое, меѓу другото, се наведува: „Со оглед на тоа што дознав дека мојот сопруг се вклучил во антисоветска кампања не сакам повеќе да бидам сопруга на овој човек“. И покрај тоа, таа на крајот лежела во советските логори речиси осум години.

Људмила Хохлина и Питер Сквајр

Дури во 1960 година Људмила успеала по пат на писмо да стапи во контакт со својот сопруг. Тој не ја заборавил, долго чекал вести од неа, но на крајот, сепак, се оженил, и тоа повторно со Русинка. А, од сите 15 „бели вдовици“ во Британија успеала да замине само една, Клара Хол. Таа цврсто одбила да ја напушти амбасадата, каде ги минала следните 18 месеци, додека на крајот на ја протерале од СССР.

Ваквата суровост се образложувала, секако, со стравовите на советските специјални служби дека жените лесно би можеле да станат доушници, шпиони, а такви случаи, како што подоцна покажа руската новинарка Ољга Голубцова, навистина имало, Англичаните, всушност во Архангељск заврбувале осум девојки кои потпишале дека ќе работат за британските специјални служби.

Архангељск , 1943.

Една од нив, Антонина Трофимова ја раскринкале органите, па под притисок ги „отчукала“ останатите. Сите откриени „шпионки“ ги чекал логор, како и Антонина и тоа за „предавство на татковината“. Иако всушност, одвај составувајќи крај со крај (следувањето во Архангељск во воените години не било ништо подобро од Ленинград под блокафа), девојките едноставно подлегнале на искушението за храна и облека што им ги подарувале имашните Англичани, патем, не секогаш од користољубие. Меѓу руско-британските љубовни приказни имало и сосема искрени, но и на овие двојки се однесувал законот кој забранувал бракови со странци.

Во логор поради љубов

Советската власт во 1917 година ги укинала венчавањата во црквите и традиционалните венчавки. Слободата на семејни и на полови односи била дел од новата советска култура. Брак со странец за никого не бил изненадување.

Сергеј Прокофјев со сопругата Лина и со децата

Постоеле и познати интернационално двојки, како што биле Сергеј Есенин и Исидора Данкан, Сергех Прокофјев и Шпанката Лина Кодина, министерот на надворешни работи Максим Литвинов и Англичанката Ајви Лои, да наброиме само дел.

Максим Литвинов (1876-1951) со сопругата Ајви Лоу

Меѓутоа, кон крајот на триесеттите години од минатиот век законите во доменот на семејното право станувале сѐ поригорозни. Во 1936 година бил забранет абортусот. Истовремено процедурата за развод на бракот станала покомплицирана. Со разводот се занимавал суд, потребно било да се појават обајцата сопружници и да платат помеѓу 100 и 200 рубли. А, во 1944 година висината на таксата повеќекратно се зголемила, па разводот чинел помеѓу 500 и 5.000 рубли (толку пари поголемиот дел од населението немало, со оглед на тоа што просечната плата на годишно ниво изнесувала околу 4.000 рубли). И додека во Москва во 1940 година се развеле околу 10-12 илјади двојки, во 1945 година во руската престолнина биле регистрирани 679 разводи.

По војната земјата останала без десетина милиони работоспособни мажи и жени. Некои советски војници за време на престојот на контингентот на Црвената армија во Европа успеале да засноваат семејство, не сите заробени на окупираните територии се вратиле дома. Советската власт не сакала да се занимава со спојување на семејствата, главно поради опасноста од двојно државјанство на сопружникот. На ова влијаел и случајот со 15 жени на британските државјани, Во 1947 година бил усвоен закон со кој е забранет брак на советските граѓани со странци. Официјалната верзија гласела: „Нашите жени кои се мажат за странци и ќе се најдат во странство во необични услови се чувствуваат лошо и изложени се на дискриминација“. Прекршителите на законот се казнувале по членот 58 за антисоветска активност. Најпознатите случаи се случиле непосредно пред и веднаш по усвојувањето на законот. Синот на амбасадорот на Република Чиле во СССР Алваро Крус Лопес де Ередија се оженил со 19-годишната Лидија Лесина во 1946 година. Со усвојувањето на новите правни норми за брак со странец двојката се нашла надвор од законот, а СССР згора на тоа ги прекинал дипломатските односи со Чиле. Сопружниците се населиле во хотелот „Национал“ и речиси пет години не излегувале надвор. На крајот им успеало да заминат во Чиле, за волја на вистината, во татковината сопругот на Лесина полудел.

Роберт Такер, преведувач во американската амбасада во Москва, во 1946 година се оженил со Евгенија Пестрецова. Кога ја завршил службата во СССР, сфатил дека неговата сопруга не може да добие дозвола за излез од земјата. Не морале да се кријат, меѓутоа, Такер останал во СССР, работел како преведувач за канадската и за индиската амбасада. Од земјата успеале да излезат дури по смртта на Сталин,

Не успеале да се извлечат дури ни познатите. Актерката Зоја Фјодорова почнала да се забавува со опасен човек, воениот аташе на американската амбасада Џексон Тејт. Тој набргу бил протеран од СССР, но Фјодорова со него останала во блажена состојба. Татковството не можело да се скрие, Фјодорова добила 25 години затвор, а нејзината сестра Марија која ѝ помагала десет години, дури и починала во затвор. Новородената ќерка Викторија морала да ѝ ја даде на другата сестра која останала на слобода, а девојчето ја запознало мајка си дури на девет години, кога Зоја Фјодорова била рехабилитирана. Со татка си детето се видело дури во 1976 година.

Тејт Џексон и Зоја Фјодорова

„Барам маж странец како превозно средство“

Официјалната забрана за бракови со странци во СССР била укината во 1953 година по смртта на Сталин. Освен тоа, стапувањето во брак со државјанин од друга земја не значело дека советскиот граѓанин го губи државјанството. „Затоплувањето“ се чини имало благотворно влијание на односите на Советскиот сојуз со странските земји. Во 1957 година во Москва се одржа Меѓународниот фестивал на младинци и студенти, а во 1960 година беше отворен Универзитетот на дружбата на народите. Меѓутоа, за брак со странски државјани во тие години требаше да се собере огромна документација и бројни карактеристики, а исто така и да се извршат разговори со претставниците од власта, изложувајќи ги деталите за врската. Генерално, во педесеттите и во шеесеттите години од минатиот век секој однос со странец автоматски значел константно следење од страна на КГБ. А, на оние што стапувале во брак можеле на различни начини да им го загорчуваат животот, да ги исклучат од партијата, да ги отпуштат од работа или да ги преместат да работат некаде далеку со цел да не го расипуваат моралниот лик на советскиот човек.

Делегатите на VI Светски фестивал на младинци и студенти во Москва

Спортистката Инга Артамонова на турнир во Шведска се запознала со шведски спортист, а кога се вратила во Москва започнала да се допишува со него. Се ширеа гласови дека службениците на КГБ биле во контакт со спортистката секојдневно, меѓу другото ја чекале на враќање од работа и ѝ предочувале какви сѐ казни и маки ќе ја снајдат, како неа, така и членовите на незиното семејство. Таа потклекнала и ја прекинала преписката со Швеѓанецот. 29-годишната Артамонова загина како последица од убод со ноже што ѝ ја нанесе нејзиниот сопруг, сомневајќи се во неверство.

Ниту оние од круговите на највисоката номенклатура не успеваа да ги избегнат следењата и заканите. Љубов Брежњева, која му беше ќерка на Јаков, братот на генералниот секретар на КПСС Леонид Брежњев, се запозна со Германецот Хелмут кој студираше во Москва. Вљубената двојка ја следа неколку месеци, а потоа почнаа да им се закануваат. Оперативците намерно оставаа неред во станот и на тој начин јасно ѝ даваа на знаење дека во нејзино отсуство се врши претрес, додека избраникот на Брежњева беше повикан во Министерството за одбрана на СССР и од него беше побарано да ја напушти земјата. Роднинските врски со Леонид Иљич не помогнаа. Наводно тој на внука си само ѝ рекол: „Ако те пуштам, ќе избегаат и другите“, очигледно претпоставувајќи дека многу девојки од високопозиционираните советски семејства немаа ништо против за заминувањето во странство, но татковината не им дозволуваше.

Од 1969 година кога беше усвоен новиот „Закон за брак и семејство на РСФСР“, беше поедноставно да се стапи во брак со странец, навистина браковите се склопуваа во определени матични служби во големите градови, но следењето на оние кои за сопружници избрале странци повеќе не беше толку масовно. Бракот со странец стана модерен, меѓу другото и поради можноста за заминување во странство, пред сѐ во Израел и во Соединетите Американски Држави. На оваа тема се раскажуваа вицови. „Се бара сопруг како превозно средство“, се ширеа шеги за советските жени.

Владимир Висоцки и Марина Влади

А, за културните работници бракот со странка беше шик. Владимир Висоцки беше оженет со француската актерка Марина Влади (сепак, нејзиниот татко беше Русин)., поетот Евгениј Евтушенко со Ирката Џен Батлер, а режисерот Андреј Кончаловски со Французинката Вивиен Годе... Но, браковите со странци не беа само судбина на моменклатурата, во 1987 година во Ленинград гитаристот на групата Кино Јуриј Каспарјан се ожени со Американката Џоан Стингреј.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња