Шест битки во историјата на Русија во кои учествувале милиони луѓе

Аркадиј Шајхет/МАММ/МДФ/russiainphoto.ru
Не сите учесници се бореле на првата линија на фронтот, но со своите напори во заднината дале голем придонес за победата над непријателот.

1. Битката за Москва

Битката за главниот град на Советскиот Сојуз траела од октомври 1941 до април 1942 година. Во неа од двете страни биле вовлечени околу 7 милиони луѓе. Една од најголемите битки во историјата на човештвото започнала со тешки порази на Црвената армија на приодите на престолнината. Само во „Вјаземскиот котел“ советските единици имале околу 900.000 убиени, ранети, исчезнати и заробени.

На почетокот на декември, во најкритичните моменти од битката, Вермахтот се приближил на Москва на само неколку десетина километри и се подготвувал за решителен напад. „Може да се претпостави дека во овој момент непријателот не поседува значајни единици со комплетниот број лица кои би можел да ги искористи како резерва“, заклучила на 3 декември Врховната команда на копнените единици на Вермахтот.

Набргу излегло дела Германците ја потцениле моќноста на Црвената армија. Советските единици во главниот град подготвувале многу резервни сили и веќе на 5 и 6 декември преминале во голема контраофанзива. Изнемоштена од жестокиот отпор на кој наишла, германската војска ја фатило паника и започнала со голема брзина да отстапува од Москва. Црвената армија ослободила неколку области и ги отфрлила Германците на 150-250 километри од главниот град. Нејзиното напредување е запрено дури пролетта 1942 година.

2. Сталинградската битка

Сталинградската битка

Најважната битка во Втората светска војна била еден од најкрвавите судири во историјата на човештвото. Во неа од двете страни учествувале над два милиони војника, од кои околу милион луѓе загинале во борбите, починале од рани во болниците и исчезнале без трага.

Загубата на градот на Волга можела да биде катастрофална за Советскиот Сојуз. Вермахтот би добил можност да ослободи големи резерви и да ги насочи кон Москва од југ, а воедно и да го продолжи својот „поход на нафта“ на Кавказ, каде во тоа време се произведувале 70% од „воената крв“ во Советскиот Сојуз.

Кон средината на ноември советските единици биле присутни покрај Волга и држеле само неколку помали енклави на брегот. Германците веќе биле на чекор до победата, но на 19 ноември 1942 година Црвената армија во операцијата „Уран“ ги нападнале славите романски дивизии кои ги покривале крилата додека Шестата и Четвртата тенковска армија воделе улични борби во градот. Така 300.000 германски војници се нашле во стапица. Овие единици се уништени на почетокот на 1943 година. Триумфот во Сталинград бил почеток на коренски пресврт во Втората светска војна.

3. Курската битка

Советските единици на Воронешкиот фронт во контраофанзивата зад тенковите Т-34 кај Прохоровка за време на Курската битка.

Летото 1943 година германските единици се обиделе да ја повратат стратешката иницијатива во војната, изгубена по Сталинград. Во крвавите борби на Курскиот фронт од двете страни учествувале околу четири милиони луѓе, над 13.000 тенкови и самоодни артилериски оружја, а исто така и 12.000 авиони.

Германците нападнале од двете страни кон центарот со намера да ги опколат и да ги уништат силите на Црвената армија на подрачјето на Курск, но наишле на упорен и жесток отпор на советските сили. „Тоа беше вистински кошмар и пекол“, напиша подоцна тенкистот Владимир Толстиков, говорејќи за тенковските борби кај Прохоровка. „Толку им се приближивме на фашистичките тенкови што повеќе не беше можно да се отвора оган од топовите, па излегувавме надвор и се боревме со непријателот гради в гради. Секој го дофати она што му се најде при рака – токмак, нож, пиштол... Бог ме поштеди и во оваа тешка борба...

Германците со големи загуби успеаја да напредуваат само неколку десетина километри. Наскоро ја запреа офанзивата и беа принудени да преминат во одбрана. „Со прекин на операцијата 'Цитадела' иницијативата на Источното боиште конечно премина во советски раце“, констатирал генерал-фелдмаршал Ерих фон Манштајн.

Битката за Днепар

Прв украински фронт. Форсирање на Днепар. Војници на сплавови преминуваат на десниот брег на Днепар.

Повлекувајќи се под притисокот на Црвената армија германските единици се движеа кон Днепар зашто тој имал моќна линија на одбранбени утврдени положби кои се нарекувале Источен бедем (Восточный вал). Задачата на советска команда беше на непријателот да не му се дозволи задржување на оваа важна стратешка линија.

Во борбите за Днепар учествувале четири милиони војници од двете страни. Штом ќе стасале до брегот советските дивизии не чекале општо наредби и во истиот момент ја форсирале реката. „Благодарение на упорноста, на смелоста и на херојството на советските единици, како и на високата оперативна вештина на командирите и на командантите на сите нивоа е постигнат со прекрасен успех во форсирањето на реката и во заземањето на мостобраните на десниот брег на реката“, напиша подоцна маршалот Иван Конев, кој во тоа време командувал со Степскиот фронт: „Единиците на нашиот фронт во жестоките борби успеаја да ги задржат, па дури и успешно да ги прошират сите заземени енклави, правејќи од нив стратешки положби“.

Вакви енклави немало многу, но тие во 1944 година одиграле клучна улога во ослободувањето на територијата на Украина западно од Днепар. Целовитоста на Источниот бедем е нарушена, по што Третиот рајх изгуби секаква шанса да води долготрајна војна на територијата на Советскиот Сојуз.

5. Операцијата „Багратион“

Два уништени непријателски тенка Panzer IV 20. Панцер-дивизии и мртви членови на екипажот. Советски војници кај Бобрујск.

Летото 1944 година Црвената армија му покажа на Вермахтот како изгледа блицкриг на советски начин. Во Белорусија на 23 јуни ја започна сеопфатната операција „Багратион“ во која над 1,5 милиони советски војници се судриле со 800.000 војници на германската група армии „Центар“.

Моќната непријателска одбрана е пробиена благодарение на синхронизираните дејствија на четири советски фронта, паметно применетата авијација и артилерија, и на вештото користење на крупните тенковски формации и единици. За два месеци борба Црвената армија напредувала 600 километри на запад, ја ослободи територијата на Белорусија и дел од Полска, и стаса до приодите на Варшава и на Источна Прусија. „Молскавичното напредување на вашите армии е фантастично“, му напиша претседателот на САД Франклин Рузвелт на Сталин на 21 јули 1944 година.

Групата армии „Центар“ доживеа целосен слом – имаше половина милиони убиени, ранети и исчезнати без трага. Меѓутоа, и Црвената армија скапо ја плати оваа победа. Во офанзивите на непријателските одбранбени положби загинаа 178.000 советски војници, а 587.000 беа ранети.

6. Битката за Берлин

Пролетта 1945 година Третиот рајх ги одбројуваше своите последни денови, но Германците и покрај тоа успеаја за одбраната на својата престолнина да концентрираат сили кои броеја меѓу 800.000 и милион војници. Единиците на Црвената армија кои имаа намера да се пробијат во „дувлото на ѕверот“ броеја нешто над два милиони војници.

Пробивајќи ја длабоко ешалонираната германска одбрана и одбивајќи многубројни непријателски контранапади, советските единици на 25 април го стегнаа обрачот околу градот. „Офанзивата на Берлин беше проследена со тешки улични борби“, се сеќаваше подоцна Владимир Антонов кој служел во 301 стрелачка дивизија: „Видовме како стрелачките водови, покриени од сите видови оружје, јуришаат на подрумите, на прозорците и на вратите на околните згради. Борба се водеше за секој подрум и за секој кат, за секоја зграда и за секоја населба. Сите со нетрпеливост чекаа на прозорецот на највисокиот кат или на покривот да се појави црвеното знаме, што значеше дека зградата е заземена...“

Опколениот берлински гарнизон капитулираше на 2 мај. Некои единици не сакаа да го положат оружјето и се обидоа да се пробијат на запад, но и тие беа уништени или истерани. Во Берлинската операција загинаа 80.000 советски војници.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња