Како децата во СССР заработувале пари?

Дмитриј Воздвиженски, Нина Свиридова/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
На децата до 14 години според советскиот закон не им било дозволено да работат. Но, да видиме што сè правеле тинејџерите за да дојдат до џепарлак! Еве како тоа го решавале советските деца.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Празни шишиња

Рециклирањето стаклени шишиња била првата идеја до која дошле советските деца. Во секој градски реон имало центар за рециклажа кој плаќал 12 копејки (0,12 рубли) за стандардно шише од половина литар пиво или од сок, 13 копејки за шише од млеко и 17 копејки за шише од вино. Еден корнет сладолед притоа чинел од 7 до 28 копејки, па собирањето шишиња билo вносна работа. Меѓутоа, на некои места не се примале шишиња од малолетни деца. Сепак, имало и други начини за децата да заработат џепарлак, особено налето.

Берење лековити билки

Советските аптеки биле задолжени за собирање определени количества самоникнати лековити билки кои растат во Русија. Тегавец, коприва, подбел, камилица, глуварче, глог, но и кантарион, ајдучка трева и многу други нешта се примале во аптеките ширум СССР и за тоа се добивале пари.

„Нашите аптеки примаа лековити билки што ги собиравме, без да прашаат каде ги имаме собрано и колку години имаме. Земаа и од деца стари по 5-6 години, како и од луѓе од 50-60 години. Ќе ги измереа билките и плаќаа на лице место“, се сеќава една Интернет-корисничка. „За кеса полна тегавец можевте да добиете 11 копејки, колку што чинеше едно колаче. За кесата да се наполни потребен беше половина час берење“. Билките ги собираа и девојчиња и момчиња, а момчињата имаа и уште еден начин да заработат: тешка физичка работа.

Физичка работа: товарење, сеча итн.

„Своите први пари ги заработив со другарите кога им помагавме на станарите да се вселат во новата зграда. Секако, не носевме крупен мебел. Но, различни столчиња, масички, торби и кутии беше нашата задача. Со оглед на тоа што во новите згради лифтовите често не работеа, станарите на овој начин се ослободуваа од многу работа. Но, тоа беше добро и за нас. Ќе заработевме по една рубља за помалку од еден час“, се сеќава корисникот „Адумус“.

Понекогаш, кога советските деца бараа летна работа, ќе се појавеше нешто сосема необично. „Беше средината на осумдесеттите години од минатиот век. Иако имав четиринаесет години и моите другари ја минаа секоја канцеларија во градот за да прашаат дали има некоја работа за тинејџери во текот на летото, една канцеларија нè испрати во планина за да сечеме грмушки. Наутро ќе се собереа околу 20 луѓе, ќе нè натовареа во камион и со една жена која ја водеше работата ќе нè испратеа во шума. Тука со секира сечевме грмушки, а пота ќе нè вратеа назад. За неколку недели добив околу 40 рубли. Се сеќавам дека си купив нови чизми за скијање со копчиња“, објави еден друг Интернет-корисник.

Товарење лубеници, јаболка, компири во вагони и во камиони. Пакување или помош при носење куми и тркала во сервис. Перење коли на паркинг. На село актуелни беа следниве работи: собирање сено, помош на возрасен овчар или работа во работните бригади во советските колхози (тука можеа да работат и оние кои на село живееја само налето). Сето ова беше официјално забрането, но во СССР често имаше недостиг од работа сила, па децата беа тука за да помогнат и да заработат некоја рубља за своите потреби.

Собирање стара хартија

Собирањето стара хартија за рециклирање беше интензивна советска кампања од 1974 година, кога се појави недостиг од хартија. Огласите за рециклирање хартија се наоѓаа на последните страници на многу советски книги, со што се поттикнуваа луѓето старата хартија да ја собираат и да ја носат во центрите за рециклирање. „Рециклирај хартија – спаси дрво“, беше мотото на оваа кампања. Но, каква беше заработката?

За дваесет килограми хартија можевте да добиете купон кој можевте да го замените за ретки книги: Артур Конан Дојл, Александар Дима, Џек Лондон, Жил Верн, Мајн Рид. Книгите на овие писатели не можеа да се најдат во книжарници и се добиваа со купони во посебни продавници. Така што бизнис-планот беше следен: Соберете многу хартија за рециклирање, земете купони, заменете ги за книги, а потоа тајно продавајте ги книгите. Зошто тајно? Зашто тоа не беше законски. Секако, илегалните активности беа најпрофитабилни, но и најопасни.

„Фарцовка“: нелегална трговија со сè и со сешто

Уредно облечено момче или скромно девојче тешко дека беа првите осомничени од страна на советската милиција за криминал. Користејќи го својот невин изглед, учениците можеа да тргуваат со странци на оние ретки места каде можеа да ги најдат. Територијата на саемот ВДНХ (Саем на достигнувањето на народното стопанство) просторен московски парк североисточно од центарот градот, беше едно од тие места, додека „Космос“ и други хотели во тој крај примаа спортски делегации од странство.

Децата ќе земеа со себе неколку десетина евтини советски значки со Ленин, па одеа во ВДНХ и им ги нудеа на странците во замена за странски цигари, мастики или што било другo што можеа да продадат.

Улицата Арбат во центарот на градот беше уште едно место каде можевте да сретнете странци. Еден Интернет-корисник се сеќава: „Почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Имам 17 години и продавам часовници 'Командирские' на Арбат, 25 долари за парче. Брзо се продаваат. 'Командирские' не можеа да се најдат во продавниците зашто се правеа само за војската. Но, татко ми беше воен советник во СССР и како офицер можеше да ги набави овие часовници“.

На почетокот на деведесеттите години од минатиот век часовниците од марката „Командирские“ можеа да чинат 30-40 рубли, а еден долар во тоа време беше околу 120 рубли, така што ова момче имало огромен профит. Додека едно пакување од најскапите странски цигари, како што се „Камел“ или „Марлборо“, можеа да се купат за 12-15 рубли. Но, тоа е веќе работа за возрасни. Во СССР нелегалната трговија беше кривично дело, а децата веќе од четиринаесет години беа одговорни пред законот. Така за продажба на часовници и значки еден млад човек можеше да заврши во затвор. Сепак, искушението да се доживее барем нешто од богатиот живот понекогаш беше премногу силно.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња