Сè до 17 век Русите практични ништо не знаеле за Јапонија. До нив стасувале само сурови фрагментарни информации од Европејците. Далекуазиската земја ја замислувале како богат крај од приказните, „златен остров“ на кој живеат „по природа сурови“ луѓе (до Русија, имено, стасувале сведоштва за јапонски прогон на христијаните).
Кон средината на 17 век козачките одреди што царот ги испратил на истражување во Сибир стасаа до полуостровот Камчатка и излегле на брегот на Тихиот океан. Токму на ова место се сретнале двете цивилизации.
До тоа време Јапонија со напорите на шогуните од династијата Токугава веќе се беше затворила од остатокот на светот, овозможувајќи ограничен пристап до својата земја само за кинеските и за холандските трговци. Бродовите наменети за далечни прекуморски пловидби биле одземани и уништувани, а во крајбрежните води била дозволена само пловидба на мали трговски бродови.
Повеќе пати се има случено бура или невреме овие кревки бротчиња да ги однесат до брегот на Камчатка, а јапонските морнари кои ќе го преживееја бродоломот излегувале на брегот што руските владетели веќе ги гледале како своја територија.
Еден од таквите преживеани бродоломци бил и трговецот од Осака Денбеј Татекава. Во 1697 година го пронашле козаците на Владимир Атласов и го заштитиле од локалните племиња Камчадала (Ителмена).
„Дијана“
Слободни извори„А, кога Володимер Отласов со козаците во камчадалската земја дојде“ – ги опишувал подоцна Јапонците своите доживување во трето лице – „и тој, Денбеј, гледајќи дека нивната храна е чиста, дојде кај нив, за да не го остават гладен. А, Володимер и неговите другари го зедоа Денбеј кај себе, и не го дадоа на камчадалските странци, ами го одведоа во земјата сибирска“.
Татекава, кој од Сибир набргу се нашол во Москва, фактички бил првиот Јапонец во Русија. За волја на вистината, постојат податоци дека уште во 1600 година во Москва се нашол мисионерот Николај, кој стасал од Филипините и бил крстен како католик. Тој настрадал во текот на политичката и економска криза позната како Смутна доба. Меѓутоа, не е потврдено дека бил Јапонец.
Откако научил руски јазик, Дембеј во 1702 година се сретнал со царот кому детално му го опишал животот во својата земја и карактерот на својот народ. Сакал да се врати дома кај својата сопруга и кај двете деца, но строгата политика на шогуните кога станува збор за изолацијата на земјата го направила тоа невозможно. Под името Гаврил Богданов Јапонецот останал во Русија, каде по царска заповед предавал јапонски.
Во 1706 година во Санкт Петербург била основана школа за учење јапонски јазик која подоцна била префрлена во Иркутск. Предавачкиот кадар во неа стасувал на истиот трагичен начин на кој во Русија дошол Денбеј, по бродоломи на јапонските бродови кај брегот на Камчатка.
Така помошник и наследник на првиот Јапонец станал познатиот Саниму. Во 1736 година во Санкт Петербург стасале спасените Јапонци Соза и Гонза, кои по примањето православие ги зеле имињата Кузма Шулц и Дамијан Поморцев. Сенатот наложил „итно да се пронајде јапонскиот брод во кој биле тие, а притоа и книгите на тој јазик што ги зеле руските луѓе, и оние книги кај кого се наоѓаат тие сега, и колку и да се такви книги и секакви писма на јапонски јазик да бидат пронајдени, и сето тоа итно да биде испратено во Сенатот“.
Гонза составил нешто слично на прв руско-јапонски речник, мал „Нов лексикон словено-јапонски“. А, во 1782 година објавен е руско-јапонскиот „Лексикон“ на Андреј Татаринов кој ја завршил школата за јапонски јазик. Тој содржел над илјада зборови и изрази на руски јазик и на јапонското писмо хирагано.
Петар Први мошне го заинтригирале информациите што ги добил од Дембеј. Иако во тоа време царот бил целосно преокупиран со Северната војна против Швеѓаните, со освојување на прибалтичкиот појас и со пробивање „прозорец во Европа“, му се чинело дека прозорецот кон Јапонија е исто така значаен.
Рускиот цар Петар Први
Слободни извориЦарот знаел дека воспоставувањето политички и економски контакти со Јапонија во голема мера ќе придонесат за населување на Далечниот Исток. На руските населби во тие краишта во голема мера би им било полесно сè што е потребно да набавуваат од соседната „земја на изгрејсонцето“, одошто од централна Русија.
Уште додека Петар Први бил жив, Русите започнале да ги населуваат Курилските острови, кои за нив биле своевидно скалило кон Јапонија. Меѓутоа, непосредните контакти започнале подоцна, за време на владеењето на царицата Ана Ивановна.
Во 1739 година покрај јапонскиот брег допловиле бродовите на Данецот Мартин Шпанберг и на Англичанецот Вилијам Валтон кои биле во руска служба. Шпанберг впловил во заливот на островот Кјушу и на бродот примил јапонска делегација со подароци.
Валтон, од друга страна, стасал до островот Хоншу и одлучил да излезе на брегот, кадешто поминал определено време во контакт со локалното население.
Овие морепловци имале среќа, зашто Јапонците обично не биле милостиви кон неповикани гости и ваквите посети можеле да завршат трагично. Подоцна руските бродови на брегот на „земјата на изгрејсонцето“ ги пречекувале одреди вооружени војници и групи бродови на крајбрежната стража, кои спречувале излегување и ги терале да се оддалечат на отворено море.
Уште еден обид за воспоставување односи со Јапонија презела царицата Екатерина Втора во 1792 година. Страните дури и одржале преговори на островот Хокаидо, но никаков сериозен развој на односите не следувал.
Во 1811 година Јапонците ја зазеле руската воена едрилица „Дијана“ која имала задача да изработи хидрографски опис на Курилските острови. Земјите кои немале дипломатски односи тогаш се нашле на работ на војна. Конфликтот сепак бил решен, а руските морнари се вратиле дома по две години заробеништво.
Во педесеттите години на 19 век САД практично на сила ја извлекле Јапонија од самоизолација. Земјата се отворила кон светот и тргнала по пат на модернизација и на масовна обнова на вооружувањето. Русија на Далечниот Исток така стекнала не само важен економски партнер, ами и сериозен геополитички ривал, во што и се уверила на почетокот од 20 век.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче