За Американците тоа беше првата церемонија на доделување „Оскар“ во екот на Втората светска војна, во време кога оваа земја се подготвуваше активно да се вклучи во војната. 1943 година – салата на ноќниот клуб „Коконат грув“ на хотелот „Амбасадор“ во Лос Анџелес. Никој од учесниците не е во смокинг, нема вечерни фустани, накит и дијаманти, сè е неформално, а дел од актерите беа дури и во воена униформа. Познатите статуетки беа направени од гипс.
Речиси сите филмови кои учествуваат во трката за награди се воени, а за звањето Најдобар документарен филм се натпреваруваат рекорден број остварувања, дури 25. Наградата во оваа номинација ја поделија четири филма. Меѓу нив беше и советскиот филм „Поразот на германската војска кај Москва“ (Во Америка е прикажан под насловот Moscow Strikes Back („Москва го возвраќа ударот“).
„Доделувањето на наградите не траеше долго, подобро кажано претставуваше вовед во врачувањето на главните награди. Меѓутоа, беше навистина историски зашто станува збор за првиот Оскар што го има добиено Русија“, вели учесникот на 15 церемонија на доделувањето на ова признание Том О’Нил. Меѓутоа, како што истакнуваа историчарите, не постоеја никакви шанси филмот за одбраната на Москва да не го добие овој „Оскар“. Од причина на чиста политичка пресметка.
По првите напади на Германија на Советскиот Сојуз, армијата на Вермахтот се надеваше дека брзо ќе го заземе европскиот дел на оваа земја. И иако ваквата победа не беше извојувана, Германците брзо напредуваа кон Москва.
„Ноќта на 23 јули 1941 година нацистите го изведоа првиот воздушен напад на Москва. Таа ноќ кон главниот град се насочи армада авиони која беше составена од 220 бомбардери. Снимивме застрашувачки глетки на Арбат. Бомба тешка половина тона падна на покривот на театарот Вахтангов и експлодираше во гледалиштето. Таа ноќ во театарот дежураа петмина вработени и сите загинаа. Утрината ги направив своите први воени снимки на кои се забележани последиците од првото бомбардирање на престолнината“, изјави фронтовскиот снимател Михаил Поселски.
Значи, еден месец по влегувањето на Германците, Москва беше изложена на огнено дејствие. Според тврдењата на историчарите во текот на четири месеци од војната, до октомври, советската армија изгуби еден милион луѓе. Германците беа толку сигурни дека Москва ќе падне, што дојдоа во парадна униформа. На 15 октомври нивните единици беа на само сто километри од руската престолнина. Москва се подготвуваше да се предаде. До средината на октомври, како што подоцна излезе (откако беа симнати ознаките на тајност од документите), речиси 800 раководители избегале, а меѓу нив и оние од партискиот апарат.
Паниката ја запре одлуката на Сталин да остане во Москва и да ја подготви одбраната на градот. Затоа во престолнината како увертира и покрај гранатирањето требаше да се одржи традиционалната парада по повод годишнината на Октомвриската револуција на Црвениот плоштад. Ваквата ризична одлука беше објаснета со потребата да се крене моралот. Снимките од парадата која беше одржана на 7 ноември 1941 година, од која војниците и офицерите заминуваа директно на фронт, се поместени во идниот филм.
Неколку дена по парадата Сталин итно го повика раководителот на Комитетот за кинематографија Иван Бољшаков. „Овие денови нашата војска крај Москва преминува во напад. Планираме на Германците да им нанесеме удари со огромна сила. Мислам дека нема да го издржат нападот и дека ќе се повлечат... Сето тоа треба да се сними и да се направи добар филм“, ги пренесе Бољшаков зборовите на Сталин. Така Сталин практично стана продуцент на филмот.
Во Москва којашто се наоѓаше под опсада тогаш немаше многу филмски работници. Централното студио за филмски новости веќе беше пренесено илјадници километри подалеку од престолнината. Во градот остана само помала група која го правеше филмскиот журнал „За одбраната на родната Москва“.
Снимањето започна без строго придржување кон планот, но со јасна задача да се прикаже моќта на советската армија и да го разбие митот за непобедливоста на нацистите.
Се работеше во мошне тешки услови. Во околината на Москва започнаа студенилата. Снимателот Теодор Вунимович се сеќаваше: „Пред секое снимање моравме лежејќи на снег да ги грееме камерите под кожувите. Имавме мака и со полнењето на камерите. Измрзнатите раце тешко се активираа“.
Борбите што се водеа на просторот од околу илјада километри ги снимаше група од 30 луѓе. Сите беа распоредени на линијата на фронтот со цел да не пропуштат нешто важно.
„Доцна навечер, враќајќи се во студиото, носејќи илјадници метри скапоцени снимки, ја подготвуваа апаратурата и лентата за следниот ден, ги прегледуваа снимените материјали, ќе дремнеа еден час и в зори повторно заминуваа на линијата на фронтот“, сведочеше режисерот Иљја Копалин. Се случувало во возилото од фронтот да стасаат тела на загинати другари и уништена апаратура.
Дојде на ред најодговорната и највозбудливата снимка, Петтата симфонија на Петар Иљич Чајковски. Позитивна руска мелодија, гневен бунт, акорди што лелекаат, На подвижните слики на запалените градови, бесилките, труповите, насилството и варварството кое на секој чекор од повлекувањето го оставаа фашистите, ја слушавме музиката, го гледавме материјалот и плачевме. Плачеа и музичарите кои со тешки маки свиреа со измрзнатите раце, се сеќаваше Копалин.
Во кината во главниот град „Поразот на германската војска кај Москва“ беше прикажан на 18 февруари 1942 година. Беа направени 800 копии за прикажување во целата земја, вклучувајќи и проекции во воените единици, како и во САД, Англија, Иран и во Турција.
Таа година филмот ја доби наградата на Националниот одбор на филмски критичари на Соединетите Американски Држави, а во 1943 година и „Оскар“ со образложение „за впечатлив приказ на херојството на руската војска и на рускиот народ за време на одбраната на Москва и настанокот на филмот во исклучително тешки и опасни услови“.
Меѓутоа, наградата на Американската академија за филмска уметност не беше само признание за неговите творци. Тоа беше политички потег, смета историчарот на филм Сергеј Каптеров кој поради филмот ги имаше проучено американските архиви. „И на САД и на Велика Британија им беше важно да ги убедат своите даночни обврзници дека на Советскиот Сојуз неизбежно треба да му се помогне во рамките на законот за ленд-лиз, донесен во март 1941 година. Требаше да се убедат луѓето дека СССР е сега жртва на хитлеровата агресија и дека е важен сојузник“, нагласува Каптеров.
Ситуацијата ја комплицираше позиционирањето на СССР како „комунистичка закана“. Покрај тоа сите добро се сеќаваа дека на почетокот од војната Советите беа без малку сојузници на хитлерова Германија и дека склопија со неа договор за ненапаѓање (пактот Молотов-Рибентроп). А, со оглед на тоа што Германија ја нападна Полска, дојде до друг договор кој подразбираше поделба на полска меѓу СССР и Германија. Со еден збор, во времето на формирањето на антихитлеровската коалиција овој филм требаше да им го врати на Советите „човечкото лице“ во очите на Западот. А, за да се осигура успех во САД требаше да се прилагоди на американскиот гледач.
Американската верзија беше подинамична, 14 минути покуса од оригиналот и без задолжителните за советските граѓани идеолошки подлошки. Филмот беше одново монтиран, а текстот на нараторот беше целосно променет. На тоа работеа новинарот Елиот Пол и сценаристот Алберт Малц, инаку член на Комунистичката партија на САД. Наратор беше Едвард Џи Робинсон кој се прослави со улогите на лош гангстер, но имаше репутација на глумец кој снима филмови со сериозна воено-политичка тематика. Неговиот портрет се најде и на плакатот за филмот. Така настана американската верзија на филмот “Moscow Strikes Back”. Токму таа влезе во дистрибуција во американските и во британските кина и доби „Оскар“.
Филмот забележа огромен успех. Во САД и во Англија имаше 16 милиони гледачи. „Њујорк тајмс“ за ова остварување пишуваше како за филм кој наведува да се стисне тупаницата, кој го исполнува срцето со гнев и дека удира како шлаканица. За многумина беше шокантен, со оглед на тоа што претходно во документарните филмови не беа прикажувани мачења и убиени луѓе.
Само неколку дена по американската премиера (август 1941 година) беше потпишан вториот протокол за ленд-лиз. И покрај тоа што „Оскарот“ беше овековечен со „Оскар“ во 1943 година, овој факт придонесе за свртување на вниманието и за создавање свест за неопходноста од обединување со Советите во борбата против Германија.
Според Валериј Фомин, токму со овој филм започна воведувањето хроника на воените злосторства во документарните записи кои подоцна ќе послужат како доказен материјал за направените злодела на Нирнбершкиот процес. 252 сниматели 1418 дена и ноќи ја снимаа војната. Загина секој петти, а ранет или повреден беше секој втор.
Меѓутоа, фактот дека филмот беше награден со „Оскар“ беше неколку децении избришан од советската историја, додека Американските синеасти кои беа вклучени во создавањето на американската верзија беа обвинети за колаборација со германската држава. Тоа беше „студена војна“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче