Странското потекло на типично „руски нешта“

Russia Beyond (Legion Media, pavloposadskie-platki.ru)
Дали е точно дека првите валенки биле пронајдени во древна иранска гробница? И дека се појавиле во Русија дури на крајот на XVIII век? Најпознатите типично руски нешта всушност имаат многу покомплексно потекло.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Валенки  

Нешто многу слично на руските валенки - чизми-чорапи направени од влачена волна - носеле жителите на древниот планински Алтај. Ова го утврдија научниците пред повеќе од 30 години, кога вршеа ископувања на алтајската висорамнина Укок. Имено, поради постојаниот мраз, таму се зачувани гробници на иранските племиња од IV-III век п.н.е. Денес во тој реон се протегаат границите меѓу Монголија, Кина, Русија и Казахстан, додека во стари времиња имало само летни пасишта, зимски живеалишта за добиток и номадски патеки.

Влачената волна како материјал била широко распространета меѓу сите народи во Централна Азија, особено кај туркиските и монголските племиња. Од неа се правеле облека, теписи, футроли за стрели, накит и обувки. Меѓутоа, во стара Русија, обувките се правеле од кожа, кора од дрво и крзно, додека чизмите од влачена волна се појавиле дури по монголско-татарската инвазија во XIII век. Но, дури ни тогаш валенките не станале масовна појава, бидејќи само богатите можеле да си ги дозволат.

Руската варијанта на обувки од валана или влачена волна се појавила дури на крајот на XVIII век, кога староверците од Нижегородската губернија ја осмислиле техниката на валање волна без шевови.

Индустрискиот метод на изработка ги направил поевтини. И дури по „Големата изложба на индустриски производи на сите народи“ во Лондон во 1851 година тие почнале да се поврзуваат со Русија. Валенките потоа биле претставени и на Светските саеми во Виена (1873), Чикаго (1893) и Париз (1900).

Кокошник

Потеклото на овој препознатлив дел од руската народна носија не е сосема јасно. Според една верзија, кокошникот пристигнал во Русија од Византија. На ќерките на руските кнезови, наводно, многу им се допаѓале византиските дијадеми во времето на интензивното религиско-културно влијание на Византија. Историчарите пронајдоа опис на капа во форма на чешел или плоча во Новгородските летописи од XI век. Според други верзии, долго пред Русите, кокошници носеле жените во монголските и мордовските племиња.

Но, без разлика од каде потекнува, кокошникот брзо се одомаќил во Русија. За тоа придонел посебниот однос кон косата. Во словенската митологија, имено, пуштената женска коса е застрашувачка глетка, а девојка со разбушавена коса најавува несреќа. Затоа кокошникот бил добредојден за руските жени од сите слоеви. Постепеното откажување од него започнало дури во времето на Петар I. Според неговиот декрет од 1701 година, благородништвото морало да се облекува во европска облека, додека кокошникот долго време останал во гардеробата на жените на трговците и селанките.

Гжељски порцелан

Познатиот сино-бел насликан порцелан се појавил во Русија за време на владеењето на Петар I. Оваа кобалтно сликање било развиено „по примерот на Холанѓаните“. Имено, со сите други европски новитети што ги вовел царот, во Русија пристигнал и „синиот Делфт“, посебен стил на сликање порцелан на мајсторите од градот Делфт во Холандија.

Подмосковското село Гжељ во близина на Москва веќе било центар на грнчарството и место на настанок на првиот руски порцелан. Но, во времето на Петар, тој бил украсуван со светли бои: окер, светло зелена, кафена и бордо, додека на садовите биле прикажувани секојдневни сижеа засновани на популарните народни графики. Дури подоцна, кон средината на XIX век, гжељскиот стил почнал да ги добива карактеристиките на „синиот Делфт“. Од една страна, тоа било поради модата (меѓу другото, поради популарноста на кинескиот порцелан), а од друга, мајсторите забележале дека монохроматското сликање е повеќе барано на европскиот пазар. Повеќеслојната, богата сина боја станала нивен заштитен знак, прославувајќи го гжељскиот порцелан во целиот свет.

Орнамент „краставицаˮ  

Култниот орнамент „пејслиˮ или „бутаˮ, познат и како „турска краставица“, е многу стар украс. Се смета дека потекнува од древно Сасанидско царство (Второто персиско Царство), кое на почетокот на првиот милениум се наоѓало на територијата на денешен Ирак и Иран. Преку трговските патишта, орнаментот се проширил во Индија, на Исток и во Африка, додека во Европа пристигнал во XVII век благодарение на британските колонисти. Тие го нарекле „пејсли“. Еден век подоцна, се појавил во Русија и се одомаќинил како органски дел на популарните растителни орнаменти. Овој „модерен принт“ станал карактеристичен за мајсторите на павлопосадските шамии, денес веројатно најпознатите руски шамии во светот.

Шапка-ушанка

Ова е уште еден предмет чие потекло нé води до гробницата на платото Укок. Имено, при ископувањата таму е пронајден и шлем од влачена волна од IV век п.н.е., зашилен на врвот и украсен со фигура на птичја глава, со уши на врзување. Подоцна, овој вид шапка се проширил меѓу централноазиските народи: Монголите, Киргизите, Башкирите и Бурјатите. Се смета дека прамоделот на руската шапка-ушанка била монголската шилеста капа наречена малахај.

Оттогаш неколку пати го менувала својот облик, така што не е застарена ни до ден-денес. Во 1940-тите ушанката стана дел од зимската униформа на црвеноармејците. И додека Монголите го ценеле малахајот затоа што стрелата што ќе ја загубела брзината не можела да ја пробие таквата топла заштита, руските селани, војници, па дури и царици (мајката на Петар I, на пример, имала три ушанки во нејзината гардероба) ја сакале како незаменлива во суровите руски зими.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња