Девет европски принцези кои станале руски царици

Sergey Levitsky; Франц Ксавер Винтерхалтер; Слободни извори
Руските цареви се труделе одамна добро да ги омажат своите ќерки за европски принцови. За европските принцези и кнегињи, пак, руските младоженци со царска крв исто не биле лоша прилика.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Ана Византиска, родена во Константинопол, сопруга на кнезот Свети Владимир

Пред да ја покрсти Русија Владимир најверојатно владеел со паганска држава, а и самиот бил многубожец. Постојат сведоштва дека меѓу неговите жени имало дами од чешко и од грчко потекло, а кога го освоил Корсун (Херсон Тауриски) кој ѝ припаѓал на Византија, сакал да се ожени со Ана, сестрата на византискиот император Василиј Втори и Константин Осми, со кои тој владеел.

Византиската страна поставила услов, барајќи од Владимир да се покрсти, што значело ширење на христијанството на земјите со кои владеел. По покрстувањето, Владимир и Ана се венчале по христијански обреди. Ана се вклучила во христијанизацијата на руските земји, финансирајќи изградба на бројни цркви.

Починала четири години пред својот сопруг 1011-1012 година…

Софија Витовтовна, родена во Тракаја, во близина на Вилнус, сопруга на кнезот Василиј

Кон крајот на четиринаесеттиот век Московското кнежевство и Големото кнежевство Литванија биле соседи, а Смоленск тогаш му припаѓал на великиот литвански кнез Витовт. Московскиот кнез Василиј Први се оженил со ќерката на Витовт Софија со која, како што вели легендата, бил свршен уште како многу млад, кога кнезот Василиј избегал од татарското ропство во Литванија.

Се венчале во 1390 година во Москва, а бракот во кои се родени девет деца, четири ќерки и петмина синови, донел мир помеѓу Москва и Литванија. По смртта на сопругот во 1425 година Софија Витовтовна управувала со московското кнежевство сама. Била активно вклучена во политичкиот живот, се занимавала со составување закони, а подоцна (во 1451 година) и раководела со одбраната на Москва од Татарите. При крајот на својот живот (починала кога имала 82 години), се замонашила во московскиот Вознесенски манастир.

Зоја (Софија) Палеолог, родена во Византија, сопруга на великиот кнез Иван Трети

Зоја Палеолог била братучетка на последниот византиски император Константин Единаесетти кој загинал во турското освојување на Константинопол во 1453 година. Откако ја напуштила Византија, живеела во Рим. Папата во 1469 година понудил да ја организира венчавката на Зоја за великиот кнез московски Иван Трети, веројатно со цел зближување на католичката и православната црква. Разговорите што се воделе по тој повод траеле три години, а во 1472 година Софија во Москва се венчала со Иван Трети по православен обред во согласност со верата на своите предци. Преку Зоја, всушност, никогаш не е вршено влијание на Рим врз Москва. Родила девет деца, а починала две години по својот сопруг.

Софија Доротеа Августа Луиза Виртемберска, (родена у Шчечин, сопруга на императорот Павел Први)

Во поголемиот дел од 18 век со Русија владееле жени, со исклучок на кусиот период на владеење на Петар Трети, чиј син Павел Петрович на престол дошол во 1796 година. Негова прва сопруга принцезата Вилхелмина Луиза Хесен-Дармштатска (во православието Наталија Алексеевна), починала на породување. Негова втора сопруга била европската принцеза Софија Доротеа Виртемберска, во православието Марија Фјодоровна.

Талентирана сликарка и скулпторка, но и со металостругарски занает во рацете, Марија Фјодоровна многу време им посветувала на занаетите и на уредувањето на великокнежевската резиденција во Павловск. Откако станала императорка Марија сета своја енергија ја насочила на хуманитарна работа. Управувала со домовите за незгрижени деца, со женското образование, со организација на занаетчиски школи и по смртта на сопругот, на владеењето на синовите Александар Први и Николај Први.

Луиза Марија Августа Баденска, родена во Карслруе, сопруга на императорот Александар Први

По Марија Фјодоровна сите сопруги на руските императори биле европски принцези, а многу од нив и во роднински врски со нив. Така сопругата на Александар Први Луиза Марија Августа Баденска, во православието Елисавета Алексеевна, била внука на првата сопруга на Павел Први Наталија Алексеевна.

На својот внук сопругата му ја избрала императорката Екатерина лично, а венчавката се случила уште за време на нејзиното владеење во 1793 година.

На почетокот нивниот брак бил идиличен, но на крајот не се одржал. Кнезот Александар не ги криел своите симпатии кон дворските дами, а Елисавета Алеексеевна бил осомничена за неверство. И двете ќерки на Елисавета Марија и Елисавета, кои починале во раното детство, се сметале за деца од вонбрачни врски. Елисавета Алексеевна немала други деца. Починала во 1826 година, набргу по Александар. Меѓутоа, по нејзината смрт уште долго се зборувало дека заминала во манастир каде живеела под туѓо име.

Фредерика Шарлота Вилхелмина Пруска, родена во Потсдам, сопруга на императорот Николај Први

Фредерика Луиза Шарлота Вилхелмина потекнувала од пруско кралско семејство, а со својот сопруг се запознала кога била 15-годишно девојче. Нивниот брак требало да го зацврсти сојузот меѓу Русија и Прусија, а самата принцеза се надевала на мирен живот, далеку од интриги, со оглед на тоа што Николај не бил првиот наследник на престолот. Се венчале во Петербург во 1817 година, а Фредерика Шарлота по покрстувањето во православна вера го добила името Александра Фјодоровна. Девет месеци подоцна го родила првенецот кому му било судено да стане император Александар Втори.

На мирниот живот на брачната двојка му дошол крајот во 1825 година кога првиот наследник на круната Константин се одрекол од престолот, па Николај станал император, а животот на неговата сопруга, сега веќе императорка, се претворил во бескрајна низа официјални настани, приеми и балови. Ова дополнително го нарушило и онака кревкото здравје на императорката која поради суровата северна клима постојано била болна. Освен тоа на 34 години таа веќе имала седум деца. По седмото дете лекарите ѝ препорачале повеќе да не биде во блажена состојба, што дефинитивно го нарушило и онака слабиот заеднички живот на сопружниците.

Императорот пред очите на сите си имал свои миленички, а императорката не располагала со својата судбина. Според дворската дама Ана Тјутчева, за Николај таа била „прекрасна птичка, што ја држи затворена во златен кафез, украсен со скапоцени камења, ја храни со нектар и со амброзија, ја разнежува со мелодии и со мириси, но без размислување би ѝ ги скастрил крилјата доколку би сакала да се тргне оттаму“. Починала во 1860 година и го надживеала својот сопруг седум години.

Максимилијана Вилхелмина Софија Марија Хесенска и Рајнска, родена во Дармштад, сопруга на императорот Александар Втори

Великиот кнез Александар во 1839 година се наоѓал на пропатување низ Европа, а за наследникот се барала невеста меѓу најразлични европски принцези. Според сестрата Олга тој сите нив ги доживувал како „здодевни и без вкус“. Принцезата Марија Хесенска која имала 14 години воопшто не се трудела да му се допадне на престолонаследникот со што и го освоила. Меѓутоа, постоел проблем со нејзиното потекло, со оглед на тоа што се сметало дека таа всушност не е ќерка на својот татко, ами на мајчиниот љубовник. Иако нејзиниот татко Лудвиг Хесенски ги признал и Марија и нејзиниот брат како свои деца, тие, сепак, живееле одвоено, со мајка си. За да се разреши дилемата, мајката Александра Фјодоровна лично се упатила во Дармштат за се запознае со идната снаа и дури потоа го дала својот благослов за брак.

Марија Хесенска во 1840 година е крстена во православна вера како Марија Александровна, а една година подоцна станала сопруга на наследникот на круната. Таа била скромна и затворена, минимално вклучена во политичкиот живот и во високото општество, дури и по 1856 година кога како триесетгодишна станала руска императорка. Царицата се посветила на добротворна работа. Под нејзин патронат имала пет болници, 12 домови за инвалиди и стари, 36 прифатилишта, два института, 38 гимназии и 156 училишта. Со нејзина поддршка во Русија е отворено првото одделение на Црвениот крст.

Односите меѓу сопружниците со текот на времето станувале сè поладни. Царот, според сведоштвата на неговите современици, бескрајно многу сакал удобен и слободен живот. Во 1865 година починал нивниот постар син и наследник на круната Николај Александрович по што императорката Марија „згаснала однатре“, а може да се каже „продолжила да живее само нејзината надворешна корупка, целосно механички“. Во доцните години императорката живеела во сенката на љубовните афери на својот сопруг. Својата миленичка Екатерина Долгорукова со која имал четири деца, императорот без никаков срам ја довел да живее во Зимскиот дворец. Марија Александрова починала во јуни 1880 година од туберкулоза. Нешто помалку од една година по нејзината смрт Александар Втори го убиле членовите на терористичката организација „Народна волја“.

Марија Софија Фредерика Дагмар од Данска, родена во Копенхаген, сопруга на императорот Александар Трети

Кога во 1865 година починал првонаследникот на престолот Николај, на негово место дошол Александар кој избраничката на својот починат брат Дагмар Данска ја задржал за сопруга. Во православието таа станала Марија Фјодоровна.

Без оглед на околностите нивниот брак во кој се родиле шест деца важел за среќен. И Марија и Александар се интересирале за уметноста и за ликовното образование, а слободните моменти ги минувале сликајќи заедно. Императорот и императорката биле и колекционери, а нивната уметничка збирка подоцна станала основа на Рускиот музеј во Санкт Петербург. На одмор на финските карпи или во карелиските шуми императорот сакал да живее како обичниот свет, без слуги. Марија Фјодоровна водела селски живот, самата готвејќи за својот сопруг и за семејството. Како што наложувала традицијата, Марија се занимавала со добротворна работа, водејќи го и Руското општество на Црвениот крст. За време на Првата светска војна токму таа, како императорка-вдовица, во Санкт Петербург била на чело на организацијата на болница и лазарет за ранетите од фронтот. Ја напуштила Русија во 1919 година. Починала во Данска 1928 година.

Викторија Алиса Елена Луиза Беатриса Хесен-Дармштатска, родена во Дармштат, сопруга на императорот Николај Втори

Сопругата на последниот император станала жена во роднински врски со него. Алиса Хесен Дармштатска му била на Николај и тетка по четврто колено и братучетка по трето. Против нивната свршувачка биле и родителите на Николај и на Алиса кои за своите деца сакале подобри прилики. Но, кога здравјето на Александар Трети започнало да се влошува, тој на својот син му дозволил да се ожени. На 2 ноември 1894 година Алиса на православното крштевање извршено само еден ден по смртта на Александар Трети, го добила името Александра Фјодоровна. Со Николај се венчала веќе на 26 ноември истата година.

Првите четири деца од императорската брачна двојка биле девојчиња, па главното прашање се однесувало на раѓањето наследник на престолот. Принцот Алексеј се родил во 1904 година, наследувајќи хемофилија од мајка си. Речиси целиот живот царското семејство од тој момент го минало во грижа за наследникот. Поради болеста на синот и поради влошувањето на општата ситуација во земјата, Александра Фјодоровна сè почесто имала нервни напади. Во екот на Првата светска војна таа со ќерка си минала медицинска обука и како болничарка се грижела за ранетите во дворецот во Царское Село чии одаи биле адаптирани за болница.

Со доаѓањето на болшевиците на власт царското семејство било протерано во Тобољск, а потоа во Екатеринбург, каде во јули 1918 година Николај Втори заедно со сопругата, со децата и со слугите е стрелан. 80 години подоцна нивните земни останки се погребани во Петропавловската црква во Санкт Петербург.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња