„Поцо ди Борго бил човек кој најмногу на светот го мразел, но во исто време и со иста мера го обожавал Наполеон“. Вака францускиот историчар Алебр Вандар го има окарактеризирано еден од највлијателните руски дипломати на 19 век кој на францускиот император му бил роднина од петто колено, но станал и негов непомирлив непријател.
Откако се нашол на островот Света Елена Наполеон во своите мемоари пишувал дека советот на Поцо ди Борго што му го дал на рускиот император ја променил судбината на Франција, на Европа и на целиот свет.
Генерал Поцо ди Борго
Слободни извориШарл Андре Поцо ди Борго потекнувал од древно корзиканско семејство чија историја е тесно испреплетена со историјата на ништо помалку древната лоза Бонапарта. И двете семејства поврзани со далечно сродство дејствувале во определени периоди како сојузници, а понекогаш како ривали.
Во детството Шарл Андре бил во пријателски односи со Наполеон и со неговото семејство, а извесно време дури и живеел под покривот на нивната куќа во Ајача. Погледите на момчињата во тој период биле идентични, тие мечтаеле за независност на родниот остров кој непосредно пред нивното раѓање стекнал слобода во борбата против Џенова , но ја изгубил со доаѓањето на Французите во 1769 година.
Разминувањата во ставовите меѓу пријателите започнале веднаш по заминувањето на идниот император на школување во Франција. Годините што тој таму ги минал го направиле жестокиот корзикански патриот вистински франкофил.
Дефинитивниот раскол се случил за времето на Големата француска револуција кога Бонапарта веќе станал лут противник на независноста на Корзика. Пролетта 1793 година лидерот на коризиканското национално-ослободително движење Паскал Паоли прогласил прекин на односите со Париз и ги повикал на помош Англичаните. Следната година прогласеното Корзиканско кралство се нашло под протекторат на британскиот крал Џорџ Трети, а главниот соборец на Паоло Поцо ди Борго е поставен за претседател на локалниот Државен совет.
Семејството Бонапарта го обвинило за државно предавство. Ни тој ним не им останал должен, станувајќи главен иницијатор на прогонот на Наполеон од островот.
Во октомври 1796 година поради прекрасните победи на генералот Наполеон во северна Италија, Британците биле принудени да ги евакуираат своите единици од Корзика. Французите повторно го зазеле островот, а Поцо ди Борго бил принуден да бега. Наполеон лично го пречкртал неговото име од списокот на амнестирани.
Наполеон
Paul DelarocheПо талкањата низ дворовите на Австрија и Велика Британија Шарл Андре во 1804 година се нашол во руска служба. Тој дошол во Колегиумот за надворешни работи со чин советник и стапил во дипломатската мисија во Европа на императорот Александар Први.
Поразот на четвртата антифранцуска коалиција, како и потпишувањето на Тилзитскиот мировен договор помеѓу рускиот цар и императорот на Франција на 7 јули 1807 година не можеле да не остават трага врз судбината на Поцо ди Борго. Александар одбил да му го предаде на Наполеон, но Корзиканецот сепак бил принуден да ја напушти руската служба.
Императорот Александар Први
Слободни извориШарл Андре талкал меѓу Виена и Берлин, продолжувајќи, сепак, неофицијално да го известува царот за ситуацијата во Европа. Интересно е што во разговорите со локалната аристократија која од висина гледала на „корзиканскиот сноб“ тој со страст го бранел непомирливиот непријател. „Што знаат тие човечиња за Наполеон? Да знаат онолку колку што јас знам за него би се треселе од страв како да имаат треска. Како тие Лилипутанци можат да се споредат со таков џин. Тие се смешни! Тие ќе изгубат сѐ!“
Влегувањето на „Големата армија“ во Русија и почетокот на Татковинската војна од 1812 година му овозможија на Шарл Андре да се врати на служба кај Александар Први. Тој има учествувано во неколку борби против француските единици и повторно стапи во дипломатската служба на царот. Така, за успешно вклучување на Шведска во антифранцуската коалиција во јули 1813 година Поцо ди Борго го доби чинот генерал-мајор.
Имено Корзиканецот во март 1814 година ги убеди сојузниците што се колебаа со молскавичен марш да тргнат кон Париз, што на крајот, ги попречи сите воени планови на Наполеон и го забрза неговиот пад. „Целта на војната е Париз. Додека размислувате за борбата ризикувате со пораз зашто Наполеон секогаш ќе се бори подобро од вас... Треба да се тежнее кон завршување на војната со политички, а не со воени дејствија... Ако само со прст го допрете Париз, ќе го скршите неговиот меч кој не сте во состојба да му го одземете“, велел Шарл Андре.
Подоцна, додека се наоѓал на островот Света Елена, Наполеон во своите мемоари ќе напише дека овој совет на Поцо ди Борго ја променил судбината на Франција, на Европа и на целиот свет.
Руска војска во Париз
Алексеј КившенкоБлагодарение на голем дел од напорите на Шарл Андре Поцо ди Борго Бурбони се вратија на францускиот престол. Тој успеа да го убеди царот кој немаше високо мислење за оваа династија, сека само така може да се избегне граѓанска војна во земјата. Имено Корзиканецот како ополномоштеник на сојузниците му ја понуди на грофот Луј од Прованса, идниот Луј Осумнаесетти, круната на Франција.
По триумфалното враќање на Наполеон на власт во 1815 година Поцо ди Борго се наоѓаше кај единиците на војводата од Велингтон како претставник на рускиот цар. Учествуваше во битката кај Ватерло во која е ранет. Легендата вели дека двајцата непомирливи непријатели ги насочувале дурбините еден на друг.
Војводата од Велингтон во битката кај Ватерло
Роберт Александар ХилингфордПо војната Шарл Андре со години бил специјален пратеник на Александар Први на дворот на Луј. Како и за Бонапарта некогаш, Франција за Поцо ди Борго станала навистина родна земја. Имено благодарение на неговите напори Французите успеаја да избегнат големи територијални загуби, а окупациските сили наскоро беа повлечени од нивната земја.
Дипломатот правеше сè што можеше со цел Франција да се врати во системот на европските односи и нејзината врска со Русија никогаш да не ослаби. Имаше вистинско големо влијание, а неговото мислење го почитуваа како Александар Први, а по него и Николај Први, така и француските монарси. Парижаните дури и се шегуваа дека со нив и понатаму управува Корзиканец.
Поцо ди Борго
Карл БрјуловПоцо ди Борго почина во 1842 година, со што го надживеа Наполеон повеќе од дваесет години. Сметајќи го својот роднина за клучен непријател, тој, сепак, секогаш покажувал должна почит кон неговата генијалност. Шарл Андре му велел на својот внук Карл Поцо уште во 1831 година: „Како и поголемиот дел од другите луѓе, јас ќе бидам мала планета околу големото Сонце, сеедно дали тоа дава живот или го пали светот“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче