„Од каде е оваа Кинезинка?“, е прашањето што често ѝ го поставувале на Елизавета Кишкина во текот на триесеттите години на минатиот век на улиците на Москва. Тогаш девојчето, секако, не ни прашувало дали е таа Кинезинка или Русинка.
Ли Лисан со жена си и ќерка си Ина.
Public domainМајката на Ина Елизавета е родена во Саратов во семејство на спахија. Нејзиниот татко не можел да ја поднесе револуцијата од 1917 година и извршил самоубиство. Целиот живот таа се срамела од своето потекло и го криела, зашто во Советскиот Сојуз тоа било извор на многу непријатности.
Таткото Ли Лисан потекнувал од имашно кинеско семејство. Студирал во Франција, каде се задоил со комунистички идеи. Поради организирањето работнички штрајк бил депортиран во Кина, каде веднаш стапил во тукушто основаната комунистичка партија. Активистот Лисан отворал одделенија на партијата ширум Кина и набргу фактички станал нејзин лидер.
Во текот на дваесеттите години од минатиот век по неуспешниот обид за кревање револуција, која тој ја иницирал во надеж дека ќе добие поддршка од Црвената армија, Лисан е повикан во Москва на „суд“ на Коминтерната. Едно време поминал во затвор поради обидот да го вовлече СССР во војна. По некакво чудо ги избегнал репресиите, но 15 години не му било дозволено да ја напушти земјата. За тоа време се оженил со Елизавета, а во 1943 година ја добил ќерката Ина. На Лисан во 1946 година му е дозволено да се врати во Кина, а набргу потоа се преселило и семејството.
Во пограничниот град Харбин од државата добиле куќа на користење. Била мошне скромна, но по комуналниот стан во Москва новата куќа во очите на Ина била огромна. Нејзината мајка се обидела да ги зачува руските обичаи. Ина ја дала во градинка. Во 1949 година Мао го повикал Лисан на нова функцијата, па семејството се преселило во Пекинг, каде имале голема куќа со послуга.
Оддесно налево: Ина, Ли Лисан, Елизавета Кишкина и нивната втора ќерка Ала.
Public domainРуската дијаспора во престолнината била малобројна. Ина набргу се спријателила со другите деца од мешаните бракови. „Се обидовме да се нарекуваме русакито, но тој израз не заживеа. Подоцна смисливме полесен збор: китаруси. И сè си дошло на свое место. Кинеската култура главно е мошне затворена, тука не ги сакаат странците“, ја цитира Ина Александар Архангељски во новата книга „Руски хиероглифи. Животната приказна на Ина Ли која таа самата ја раскажа“ (Редакција на Елена Шубина, АСР, 2022).
Кога требало да тргне во десетто одделение, Ина со својата мајка една година дошла во Москва тука да го заврши училиштето и да добие советска диплома и пасош. Мајка ѝ понудила да остане и да се запише на факултет, но на Ина не ѝ се допаднала идејата да живее во „постсталинскиот“ период на педесеттите години од минатиот век, и повторно во „комуналка“.
Мао и СССР во текот на шеесеттите години од минатиот век повеќе не биле блиски. Во Кина започнал да се зајакнува авторитарниот режим. Лисан западнал вo проблеми поради своите врски со Советите и поради етничката припадност на сопругата. Ина морала да се откаже од советскиот пасош. Сега името ѝ било кинеско: Ли Јинан.
Се запишала на превод на Пекиншкиот универзитет и се зачленила во Комсомол. Условите за живот во студентскиот дом биле спартански. Се спиело на дрвени кревети без душек. Се станувало во 6 часот наутро, на звук на ѕвонот, фискултурата била задолжителна на секакво време, а во трпезаријата се одело во строј. Ина меѓу студентите се обидувала да биде примерна комсомолка, но дома живеела како типична претставничка на „златната младина“, со танц, со музика и со странци кои доаѓале на гости. „Така започна да се формира мојот двоен живот#.
Потоа во Кина настапил глад, воведени се точки за храна и оброци, а дома семејството на Ина сè уште имало личен готвач.
Кина се подготвувала за целосно прекинување на односите со СССР, започнала „културната револуција“. Во комунистичката партија започнало „разоткривањето“ и чистките, па на таткото на Ина не му се пишувало добро. Најпрво привремено е отстранет од работното место, а потоа во 1964 година е обвинет за шпионажа во корист на СССР и бил затворен. Според официјалната верзија, во затворот Ли Лисан извршил самоубиство, земајќи големо количество седативи, но Ина е уверена дека некој му „помогнал“ во тоа.
Набргу по апсењето на нејзиниот татко и Ина се нашла во затвор заедно со помладата сестра и со нејзината мајка. Две години подоцна Мао решил да ја укине казната за децата кои биле затворени поради „гревовите“ на родителите, и наместо тоа да ги испрати на превоспитување, односно на „курсеви за проучување на идеите на Мао Ѕедунг“. Ина немала никакви вести за родителите. Дури по ослободувањето дознала дека нејзиниот татко починал.
Била испратена во едно зафрлено село на превоспитување. Дење работела на оризовите полиња, навечер одела на политичка настава. Набргу потоа во Кина започнале да пристигнуваат странци, па Ина како преведувач била повикана во Пекинг. Меѓутоа, добила хепатит и еден ден минала во болници, по што како „поранешна заразена“ повеќе не била ангажирана како преведувач во политбирото, и дури ѝ била доделена посебна соба. Така станала слободна, а меѓу „поранешните заразени“ го запознала својот иден сопруг и набргу родила дете.
Мајката на Ина била целосно рехабилитирана во 1979 година, по осум години затвор и прогонство кое следувало. Елизавета Кишкина, позната во Кина под името Ли Ша, ја втемелила кинеската русистика и се стекнала со звање професор по руски јазик. (Ја напишала автобиографската книга „Од Русија во Кина – пат долг сто години“). Ина издејствувала и целосна рехабилитација на својот татко.
Ина го посетила СССР во 1984 година, првпат по повеќе од 20 години. Дваесет месеци чекала пасош и виза. Од далечната Кина ѝ се чинело дека нејзината татковина брзо се развива, но кога дошла сфатила дека сè е исто како порано – и начинот на живот, и разговорите, и интересирањата... Навистина, набргу настапила добата на Горбачов, перестројката и новите билатерални односи со Кина. Ина во тој период како русист била повикувана на официјални патувања во СССР.
Тогаш веќе имала два сина, обајцата оделе во кинеско училиште, но мајка им со нив разговарала на руски. Во Кина се подобрила положбата на Русите (или на „Китарусите“, како што Ина велеле во детството). Тие сега можеле да се собираат и да ја пренесуваат на своите деца културата на татковината. Ина во 1989 година заминала со децата во Москва и останала шест години. Децата тогаш оделе во локалното училиште. Тука постапувала обратно – дома со нив разговарала на кинески за да не го заборават. И двајцата синови на Ина завршиле факултет во Москва, а подоцна со мајка си се вратиле во Кина, зашто на Ина не ѝ годела атмосферата во Русија во деведесеттите години од минатиот век.
Сега Ина Ли (Ли Јинан) е познат кинески русист, професор на Пекиншкиот универзитет за странски јазици. Денес таа се изјаснува како Кинезинка со руска насока. „Претходно моите две етнички половини беа во конфликт. Фала Богу, сега си пронајдов некаква хармонија. Излезе дека баш ми одговара седењето на два стола, зашто кога сум затворена во една култура започнувам да се гушам“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче