Во текот на целата Втората светска војна, Балканот беше извор на постојани проблеми за Третиот рајх. Откако во април 1941 година Вермахтот ја порази Југославија, на нејзините остатоци веднаш никнаа различни сили кои се спротивставуваа на нацизмот и поведоа жестока борба против освојувачите.
Коска во грлото на германската команда, Народноослободителната војска на Југославија во борбите на Балканот ангажираше над триесет дивизии на Вермахтот и СС, кои инаку би биле многу корисни на Источниот фронт. Нацистите повеќе пати се обидоа да ја уништат партизанската војска и лично нејзиниот командант - маршалот Јосип Броз Тито, но безуспешно.
Во мај 1944 година тие направија уште еден обид и дојдоа до својата цел поблиску од кога било дотогаш. Токму тогаш на маршалот му притекна на помош Црвената армија.
На 25 мај, во 5 часот наутро, над Дрвар во западна Босна, каде што се наоѓаше штабот на НОВЈ, се појавија германски бомбардери. По масовниот воздушен напад во близина на градот почнаа да слетуваат едрилици кои ги довлекоа транспортни авиони. Од нив веднаш скокнаа војниците на 500 падобранско-десантен баталјон на СС.
За спроведување на операцијата „Коњички скок“ (Rösselsprung), чија главна цел беше заробување или ликвидирање на маршалот Тито, Германците ангажираа над 17000 луѓе. Покрај припадниците на десантните сили, во реонот на борбените дејствија беа испратени моторизиран полк, извидувачки, тенковски и инженерски баталјони, полкот на дивизијата за специјална намена „Бранденбург“, како и хрватски единици.
Ним им се спротивставија единиците на 1 и 6 пролетерски корпус на НОВЈ, баталјонот за придружба на маршалот и кадетите на офицерската школа, или вкупно 12000 луѓе. И покрај жестокиот отпор, противник набрзо го зазеде градот.
„Германците ме бараа“ – се присетуваше подоцна Тито. „Тие денови шнајдер во Дрвар ми ја шиеше маршалската униформа. Падобранците не успеаја да се докопаат до ништо освен до тој мундир, искинат од шрапнели од бомби... Сите жители на Дрвар знаеја каде се наоѓам. А секој падобранец имаше моја фотографија. Му приоѓаа ту на еден, ту на друг покажувајќи ја фотографијата и прашуваа: Тито, Тито, каде е Тито? Но никој не им кажа ништо. Дури ни децата...ˮ
Самиот маршал во тоа време заедно со својот штаб и припадниците на советската воена мисија се наоѓаше во својата куќа кај една пештера недалеку од градот. Кога непријателот стигна и до нив, тие под заштита на своите сили се повлекоа кон Динарските планини.
Германците ниту за момент не го прекинаа прогонот, стегајќи го обрачот околу Тито и неговите приврзаници. Советскиот генерал Николај Корнеев, кој се наоѓаше во групата на Тито, упорно го советуваше маршалот да се евакуира во воената воздухопловна база во Бари во јужна Италија. Тито долго време одбиваше, инсистирајќи на тоа дека треба да остане на југословенска територија. Тој се согласи само под услов од Бари незабележливо да биде префрлен на островот Вис во Јадранското Море кај хрватскиот брег.
Покрај британската и американската авијација, во Бари беа стационирани ескадрили на ескадрили на Военото воздухопловство на Црвената армија: 12 транспортни С-47 и 12 ловци со голем долет за придружба на Јак-9ДД. Кога се дозна за ситуацијата со Тито, Сталин им нареди на своите пилоти активно да учествуваат во спасувањето на маршалот.
И покрај нестабилната врска, штабот на НОВЈ успеа да јави дека очекува евакуација на планина недалеку од Купрес. Западните сојузници ја одлагаа спасувачката мисија поради студеното време, но советскиот мајор Александар Шорников чувствуваше дека скапоценото време минува и дека треба итно да се дејствува.
Александар Сергеевич Шорников
А. ЛессНоќта помеѓу 3 и 4 јуни, советски С-47 полета и се упати кон Југославија. Координатите ги достави навигаторот Павел Јакимов од екипажот на Шорников, кој во тоа време се наоѓаше кај маршалот.
Мајорот дотогаш беше веќе искусен пилот, кој помина извесно време на Балканот и ги проучи локалните маршрути. Меѓутоа, и за него тоа беше исклучително тешка задача.
„Во услови на невреме и дожд моравме да го прелетаме Јадранското Море на мала висина, прво, за да не скршнеме од зададената рута, а второ, за да не дојдеме во облаци на бура“, се присетува маршалот на авијација Александар Голованов: „Откако стигнавме до островот Корчула и го заобиколивме Сплит, каде што се наоѓаше германската воена поморска база, заштитена со голем број противвоздушна артилерија, екипажот почна да го крева авионот, упатувајќи се кон Купрес, во чиј реон беше највисоката планина, која служела како сигурен ориентир. Кога стигнаа до таа планина и ја утврдија својата локација, почнаа да ги бараат сигналните огнови. Облачното време не овозможуваше добро да се види теренот. Повеќе од половина час екипажот леташе над непознат терен, додека не ги здогледа огновите“.
Малата писта подготвена од партизаните во планината беше целосно покриена со камења и испресечена со потоци. На неа требаше да се слета уште од првиот обид. Шорников се справи со оваа задача: го спушти својот С-47 покрај последниот запален оган, зад кој почнуваше опасна падина.
Екипажот на советскиот авион мораше уште еднаш да го повтори овој комплициран маневар. Откако ги префрлија маршалот и штапските офицери во Бари, пилотите се вратија по другите. Западните сојузници, откако дознаа за летот на Шорников, исто така изведоа неколку летови до тие планини.
По евакуацијата на раководството, југословенските единици на придружниот баталјон тргнаа во пробив на непријателскиот обрач (што успешно го изведоа), а веќе следното утро на импровизираната писта се појави германската војска.
Александар Шорников, неговиот копилот Борис Калинкин и навигаторот Павел Јакимов за извршениот подвиг ја заслужија титулата Херој на Советскиот Сојуз. Југославија, од своја страна, исто така, секого од нив го одликуваше со својот највисок орден Народен херој.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче