Како легендарен советски маршал како обичен војник војувал во француската армија?

Russia Beyond (Фото: Министерство за одбрана на Русија, Јавен домен)
Еден од советските маршали кој го смени текот на Втората светска војна, со сплет на животните околности имаше во својата војничка биографија и искуство од војување во француската „Африканска армија“.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Маршалот Родион Малиновски е еден од главните архитекти на советскиот триумф во Втората светска војна. Под негова непосредна команда Црвената армија ги спречи Германците да ја деблокираат групата на фелдмаршал Паулус која беше под опсада во Сталинград, ги ослободи Донбас и јужна Украина, Романија, Унгарија и Австрија и ги уништи јапонските трупи во Манџурија.

„Моментот на донесување одлука за командантот е тежок момент“, велеше Малиновски. „Треба да се одлучите за големи дела, треба безрезервно да ѝ се препуштите на една, често многу ризична неопходна одлука... Се испреплетуваат сомнежите, тешкотиите и трагањата. А мора да се донесе одлука. За тоа се потребни голема храброст и сила на волјата“.

На Родион Јаковлевич, сепак, никогаш не му недостасуваше храброст. Интересно е што оваа особина не ја покажуваше само во борбите за татковината, туку и за далечната Франција. Што го поврзуваше советскиот војсководец со оваа европска земја?

На браникот на Третата република

Во Франција доаѓа пролетта 1916 година, пристигнувајќи во состав на Рускиот експедициски корпус, кој е испратен од императорот Николај II како помош на сојузникот. Капларот на 256-от Елисаветоградски пешадиски полк е испратен на Западниот фронт благодарение на неговото познавање на францускиот јазик, што го научува како дете, на имотот на грофот Хајден Хејден, каде што мајка му раководи со домаќинството.

„Нé наоружаа во пристаништето и нé однесоа во Маји ле Кан, каде што цел месец сите кралеви и претседатели без престан вршеа смотри и присуствуваа на паради, а во јуни Првата бригада беше испратена на фронтот кај Мурмелон, во близина на Ремс, а потоа префрлена кај Силери, недалеку од тврдината Бримон, каде што нè затекна Февруарската револуција“, се присетува Родион Јаковлевич.

Колапсот на великодржавноста во Русија и молскавичниот распад на руската армија не може да не ги допре експедициските сили во Франција. Летото 1917 година некои од војниците стационирани во логорот Ла Куртин одбиваат да положат заклетва на новата Привремена влада и да ја прифатат воената команда и бараат итно да бидат испратени дома.

По неуспехот на преговорите, востанието е брутално задушено од француската жандармерија и руските единици кои ѝ покажуваат лојалност на новата власт. За тие настани Родион Малиновски ќе слушбе во болницата, каде што е згрижен поради ранување во раката за време на борбите во реонот на тврдината Бримон.

„Руска Легија на честа“

Бунтот во логорот Ла Куртин и набргу после тоа доаѓањето на болшевиците на власт во Русија практично ставаат точка на Рускиот експедициски корпус. Француската влада им нуди на војниците да изберат дали да одат во Северна Африка како работна сила и да служат во заднината на трупите што се бореа или да стапат во редовите на армијата на Третата република. И Малиновски ја избира армијата.

Родион Јаковлевич се приклучува на „Руската Легија на честа“ на полковникот Георгиј Готу, формирана на крајот на 1917 година. Таа формација влегува во состав на Првата мароканска дивизија, која, пак, е дел од таканаречената француска „Африканска армија“, стационирана во Алжир, Мароко и Тунис.

Војникот на „Легијата“ Вјачеслав Василев ја опишува борбата на подрачјето на Соасон во мај 1918 година на следниов начин: „Мароканската дивизија го прима целокупниот удар на тешката германска чизма и гушејќи се, во очај, со последните сили и со тешка мака ја задржува реката противници. Во тој критичен момент, кога се чинеше дека е сé загубено, командантот на Осмиот Зуавски полк ја праќа својата последна резерва, Руската легија, во контранапад! Фрлајќи ги од едно место на друго во екот на борбата, ги доделуваа ту на Зуавите, ту на Мароканците, каде што веќе не беше можно да се држи. Нивната појава даваше нова енергија и го зајакнуваше духот на уморните, изнемоштени борци. „Русите се со нас“ се пренесуваше од еден на друг, и погледи полни со надеж им беа упатувани на витезите во војнички блузи кои со еден потег, како играчка, ги ставаа на раме тешките митралези „Хочкис“ (инаку тешки 23,6 килограми)“.

Есента Малиновски се истакнува при пробивањето на утврдената „Хинденбуршка линија“ и за тоа е награден со француски Воен крст со сребрена ѕвезда. „Одличен митралезец. Особено се истакна за време на нападот на 14 септември, гаѓајќи со митралез група непријателски војници кои пружаа упорен отпор, не обрнувајќи внимание на опасноста од артилерискиот оган на противникот“, се наведува во наредбата на старешината на Мароканската дивизија. Во француската војска Родион Јаковлевич стигнува до чин водник.

Враќање

По завршувањето на Првата светска војна, Малиновски решава да се врати во Русија зафатена од граѓанска војна. Дома пристигнува преку Далечниот Исток и Сибир. Во околината на Омск идниот маршал го запира одред црвени. Гледајќи ги француските документи и признанија, тие биле убедени дека пред нив се наоѓа бел офицер и сакале да го убијат.

„Во очај и гнев тој толку добро ги искарал не плашејќи се да го употреби рускиот јазик во сето негово богатство. И дури тогаш војниците препознале во него свој човек и го однеле во штабот. За среќа на тато, локалниот лекар знаел француски. Така е спасен татко ми...“, зборува Наталија Малиновскаја.

Родион Малиновски го чека успешна воена кариера во Црвената армија, големи победи на бојните полиња на Втората светска војна и вистинска сесојузна слава. Меѓутоа, маршалот никогаш не ја заборава својата „француска“ младост. „Љубовта кон францускиот јазик ја задржа до крајот на животот“, вели Наталија Малиновска. „Се сеќавам дека кај татко ми на масата секогаш имаше дела од Ларошфуко, Паскал и Флобер. Читањето на француски за него претставуваше секојдневен одмор...“

Во 1960 година Малиновски во својство на министер за одбрана на СССР ја посети Франција во друштво на Никита Хрушчов. На иницијатива на советскиот лидер, тие ги посетија сите места поврзани со славното борбено минато на маршалот.

Во руската емиграција во Франција кружи легенда како Родион Јаковлевич се однесувал за време на парастастосот за паднатите руски војници на гробиштата Мурмелон ле Гран, во близина на Ремс. Кога во текот на церемонијата било подигнато знамето на царска Русија, маршалот на Советскиот Сојуз, без ни најмалку да се збуни, салутирал.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња