Архивата на Митрохин, најголемата колекција украдени тајни документи во историјата на КГБ

Churchill Archives Centre
Откривањето на овие документи им даде на западните служби и на истражувачите уникатен увид во функционирањето на една од најконспиративните организации од епохата на Студената војна.

Пролетта 1992 година еден Русин зачука на вратата на британската амбасада во Рига. Од дното на својата торба извлече примерок на тајни документи кои, како што тврдеше, ги украл од архивата на КГБ во Русија. На збунетиот службеник му ветил многу повеќе доверливи документи во замена за азил во Велика Британија.

Неочекуваниот посетител

Човекот кој се појави во британската амбасада беше Василиј Митрохин, соработник на КГБ во пензија. Не само што беше во пензија, ами ја претставуваше организацијата која повеќе не постоеше, со оглед на тоа што КГБ беше распуштено по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Сепак, западните разузнавачки служби беа заинтересирани за овие документи.

Делче од документацијата што Митрохин ја однесе во британската амбасада укажуваше дека тој навистина има пристап до доверливи информации. Британската тајна разузнавачка служба (Ми-16) пристапи кон извлекување на изворот и на преостанатиот материјал од Русија.

Скривница во викендичка

Излезе дека Василиј Митрохин во СССР имал речиси целосен пристап до архивите на КГБ поради својата позиција во организацијата. Кога раководството на КГБ наложи архивите на Првата управа на КГБ да бидат префрлени од седиштето на Лубјанка во новиот комплекс на КГБ во населбата Јасенево на југоистокот од Москва, Митрохин, кој работел како постар архивар, бил задолжен да го надгледува овој процес.

За Митрохин тоа била одлична можност да ги фотокопира и да прокриумчари еден куп доверливи документи. Од 1972 до 1984 година архиварот имал исфотокопирано стотици и илјадници документи кои фрлаат светлина на пристапот на КГБ кон собирање податоци и водење шпионски мрежи во странство од почетокот на советската епоха до нејзините последни години.

Митрохин со години фотокопирал тајни документи од архивот на КГБ и копиите ги криел во канта за млеко под подот на својата викендичка.

Необично е тоа што содржината на својата колекција ја открил дури по распадот на Советскиот Сојуз. Како државјанин на постсоветска Русија заминал во независна Латвија со делче од документацијата. Вработените во британската амбасада најпрво го одбиле зашто мислеле дека е несигурен, но по проверката излегло дека не е така.

„Од првите педесет документи Британците го сфатија огромното значење на архивата на Митрохин. Потоа организираа целото семејство на Митрохин да биде префрлено во Лондон: неговата сопруга, свекрвата и синот (сите беа инвалиди). А, Митрохин веќе имаше над 80 години“, вели Олег Гордиевски, двоен агент кој пребега во Британија во 1985 година.

Мотивите на Митрохин не се сосема јасни. Некои се уверени во тоа дека поранешниот службеник на КГБ бил разочаран од советскиот систем и од методите на тајната полиција и дека затоа бил подготвен да преземе огромен ризик, со цел да се осигури дека вистината ќе излезе на виделина.

Други, пак, се сомневаат дека неговите мотиви биле повеќе користољубиво. Разочаран од својата кариера и оптоварен со инвалидитетот на членовите на своето семејство, Митрохин во криумчарењето на документите видел можност да го промени својот живот.

Содржината на документите

Без оглед на мотивите, документите беа отворени. Архивата на Митрохин беше подетална од сите други разузнавачки податоци што беа откриени во текот на постоењето на СССР. Според ФБИ, документот се „најкомплетната и најобемната колекција разузнавачки податоци кои некогаш биле добиени од еден извор“.

„Документите на Митрохин го опфаќаат периодот од воспоставувањето на советската власт во 1917 година до предвечерието на власта на Горбачов“, вели Кристофер Ендрју, професор по историја, коавтор на двете книги кои се засновани на документите на Митрохин.

Според содржината документите беа разновидни. Тоа, меѓу другото, имаше белешки за папата Јован Павле Втори кого тајните служби сакаа да го компромитираат; за Мелита Норвуд, британската агентка на КГБ која доверливите научни информации со децении ги проследуваше на советските контакти; за познатата шпионска група во Британија позната како Кембричка петорка за чии определени членови КГБ сметаше дека се несигурни поради претераното консумирање алкохол; и за Мартин Лутер Кинг, кого КГБ (како и ФБИ) сакаше да го дискредитира.

Освен тоа, документите открија некои работи кои претходно беа непознати за властите на Запад. На пример, дознаа дека СССР имал план да изведе неколку саботажи на американско тло (и во други сојузнички земји), во случај Студената војна да премине во отворен државен судир. Во различни делови на САД се наоѓаат резерви на оружје кои се подготвени да бидат употребени во случај да дојде до такво нешто.

Архивите исто така покажуваат дека КГБ ги поддржувал теориите на завера околу убиството на претседателот Џон Кенеди, финансирајќи писатели кои промовирале алтернативен пристап кон овој историски настан.

Последици

Како што мотивот на Митрохин беше предмет на претпоставки, така и релевантноста и веродостојноста на откриените материјали се доведуваа во прашање. Иако документите без сомнеж претставуваат богат извор на информации за историчарите, нивната релевантност за современите разузнавачки служби е спорна, особено поради тоа што се застарени.

Првата книга заснована на архивата на Митрохин беше објавена во 1999 година, а оригиналните белешки станаа достапни за јавноста од 2014 година. Дури и во времето на разоткривањето на документите на британските власти во 1992 година, Советскиот Сојуз и КГБ повеќе не постоеја. Иако откривањето на некои податоци доведе до отворање на истрага во Британија, во Италија и во Индија, тие не доведоа до значајни резултати. Доволно е само да се каже дека, на пример, советскиот извор на информации Мелита Норвуд никогаш не беше осудена во Британија за она што го имаше направено за време на Студената војна.

Денес секој може да пристапи до архивата на Митрохин преку дигиталната архива на Центарот Вилсон.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња