Петмина советски шпиони кои ја издале својата татковина

Russia Beyond (Photo: Keystone/Getty Images; Public domain)
Едните биле лути на советската власт, другите посакувале подобар живот, трети стравувале од репресии... Ова се основните причини кои поттикнале определени припадници на советската разузнавачка служба да пребегнат на другата страна.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

1. Игор Гузенко

Игор Гузенко

Кога есента 1944 година сознал дека ќе биде вратен во Москва, припадникот на Надворешната разузнавачка служба на СССР Игор Гузенко кој работел во советската амбасада во Отава воопшто не се израдувал. Веќе бил навикнат на комфорен живот на Запад и воопшто не копнеел по Советскиот Сојуз кој беше разорен во војната. Но, немаше избор. Му беше дозволено само малку да го одложи враќањето.

Затоа на 6 септември 1945 година Гузенко се обратил до Бирото за имиграција и натурализација и побарал канадско државјанство. Овој настан имаше одек, па за него набргу дозна и канадскиот премиер Мекензи Кинг, а дознаа и вработени во советската амбасада. Покрај тоа, открија дека им недостасуваат неколку книги со кодови и со материјали за нивно дешифрирање. Истата ноќ во станот на Гузенко упаднаа четворица советски агенти, но Игор со семејството тогаш за секој случај ноќеваше кај соседите. Веќе следното утро канадската полиција се погрижи за нивната безбедност.

Благодарение на сведочењата на Гузенко и на документите што тој им ги предаде на властите на Канада беа обвинети неколку десетина луѓе за шпионажа во корист на Советскиот Сојуз. Меѓу нив беше дури и еден член на канадскиот парламент.


2. Елизабет Бентли

Елизабет Бентли

Оваа млада комунистка која во Москва е позната под псевдонимот „Умница“, фактички уште во 1945 година ја раскинала разгранетата советска разузнавачка мрежа во САД. Таа во текот на триесеттите години од минатиот век го снабдувала СССР со важни информации, додека во Њујорк работела во италијанската библиотека зад која стоеше владата на Мусолини, а потоа и како помошничка и љубовница на влијателниот советски разузнавач Јаков Голос.

По ненадејната смрт на нејзиниот љубовник во 1943 година Елизабет повеќе не беше толку заинтересирана да работи за СССР. По природа имаше нестабилен карактер и постојано се сомневаше во исправноста на избраниот пат, а проблемите со алкохолот дополнително го забрзаа расплетот. Две години подоцна „Умницата“ се обрати до Еф-Би-Ај и на Американците им предаде голем список на советски агенти кои работат во Северна Америка.

3. Владимир Петров

Владимир Петров

Брачната двојка Петров, Владимир и Евдокија, работеа во советската амбасада во Канбера. Официјално не беа на значајни функции, но обајцата всушност беа кадровски офицери на Ка-Ге-Бе. Раководителот на советските специјални служби Лаврентиј Берија ја изгуби битката во борбата за власт по смртта на Сталин во 1953 година, по што беше уапсен и стрелан. Владимир Петров тогаш се загрижи дека бранот репресии што започна против луѓето на Берија наскоро ќе дојде и до Австралија.

Поради тоа на 3 април 1954 година побара политички азил во Австралија. Неговата сопруга тогаш се наоѓаше во друг град и не знаеше ништо за тоа. Кога во Москва се дозна за овој настан, беше издадена наредба барем таа итно да се врати во татковината. Двајца советски агенти со сила ја ставија Евдокија во авионот што леташе во СССР. Премиерот на Австралија Роберт Мензис лично наложи планот да биде спречен, а тоа беше направено на аеродромот Дарвин додека авионот дополнуваше гориво. Обајцата до својата смрт живееја во едно предградие на Мелбурн под заштита на австралиските специјални служби.

4. Дмитриј Пољаков

Д. Ф. Пољаков

Генерал-мајорот на Надворешната разузнавачка служба Дмитриј Пољаков 20 година ѝ беше предан на американската разузнавачка служба. Причината за неговото предавство беше семејната трагедија. Имено, неговото дете тешко се разболе, а лекувањето беше скапо, па Пољаков се обрати на своето раководство, барајќи помош. Од непознати причини беше одбиен, така што детето почина.

Поради тоа генералот во 1961 година воспостави контакт со Еф-Би-Ај за време на едно службено патување во САД. Во следните години на Американците им издаде речиси една и пол илјада советски специјални служби. Покровителите на Пољаков во повеќе наврати му предлагаа да го напушти Советскиот Сојуз, но секогаш им одговараше: „Не чекајте ме, јас никогаш нема да дојдам во САД. Јас ова не го правам за вас, туку поради својата земја. Роден сум како Русин и ќе умрам како Русин“.

Откриен е во 1986 година, откако од здравствени причини замина во пензија. Две години подоцна беше стрелан за предавство на татковината.


5. Владимир Резун (Виктор Суворов)

Виктор Суворов во Варшава, 2011 година

Агентот на Надворешната разузнавачка служба во Швајцарија Владимир Резун во јуни 1978 година заедно со својата сопруга и со двете деца со помош на британските специјални служби беше префрлен од Женева во Велика Британија. Во татковината во отсуство е осуден на смрт.

Резун се посвети на историјата на Втората светска војна и објави цела низа книги под псевдонимот Виктор Суворов. Поранешниот разузнавач ја изнесе и ја бранеше хипотезата дека Црвената армија не се подготвувала за одбрана, ами за „ослободувачки поход“ во Европа. Во научните кругови Суворов во повеќе наврати беше критикуван поради многубројните грешки и непрецизности, а неговата теорија се третира како неоснована.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња