Кој бил „рускиот Гутенберг” и кога почнало печатењето книги во Русија?

Russia Beyond (Photo: A.Savin; Sputnik; Public domain)
Првиот руски печатар бил помошник на свештеник. Иако царот Иван Грозни му бил наклонет, практично бил протеран од Москва, а неговата печатница запалена. Како воопшто дошло до тоа?

Кон средината на петнаесеттиот век, кога започнало печатењето книги во Европа, во Русија растел интересот за читање и собирање книги. Меѓутоа, ни стотина години по појавувањето на Библијата на Гутенберг во Московското царство не се забележани обиди за печатење книги. Библиографот Василиј Румјанцев го објаснува тоа со „исклучителниот развој на ракописната дејност“ и „прекумерната ревност на Русите во препишувањето книги“. Од тоа живееле огромен број луѓе.

Сепак, имало руски печатени книги, објавувани во странски печатници (меѓу другите германски и полски) уште на почетокот на шеснаесеттиот век и продавани на Русите.

Повеќето од книгите биле свети текстови наменети за богослужба. Меѓутоа, во ракописните списи имало многу грешки, најмногу по вина токму на препишувачите. Во тоа време, царот Иван Грозни иницирал изградба на голем број нови цркви и манастири кои плачеле за богослужбени книги, од кои се очекувало да бидат истоветни и правилно препишани.

Печатењето требало да помогне во просветлувањето и на новите руски земји, вклучително и на Казанското царство, кое штотуку го освоил Иван Грозни.

Првата печатница во Москва

На покана на рускиот цар, во Москва пристигнал Данецот Ханс Месингејм. Кај него биле испратени ученици - Иван Фјодорович, ѓакон на една од црквите во Кремљ, која денес не постои, и неговите помошници Петар Мстиславец и резбарот Васјука Никифоров (најверојатно ги сечел буквите и гравурите). Машината за печатење била нарачана од Полска, каде што веќе се издавале руски книги.

Во 1553 година започнало печатењето на непотпишани книги, а со тој бизнис најверојатно управувал самиот Ханс Месингејм. Меѓутоа, за прва печатена книга во Русија се смета „Апостол“ од 1564 година, која е прецизно датирана и потпишана од издавачот Иван Фјодоров. Книгата ги содржи новозаветните книги „Делата на светите апостоли“, Посланијата на апостолите Јаков, Петар, Јован, Павле и Откровението на Јован Богослов (Апокалипса). Се претпоставува дека се испечатени околу две илјади примероци, од кои до нас стигнале помалку од стотина познати примероци.

Библиографите биле воодушевени од квалитетот на првата печатена книга, меѓу другото, од префинетите потези, истата големина на буквата распоредена по прави линии, како и од фактот дека растојанието меѓу зборовите и пасусите било секогаш еднакво и изедначено. Притоа буквите изгледаат на ракописни и се малку навалени надесно.

Во книгата има и поговор на Иван Фјодорович, во кој тој вели дека царот Иван Василевич со благослов на митрополитот Макариј наредил да се најдат мајстори и да се изгради печатница и дека царот по тој повод ни најмалку не жалел од богатството од ризницата.

Меѓутоа, против печатачот се побуниле препишувачите на книги, сметајќи дека ги оставаат без леб. Непознати лица дури и подметнале пожар во печатницата.

Во својата статија „За руската држава“ англискиот дипломат од шеснаесеттиот век Џилс Флечер, наведува дека зад незадоволството и пожарот стојат црковни великодостојници. Тие, наводно, биле против ширењето на просветата, „како да се плашеле да не се открие нивното необразование и нечесност“. Тоа индиректно го потврдил и самиот Фјодоров. Подоцна тој пишувал за прогонството на „праведниот“ печатарски бизнис, објаснувајќи го тоа со баналната завист на високите свештеници.

Во 1568 година царот наредил да се продолжи со печатење книги во Москва. Во новата печатница почна да работи Андроник Невез, ученик на Иван Фјодоров. На својот имот Александровска Слобода Грозни отворил уште една печатница. Со текот на времетос печатарската дејност само се проширила, но сé до почетокот на XVIII век и владеењето на Петар Велики, биле печатени само црковни книги.

Протераниот печатар

Инаку, по пожарот Фјодоров морал да побегне во Големото војводство Литванија. Успеал да го понесе со себе приборот за печатење, буквите и плочите за гравири. Некои историчари сметаат дека Фјодоров заминал по наредба на Иван Грозни, кој сакал да воспостави односи со богатите литвански православци, испраќајќи им печатар.

Со парите на литванскиот хетман Фјодоров основал кирилична печатница во градот Заблудов (денешна Полска), а во 70-тите години  на 16 век основал печатница во Лавов (денешна Украина), кој бил престолнина на Руското војводство во рамките на Полско-литванската држава. Фјодоров тука објавил уште еден „Апостол“ (1574) со голем поговор во кој пишувал за своето занимавање со печатарство и прогонството.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња