Како договорот со Германците ја извлече Советска Русија од меѓународна изолација

Италија, 1922 година, Лига на народите, конференција во Џенова. Состанок на германскиот канцелар со руските делегати.

Италија, 1922 година, Лига на народите, конференција во Џенова. Состанок на германскиот канцелар со руските делегати.

Photo12/UIG/Getty Images
Потпишувајќи договор со Германија во 1922 година болшевиците ги попречиле плановите на силите на Антантата чија цел беше Советскиот Сојуз да биде изолирана и „жигосана“ држава.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Настанот кој се одиграл на 16 април 1922 година длабоко ги потресе западните европски сили. Во градот Рапало кај Џенова Советска Русија и Вајмарската република имаат потпишано договор за воспоставување дипломатски односи, решавање на сите спорни прашања и долгорочна соработка. Обете „жигосани“ држави со тоа јасно ѝ ставиле на Антантата до знаење дека немаат намера да вегетираат во меѓународната изолација.

Руската делегација на конференција во Џенова во 1922 година.

И германскиот и рускиот народ тогаш минувале низ прилично тежок историски период. Германците се третирани како главни виновници за избувнувањето на Првата светска војна и беа исцрпени под товарот на неподносливите репарации, додека Русите практично беа целосно отсечени од остатокот од светот зашто новоформираната социјалистичка „држава на работниците и селаните“ во светот ја имаа признаено само Авганистан, Естонија и Латвија.

Силите на Антантата беа уверени дека ги држат Германија и Русија во дланка и дека Париз и Лондон ќе им ги диктираат условите за излез од новонастанатата тешка ситуација. Никој не очекуваше зближување на двете отфрлени држави кои идеолошки толку се разликуваа и до неодамна војуваа една против друга.

Во потрага по сојузник

Двете земји веднаш по завршувањето на Првата светска војна започнаа да се движат во насока на договорот во Рапал. Немаа дипломатски односи, но сепак правеа ситни чекори во насока на воспоставување економска и политичка соработка.

Ханс фон Сект

„Версајскиот диктат може да биде укинат само со тесни контакти со силната Русија“ тврдеше командантот на Рајхсвер генерал Ханс фон Сект: „Воопшто не е важно дали нам ни се допаѓа комунистичката парија на Русија или не. Она што нам ни е потребно е силната Русија со своите широки граници да биде на наша страна... На Германија ѝ е важно со помош на Советска Русија да се ослободи од стегите во кои ја држи Антантата“.

Москва од своја страна бараше допирни точки со Берлин со цел да се извлече од меѓународната изолација и да ја пробие линијата на единствениот западен антисоветски фронт.

Дипломатски ќорсокак

Историскиот договор е потпишан за време на меѓународната конференција во Џенова, на кој Англичаните и Французите ги повикаа претставниците на болшевичката власт. Како задача на потфатот во кој учествуваа триесеттина држави беше прокламирано „конечно воспоставување на европскиот мир“.

Георгиј Чичерин (дипломат, народен комесар за надворешни работи на Советска Русија и на Советскиот Сојуз) излегува од хотелот во Џенова, 1922 година.

Советската делегација на чело со народниот комесар за надворешни работи Георгиј Чичерин со голем оптимизам пролетта 1922 година тргна во северна Италија. Меѓутоа, на Советска Русија ѝ беше поставена цела низa услови кои мораше да ги исполни ако сака повторно да биде примена во семејството на европските народи. Имено, требаше да ги плати сите долгови на царската власт и на Привремената влада, на претходните странски сопственици да им компензира на нивниот имот што го национализираше, да овозможи пристап за странскиот капитал и да ја запре револуционерната пропаганда во светот.

Советската делегација одговори дека е подготвена да го разгледа прашањето за компензација, но дури откако Антантата во целост ќе ја надополни повеќемилионската штета што ѝ беше нанесена на Русија вo текот на интервенцијата. Британците и Французите не се согласија со ова, така што преговорите дојдоа во ќорсокак.

Тогаш Русите одлучија да најдат заеднички јазик со Германците, кои во меѓувреме исто така сфатија дека оваа конференција нема да им донесе никакво олеснување во тешката економска ситуација.

Сè отпочеток

Германскиот министер за надворешни работи Валтер Ратенау во Џенова, април 1922 година.

На петтиот ден од конференцијата во Џенова советската страна ѝ предложи на германската делегација на чело со министерот за надворешни работи на Вајмарската република Валтер Ратенау двете земји да отворат нова страница во билатералните односи, без одложување да воспостават дипломатски односи и да се откажат од надополнување на финансиските загуби предизвикани од Првата светска војна и од револуцијата. Германците би ја признале национализацијата на нивната приватна сопственост во Русија, а Русите би се откажале од правото на воена оштета.

Германската делегација цела ноќ го разгледуваше советскиот предлог. На Вајмарската република ѝ беше дадена можност да го потпише првиот рамноправен договор по разорниот Версај, и тоа со мошне важна сила на истокот од Европа. Од друга страна, Германците стравуваа од острите реакции на Британците и на Французите.

По „советувањето во пижами“, како што таа ноќ беше окрарактеризирана на Запад, Ратенау одлучи да го потпише договорот со болшевиците, што и беше направено на 16 април во гратчето Рапало во близина на Џенова. Страните, меѓу другото, потпишаа договор за долгорочна економска соработка, а неофицијално изразија и подготвеност да воспостават контакти во воената сфера, заобиколувајќи ги санкциите што им ги воведоа сојузиците.

„Рапалскиот договор од 1922 година беше плод на долготрајна и тешка борба за правото на воспоставување самостојна и сепаратна економска соработка помеѓу Русија и Германија надвор од границите на задолжителниот меѓународен капиталистички фронт што за Русија беше своевидна замка“, напиша Георгиј Чичерин во статијата „Пет години црвена дипломатија“.

Шок

Руски делегати на конференцијата за репарација меѓу Германија и Советскиот Сојуз во Џенова каде се преговараше за Рапалскиот договор.

Руско-германскиот договор одекна како гром. Антантата во истиот момент ја изгуби една од најважните полуги за вршење притисок врз Советска Русија. „Ова ќе го разниша светот! Со ова на конференцијата ѝ е зададен силен удар“, изјави американскиот амбасадор во Италија Ричард Чајлд кој присуствуваше во Џенова во својство на набљудувач.

Ратенау веднаш беше изложен на притисок од страна на Англичаните и на Французите кои бараа договорот да биде раскинат. Тој под притисокот попушти и побара од Чичерин поништување на договорот, но тој му одговори дека тоа повеќе не е возможно.

Во европските дипломатски кругови се слушнаа предлози веднаш да биде запрена конференцијата, но тие беа одбиени. Како и да се заврти, со Истокот мораше да се разговара.

И Москва и Берлин беа мошне задоволни од договорот. Тоа беше првиот важен чекор во насока на долгорочна соработка помеѓу двете држави. Заедно со молскавичниот раст на прометот на стока, беше воспоставена и воена соработка. Во Советскиот Сојуз набргу потоа беше отворена фабриката „Junkers“, а исто така и една авионска и една тенковска школа на Рајхсвер. Меѓутоа, штом во 1933 година во Германија на власт дојдоа Нацистите, сиве овие заеднички проекти беа запрени на иницијатива на советската страна.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња