Рускиот цар Александар (1777-1825) имал долг и проблематичен однос со својот главен непријател Наполеон Бонапарта. Наполеон ја барал раката на двете сестри на Александар и нашол на студено одбивање. Но, дали е можно Александар и првата сопруга на Наполеон, Жозефина де Боарне, да биле во љубовна врска или барем заедно да планирале голема политичка игра?
Александар и Жозефина првпат се сретнале во 1808 година, кога Александар дошол во Ерфурт во Тирингија за да се сретне со Наполеон. „Ерфуртскиот конгрес“ не довел до сериозни политички договори, но останал запаметен по фантастичните приеми, одењата на лов и вечерните театарски претстави. За време на овие манифестации, Александар се запознал со Жозефина, француската царица.
Жозефина де Боарне
Александар тогаш имал 31 година, а Жозефина 45. Меѓутоа, камердинерот на Наполеон, Луис Контан Вери, се сеќава во своите мемоари дека Александар и Жозефина поминале ноќ заедно во Ерфурт додека Наполеон спиел во неговата приватна соба по напорниот ден. „По првата интимна средба меѓу Александар и Жозефина“, запишал Вери, „рускиот цар секое утро доаѓаше во спалната соба на царицата и долго разговараа како стари познаници“. Поминале шест години до нивната следна средба.
Ерфуртскиот конгрес
Кога Александар и Жозефина првпат се сретнале во Ерфурт во 1808 година, и двајцата веројатно биле прилично потиштени. Неколку месеци претходно Александар и царицата Елизавета Алексеевна ја загубиле и втората ќерка, која не поживеала ни две години. Се зборувало и дека кутрото дете не било ни ќерка на царот. Имено, Александар и Елизавета дотогаш веќе се оладиле еден кон друг и се ширеле гласини за љубовниците на царицата.
Елизавета Алексеевна
Александар, од друга страна, имал „официјална“ миленичка по име Марија Наришкина, како и репутација на женкар. Тој всушност го напуштил Ерфурт со новата љубовница што му ја „подарил“ Наполеон. Тоа била Марија-Тереза Етјен Бургојн, француска актерка на која Наполеон ѝ наредил да оди со царот Александар во Санкт Петербург (таа се вратила во Франција две години подоцна).
Марија Наришкина
Марија Тереза Етјен Бургојн
Од друга страна, до 1808 година на Наполеон му станало јасно дека Жозефина не можела да му даде наследник и тие се развеле наредната година. Иако Наполеон се оженил со Марија Луиза, војвотката од Парма, и со неа добил син, Жозефина ја задржала титулата царица на Франција и не го прекинала пријателството и преписката со Наполеон.
Следниот пат кога Александар и Жозефина се сретнале, тоа се случило во сосема други околности. Тоа било во април 1814 година кога руската армија влегла во Париз по победничката кампања, откако го победила Наполеон кој бил протеран на Елба. Династијата Бурбон била формално вратена на престолот на Франција на 6 април. Меѓутоа, Александар I му дозволил на кралот Луј XVIII да влезе во Париз дури откако тој се обврзал писмено да владее со земјата како со уставна монархија.
На 16 април 1814 година Александар отишол во замокот Малмесон во близина на Париз, каде што живеела Жозефина. „Ќе дојдев кај Вас порано“, се пошегувал царот, „но ме задржа храброста на Вашите војници“. По пристигнувањето, Александар бил шокиран од „бедните“ услови (за поранешната царица) во кои живеела Жозефина. Овој пат Александар ги запознал 31-годишната ќерка и внуките на Жозефина. Тој им наредил на своите поданици да ја штитат и поддржуваат Жозефина и нејзиното семејство. Меѓутоа, судејќи по скапите подароци што си ги размениле Александар и Жозефина, нивната средба имала некоја подлабока цел.
Замокот Малмезон
Жозефина му ја подарила на Александар познатата скапоценост што ја имала во нејзината колекција, камејата Гонзага, резбан скапоцен камен од хеленистичката ера направен од трислоен индиски сардоникс, веројатно во III век п.н.е. Александар, пак, на Жозефина ѝ подарил вистински царски подарок – ѓердан со 11 дијаманти.
После тоа, рускиот цар често го посетувал Малмезон и поминувал време шетајќи и разговарајќи со Жозефина. Париските политички кругови го сметале тоа за многу сомнително. Царот Александар, кој можел да се забавува во дворецот, претпочитал да поминува време со поранешната царица, која во очите на јавноста сè уште била врзана за Наполеон. Таа дури сакала да го следи Наполеон на Елба, но сојузниците не ѝ го дозволиле тоа.
На 25 мај на Жозефина ненадејно ѝ се слошило и таа починала четири дена подоцна, еден месец пред нејзиниот 51-ви роденден. Се зборувало дека настинала додека се шетала со Александар. Таа наводно носела летни фустани за да го импресионира, иако времето тој мај не било доволно топло.
Меѓутоа, постои и друга верзија на оваа приказна. Шарл Морис де Талеран, францускиот министер за надворешни работи, а подоцна и премиер, бил загрижен за комуникацијата на Жозефина со Александар бидејќи се сомневал дека тоа би можело да доведе до тоа синот на Наполеон, тригодишниот Наполеон II, да го замени Луј XVIII на тронот, при што мајката на детето Марија Луиза би ја вршела должноста на регент. Било општо познато дека Александар I го презира Луј XVIII и дека не го посакувал на францускиот трон. Природно било да се претпостави дека честите посети на Александар на замокот Малмезон имале скриена цел. Дури и Наполеон го опишал Александар како „вистински Византиец“, алудирајќи на недофатливата природа на рускиот цар.
Александар I
Имало гласини дека Жозефина на некој начин била отруена од агентите на Талеран, сакајќи да ја спречат нејзината улога како лице од доверба на Александар. Така, можно е поранешната царица да не настинала во текот на прошетките со Александар, туку нешто друго да ја предизвикало нејзината смрт. По смртта на Жозефина, Александар ја купил нејзината уметничка колекција од нејзините деца.
Дијамантите кои Жозефина ги добила од Александар ги наследил нејзиниот син Ежен, војводата од Лојхтенберг. Тие подоцна станале дел од Лојхтенбершката дијадема која Фаберже ја направил за потомците на Ежен. Дијадемата и понатаму е совршено сочувана.
Лојхтенбершката дијадема
etee (CC BY-SA 2.0)Ја купи американски колекционер во 2007 година и денес е изложена во Природонаучниот музеј во Хјустон. Камејата Гонзага е дел од колекцијата на Музејот Ермитаж во Санкт Петербург.
Камејата Гонзага
Sailko (CC BY-SA 3.0)При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче