Како советските и канадските истражувачи на скии минале пат од СССР до Канада

Дмитриј Шпаро/Sputnik
Среде студената војна политичките несогласувања биле оставени настрана поради авантура и гол опстанок.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Во 1988 година, кога за времето на студената војна светот беше поделен на два табора, тимот од советски и канадски скијачи се здружи во тешка мисија со цел на скии да стаса од Советскиот Сојуз до Канада преку Северниот пол.

Експедиција

Идејата за ваквата експедиција се роди во 1986 година, иако во поинаков облик. Првобитно група советски научници и радиоаматери сонуваше за скијачки потфат до Јужниот пол. Во текот на почетните подготовки авантуристите сепак се премислија во поглед на својата конечна дестинација и се решија за скијачка експедиција до Северниот пол.

Додека подготовките во Советскиот Сојуз беа во тек, Канаѓаните слушнаа за оваа идеја. Толку им се допадна што не само што се понудија да се приклучат на експедицијата, ами посакаа да ја направат уште попредизвикувачка. Предложија групата да го мине Северниот пол, а потоа да продолжи на скии до Канада. Советските скијачи го прифатија предизвикот.

Скршени скии и путер од кикирики

На 3 март 1988 година малиот тим од осуммина советски и четворица канадски државјани тргна на опасната експедиција. Секој од нив имаше свое поле на стручност кое беше значајно за успехот на оваа ризична мисија. Меѓу нив имаше професионални истражувачи, лекари, научници, радиооператори и фотографи. Меѓу членовите на советскиот дел од тимот имаше дури и еден уметник.

Во текот на следните неколку месеци претставниците на двете спротивставени идеологии се обединија во љубовта кон авантурата, соработуваа со цел да ја надминат суровоста на околината и се потпираа едни на други не само за успех на експедицијата, ами и поради самото преживување. Со оглед на суровите услови, нивните животи беа во опасност.

Од почетокот беше јасно дека патувањето нема да биде едноставно. Поаѓањето беше одложено за два дена поради лошите временски услови кои го спречија полетувањето од островот Средни во Северниот леден океан.

Кога советско-канадскиот тим конечно тргна на патувањето, беа шокирани од она што ги пречека во негостопримливата ненаселена територија на Арктикот. Температурата тогаш беше -47°C и владееше целосен мрак зашто поларната ноќ сè уште не беше завршена.

„Мразот остави трага на речиси сите лица. Прстите на нозете и на рацете непрекинато ѕемнеа и болеа дури и кога беше топло. Еден скијач има пликови на стапалата и употребува лек за нив“, гласеше првата порака што групата ја испрати на копното.

Во тешките временски услови главен проблем за скијачите беше влагата зашто беше невозможно да се исушат облеката и чизмите натопени со пот.

„Влагата е голем проблем во шаторите, на облеката и на обувките. Нема шанса да се исуши облеката што не се носи, зашто замрзнува веднаш штом ја соблечете. Ричард (Вебер) и Кристофер (Холовеј) спиеја надвор секоја ноќ со цел да ја избегнат кондензацијата од шаторите со помош на совршената вештина за изградба на иглуа“, гласи пораката.

Групата ја сушела облеката во иглуата кои ги граделе посебно за таа намена.

Истражувачите немаа помош во облик на запреги со кучиња или возила. Единаесет воздушни испораки на храна, потрепштини и резервни скии беше сè што добиваа на патот од 1.090 милји (1.750 километри). Меѓу овие испораки советските и канадските скијачи се потпираа на заемната помош.

Пораката која стаса преку радиостаницата во текот на експедицијата ги истакнува моментите на заемна помош.

„Три пара руски скии се скршија и беа заменети со канадски“.

Во една пригода канадските членови на експедицијата ја опишаа советската реакција на путерот од кикирики.

„Откривме дека путерот од кикирики е една од најдобрите намирници за патување по Арктикот. Го добиваме во замрзнати пакувања од 100 грама. Првобитниот план беше 50 грама по лице дневно, но толку е популарен што го кренавме на 100 грама дневно. На Советите не им беше познат путерот од кикирики и на почетокот беа малку сомничави, но потоа го прифатија со ентузијазам“, гласи пораката.

Северниот пол и понатаму

Авантуристите го поделија патувањето на неколку фази. Секоја фаза беше долга две до три стотини километри и беше потребно околу дванаесеттина дена за да се мине.

Како што напредуваше експедицијата, патниците успешно се адаптираа на екстремните услови.

„Временските услови се подобрија од ледените -48 степени на сегашните пријатни -25. Многу наши почетни повреди поврзани со студот и немањето искуство се решени и учиме да живееме и да работиме заедно сè поефикасно како група. На мапата нашата ефикасност исто така се поправи. Во нашите шатори и во нашите глави расположението се промени од страв, постојано обвинување на некој друг и загриженост до оптимизам, веселост и чувство на постигнување на целта“; гласи една од пораките до надворешниот свет.

Експедицијата конечно стаса на Северниот пол на 26 април 1988 година, каде ги пречекаа официјални лица од Канада и од СССР, група новинари на некои радиоаматери, кои ѝ помагаа на групата во радиокомуникацијата за време на експедицијата.

За да се прослави доаѓањето на Северниот пол направена е воздушна испорака со шампањ и кавијар.

По забавата за добредојде на Северниот пол, скијачите се простија од официјалните лица и од новинарите и тргнаа кон освојување на останатите 750 километри до островот Елсмир, нивното конечно одредиште.

Како што експедицијата се ближеше кон крајот, расположението на членовите на групата беше сè подобро. Повеќе не размислуваа за страшните предизвици преполни со смртоносни замки, ами за славата што има ја ветуваше успешното завршување на експедицијата.

Заедничката советско-канадска трансарктичка поларна експедиција беше завршена на 1 јуни 1988 година, кога целата група стаса на канадското тло. Тоа беше една од најопасните, но во исто време и најинспиративните географски експедиции во 20 век.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња