Еден ноемвриски ден 1796 година неколку кочии покриени со прав (бизарна глетка за Русија во ноември, но тоа било направено со намера) запреле пред Гатчинскиот дворец, резиденцијата на царот Павле I.
Лакејот го известил царот дека бараат прием витези на Суверениот воен болнички ред на Свети Јован Ерусалимски од Родос и Малта. Грофот Џулио де Лита, малтешкиот витез на чело на делегацијата, се појавил пред императорот и започнал трогателен говор: „Талкајќи низ арапската пустина и здогледувајќи го двоецот, дознавме кој живее овде и сега му ја нудиме титулата голем мајстор...“
Што ги поттикнало малтешките витези, членови на католички ред, да посетат цар на една православна земја? Излегува дека овој потег бил дел од голем политички заговор што му донел пропаст на Павле I.
Павле I
Руски музеjСемјон Порошин, менторот на големиот кнез Павле, запишал во 1765 година, кога големиот кнез имал само девет години: „На неговото височество му прочитав книга за Малтешкиот ред. Тој подоцна се забавуваше глумејќи малтешки витез“. Станува збор за книгата „Историја на витезите на Свети Јован Ерусалимски“ од Рене Обер Вертоа, историчар на Малтешките витези.
Книгата толку многу го импресионирала младиот Павле што тој ја задржал фасцинацијата од малтешките витези во текот на целиот свој живот. Затоа се воодушевил кога веќе како цар добил можност да му помогне на својот сакан витешки ред, па дури и да стане негов заштитник. Меѓутоа, наклонетоста на Павле вешто била искористена за туѓ интерес.
Кон крајот на XVIII 18 век малтешките витези минувале низ тешки финансиски проблеми. Поради Француската револуција, Редот претходно бил укинат во Франција, а новата француска влада во 1792 година им го конфискувала целиот имот. Во 1796 година грофот Џулио де Лита бил испратен во Русија за да преговара за каква било евентуална помош. И постигнал исклучителни резултати.
Џулио де Лита
ЕрмитажПавле I, воодушевен од обраќањето на малтешките витези и веројатно уште повеќе трогнат од романтичната слика на талкачките витези кои бараат помош, го основал Рускиот голем приорат за да го поддржи редот. Почнувајќи од август 1797 година, околу 90% од приходите на Малтешкиот ред доаѓале од Русија. Во знак на благодарност, во ноември 1797 година, грофот Лита уште еднаш го посетил царот. Придружуван од неколку малтешки витези, Лита свечено му изразил благодарност на царот во име на Фердинанд фон Хомпеш, тогашниот голем мајстор на редот, и го замолил да стане Заштитник на редот, а кое царот со задоволство го прифатил.
Меѓутоа, Павле не станал голем мајстор на витешкиот ред сé додека Наполеон не ја освоил Малта. Тоа се случило ненадејно во јуни 1798 година, кога Бонапарта ја почнал воена кампања во Египет. Француската флота ја опколила Малта, освојувајќи ја без капка пролеана крв за само еден ден. Фердинанд фон Хомпеш, големиот мајстор, бил принуден да ја напушти позицијата и Малта, која станала француска територија. „Сега ја имаме најсилната позиција во Европа во центарот на Средоземното море, и оние кои сакаат да нé избркаат од таму ќе платат висока цена“, напишал Наполеон.
Павле I бил бесен кога дознал за освојувањето на Малта, островот што речиси го сметал за свој. Во исто време, англиската флота на адмирал Нелсон го блокирала островот од море, а Отоманската империја се обидело да го освои од Франција. Во таква ситуација, Павле почнал да планира воен сојуз со Англија и Отоманската империја против Франција.
Малта
Universal History Archive/Getty ImagesДалеку од островот, малтешките витези заедно тргнале за Санкт Петербург за да бараат помош од својот заштитник. Павле им отстапил на витезите прекрасен замок во Санкт Петербург, додека грофот Лита, повторно застапник на редот на рускиот двор, објавил дека поранешниот голем мајстор фон Хомпеш ги предал витезите и дека морал да биде сменет. Папата Пиј VI, кој требал да го именува новиот голем мајстор, сакаше да го зачува редот и затоа, спротивно на правилата, новиот голем мајстор станал православен цар, притоа во втор брак и со деца.
Церемонијата се одржала на 29 ноември 1798 година. Витезите, облечени во црни одори и шешири со бели пердуви, се собрале во престолната сала на Зимскиот дворец. Историчарот Евгениј Карнович пишува: „Лита, во име на малтешките витези, го замоли царот да ја преземе титулата Голем мајстор. После тоа, кнезот Куракин и грофот Кутајсов префрлија црна кадифена наметка со хермелин преку рамената на царот, а Лита, клекнат, му ја предаде круната на големиот мајстор, која царот ја стави на главата. Лита потоа му го подаде мечот или „камата на верата“. Прифаќајќи ги одличјата на новата власт, царот беше многу возбуден и присутните можеа да видат солзи радосници во неговите очи. Извлекувајќи го мечот на големиот мајстор, тој се прекрсти со него, на тој начин заколнувајќи се дека ќе ги почитува правилата на редот. Во истиот момент, сите витези ги извадија своите мечови и ги подигнаа високо, како знак на закана за непријателите на редот“.
Титулата Голем мајстор, освен тоа, била вклучена во официјалната титула на рускиот цар, а малтешкиот крст поставен на грбот на руското царство. За повеќето Руси, тоа било збунувачки. Зошто православен цар би бил на чело на стар католички витешки ред? Никој навистина не знаел. Но, Павле очигледно сонувал да ги обедини под негово водство сите христијански сили на Европа против Франција и Наполеон лично. Редот на Свети Јован Ерусалимски станал дел од рускиот систем на одликувања. Добивањето на оваа наредба било знак на посебна чест од страна на Павле I.
Меѓутоа, Павле само де факто бил мајстор на редот. Официјално никогаш не се вбројува меѓу големите мајстори на Малта и на таа позиција поминал многу кратко време.
Кога Павле станал Голем мајстор на Малтешкиот ред, тој веднаш сметал дека Малта ѝ припаѓа на Русија, иако тогаш била под контрола на францускиот гарнизон, а од море под блокада на англиската флота. Може ли царот навистина да биде толку наивен? Веројатно не, бидејќи тој всушност планирал воен поход заедно со Франц II, царот на Светото римско царство и цар на Австрија. Франц II исто така бил поранешен заштитник на малтешките витези и, препознавајќи го статусот на Павле како голем мајстор, му испратил уникатна реликвија, десната рака на Јован Крстител, раката што го крстила Исус Христос во Јордан. Оваа реликвија постои и денес и се чува во манастирот на Цетиње во Црна Гора.
Во 1799 година Русија и Австрија заедно започнале војна против Наполеон во Италија. Павле I го испратил во Европа како командант Александар Суворов, непобедливиот руски војсководец. Меѓутоа, и покрај херојските подвизи на војниците на Суворов, Русија доживеала предавство. По исцрпувачкиот премин преку Алпите, Суворов се нашол во Швајцарија, напуштен од австриските сојузници. Разгневен, Павле му пишал на Франц II дека ја повлекува својата воена поддршка. Русија била подготвена да ја напушти коалицијата против Наполеон, кога во септември 1800 година го добила последниот удар: Англија ја освоила Малта.
На 4 септември 1800 година адмиралот Нелсон ја зазел Малта без најмал отпор. Имено, францускиот гарнизон веќе со месеци страдал од глад поради англиската блокада од море. Хорацио Нелсон, исто така, имал храброст да му го испрати на Павле својот меч, што било гест на понижување за рускиот цар. Поради тоа Павле целосно збеснал. Тој веднаш ги прекинал сите дипломатски односи со Англија и вовел ембарго против повеќе од 200 англиски бродови кои во тоа време се нашле во руските пристаништа.
Така, позицијата на Павле како голем мајстор на малтешкиот ред и неговата желба да ја контролира Малта како упориште во Средоземното Море ѝ донеле на Русија само проблеми. Оддалечувајќи се од Англија, Павле се свртел кон својот довчерашен непријател Наполеон Бонапарта, предлагајќи Русија и Франција да се обединат против Англија. Наполеон бил заинтересиран за таа идеја и му понудил на Павле план за освојување на британска Индија. Планот веќе почнал да се остварува кога британското разузнавање вмешало прсти во убиството на Павле I.
Александар I, синот на Павле и негов наследник, немал намера да ги поддржи малтешките витези. Тој не го презел статусот на голем мајстор на редот, но останал негов заштитник уште две години, до 1803 година. Малтешкиот крст бил отстранет од грбот на руското царство, а 1817 година одликувањето на Свети Јован Ерусалим од списокот на руски одликувања. На крајот, сонот на Павле за витештвото и витешката чест бил уништен од суровата реалност на односите меѓу европските сили.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче