Беше недела вечер, кога на московскиот аеродром Внуково во авион влезе Евгениј Володин. 26-годишниот столар од Новокузнецк, вработен во локалната фабрика за мебел, носеше со себе патна торба во која имаше шест шишиња со шалитра врзани по две со леплива лента. Никој не се заинтересира за содржината на неговата торба. Беше 17 март 1991 година, во земјата штотуку беше одржан Сесојузниот референдум за зачувување на СССР.
На редовниот лет Москва - Новосибирск речиси и да немаше празни места. 365 патници, меѓу кои и луѓе со бебиња, полетаа кон небото. Два часа минуваат без проблем. Сé додека Володин не стана од своето место. Долго чекаше да се расчистат премините во авионот, но тие беа цело време зафатени: прво стјуардесите послужија вечера, потоа кафе и чај, а потоа ги собираа отпадоците. Не можеше да чека повеќе. Отиде во тоалетот што е најблиску до пилотската кабина и ја зема чантата со себе.
„Два часа по полетувањето, сите во пилотската кабина почувствуваа силен удар на вратата“, се присеќа Јуриј Ситник, копилотот на летот.
Она што го доживеаја како удар всушност беше експлозија. Володин помина една минута во тоалетот, а потоа ја отвори вратата и фрлил две бомби од експлозивна смеса во преминот. Третата не успеа да јафрли бидејќи веќе избувна пожар околу вратата. Володин го затворија во тоалетот.
Не разбирајќи што се случува, пилот-инструкторот Анатолиј Екзархо му вели на инженерот за летови: „Види кој провалува“. Овој ја отвора вратата и во кабината влегува облак чад. „Сите беа повредени: косата и веѓите ни беа изгорени, сите откриени делови од телото се здобија со изгореници. За среќа инженерот веднаш ја затвори вратата, вели Ситник.
Во авионот започнува хаос. Во паника луѓето се упатија кон излезите и се обидуваа да ги отворат. Други побрзаа кон делот од авионот подалеку од пожарот, во опашката, што можеше да доведе до губење на рамнотежата. Но, не можеа долго да останат на нозе.
„Екзархо реагираше моментално: како што е пропишано во случај на пожар, го префрли авионот во остро понирање. Ил-86 леталше кон земјата со брзина од 70-80 метри во секунда, така што бестежинската состојба беше како во вселената, раскажува Ситник.
Лутиот чад веќе стигна да ја наполни пилотската кабина и Екзархо почна да губи свест. Јуриј Ситник стигна на време да ја стави маската за кислород. Сега го бараше најблискиот аеродром.
„Испратив порака: „До сите што нé слушаат! Ова е авионот 86082. Се наоѓаме на 160 километри од градот Серов. Паѓаме, гориме“. Едвај ги читав податоците на инструментите поради чадот. Под нас беа планините Урал и беше опасно да се спуштиме пониско од 2700 метри“, се сеќава тој.
Набргу откриваат уште еден проблем.
Пожарот е изгаснат за 20 минути. Го изгаснаа капетанот на авионот Јаков Шраге, стјуардите и двајца патници: истражител на обвинителството и мајор-тенкист, кој претходно два пати преживеал пожар во Авганистан. На обајцата рацете им беа изгорени до коска. Потрошија 14 противпожарни апарати и не дозволија да изгорат каблите, што ќе доведеше до исклучување на апаратурата во авионот.
Дотогаш Анатолиј Екзархо се освести, но на навигаторот му се слоши. Сепак, тој веќе успеа да го постави авионот на курс до аеродромот „Кољцово“ во Свердловск (денешен Екатеринбург). Чадот почна да се разредува и екипажот можеше да ги види инструментите. Меѓутоа, се појави нов проблем: сега не можеа да ја видат пистата.
„Оддалеченост 8 километри, висина 400 метри“, соопшти диспечерот на аеродромот. „Ја гледате ли пистата?
„Не ја гледаме“, одговори авионот.
„Тогаш мојата рака случајно или од навика го допре стаклото на кабината. На него се нафатиле саѓи и тоа не обични, туку во вид на иглички долги половина прст. Се налепила на сите стакла и не ја пропушташе светлината однадвор“, објасни подоцна Ситник. За секунда пилотите исчистија прозорчиња со големина на тацна, и во ноќта на оддалеченост од 6 километри ги здогледаа светлата на пистата. Тоа се случи буквално една минута пред планираното спуштање да се претвори во неконтролиран пад.
Авионот слета, го однесоа подалеку од аеродромската зграда и ја отворија вратата на предниот дел. Стигнаа до скалите и група специјалци упадна во авионот.
„Терористот го истераа од тоалетот со солзавец и тогаш почна! Специјалец пука во воздух, му ја пика цевката на пиштолот в уста (изгледаше како да му ги скрши забите) и викал: „Ѓубре, сестра ми е во авионот, ќе те распарчам!“ А потоа сосема мирно: Кажи кој те прати“, се присетува Ситник. До него стои друг офицер со диктафон.
Подоцна Ситник дозна дека Володин не планирал да го киднапира авионот и немал никакви барања. Тоа беше терористичка акција со единствена цел: никој да не остане жив. „Кога го подготвуваа судењето, КГБ ни објасни дека тој бил под влијание на ерменските националисти кои сакаа да го свртат вниманието кон Нагорно Карабах. Очигледно, Володин бил многу податлив. Во секој случај, наместо најстрога казна, тој доби упат за психијатриска болница“, рече Ситник.
За време на сослушувањата се покажало дека напаѓачот-самоубиец година и пол го проучувал системот за контрола на аеродромот и правилата за влегување во авионот. Тој го избрал најголемиот патнички авион Ил-86 (кој се користеше до 2010 година) и конструирал експлозивна направа без метални делови за да не ја регистрираат сензорите при влегувањето во авионот. Во тоа време, на советските аеродроми го немаше сегашниот систем за контрола, туку само премини за детекција на метал со цел да се спречи внесување огнено оружје. Никој не обрнувал внимание на шишињата во багажот.
Тој планирал да ги расфрли бомбите во три различни делови од авионот. Доколку тоа се случеше, авионот немаше да има шанси да слета. Во авионот заедно со екипажот имаше 382 лица. Но, гужвата во премините и нетрпението на Володин му го нарушија планот. Се одлучил на крајот за едно место за пожар. Само поради сплет на околностите и прецизната акција на екипажот овозможија да се избегне фатална ситуација. Никој не го загуби животот таа ноќ.
Подоцна Јуриј Ситник од претставниците на КГБ дозна дека, благодарение на податоците добиени од Володин, слични терористички напади биле спречени во Санкт Петербург, Калининград и други градови.
„Оттогаш сешто доживеав во животот. Добив орден „За лична храброст“ [го добија сите членови на екипажот], слетав во Багдад ноќе на неосветлен аеродром и ги исплашив политичарите и новинарите во авионот. На враќање од Сирија, мојот авион за малку ќе го собореше американски ловец над Турција. Но, она што го преживеав ноќта меѓу 17 и 18 март 1991 година, никогаш повеќе не ми се случи. И добро е што е така“, вели Ситник.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче