Како еден непријател на болшевиците стана еден од најдобрите советски војсководци

Russia Beyond (Министерство за одбрана на РФ; Всеволод Тарасевич /МАММ/МДФ/russiainphoto.ru)
Во Граѓанската војна во Русија Леонид Говоров се бореше против советската власт. Но тоа, сепак, не му пречеше подоцна да стане Маршал на Советскиот Сојуз. Архитектот на советските победи на северозападот на СССР во Втората светска војна стана легенда на Црвената армија.

Леонид Говоров на воена парада во чест на 30-годишнината од Октомвриската револуција, Црвен плоштад.

„Сите негови одлуки беа добро промислени, наредбите беа куси и совршено јасни. Секогаш бараше многу од себе и од своите подредени, секогаш беше строг и принципиелен. Меѓу војниците, офицерите и генералите уживаше огромен авторитет“, Вака генералот Борис Бичевски го карактеризираше маршалот на Советскиот Сојуз Леонид Говоров. Поради педантноста во работата Говоров го доби прекарот „аптекар“.

Во 1918 година, кога во делови на Руската империја избувна Граѓанската војна, Леонид Говоров живеел во еден помал град Елабуги, недалеку од Казањ. Се школувал во артилериското училиште и покусо време служел во војска од која се демобилизирал како заставник. Говоров не успеал да остане далеку од судирот, им се приближил на белите и во септември истата година го зазел Елабуги. Подоцна тврдел дека бил мобилизиран.

Леонид Говоров со својата сопруга Лидија, 1923 година.

Речиси една година војувал во Осмата Камска стрелачка дивизија на Западниот оддел на армијата каде командувал со артилериска батерија. Со наредба од 13 јули 1919 година Врховниот командант адмирал Александар Колчак го унапредил во потпоручник. Меѓутоа, некаде во ноември-декември 1919 година белата војска претрпе тежок пораз и започна да се повлекува зад Урал, Говоров решил да премине на страната на црвените.

Леонид Александрович бил еден од неколкуте илјади бели офицери кои ѝ се приклучиле на Црвената армија. Болшевиците високо ги ценеле овие „воени стручњаци“, но како неодамнешни непријатели ги држеле на око. Говоров, трудејќи се да ја заслужи довербата, пожртвувано и херојски се борел против војската на грофот Врангељ на југот од Украина и на Крим, двапати бил ранет, па дури и награден со орден Црвено знаме.

Војсководците на Црвената армија: седат (одлево надесно): маршалите Иван Конев, Александар Василевски, Георгиј Жуков, Константин Рокосовски, Кирил Мерецков. Стојат: Фјодор Толбухин, Родион Малиновски, Леонид Говоров, Андреј Еременко, Иван Баграмјан.

Високото признание во голема мера придонело за довербата на советското раководство кон поранешниот бел офицер, а Говоров продолжил да гради кариера во Црвената армија. Дури и успеал да го преживее времето на масовните репресии во СССР познато како Големиот терор. „Сталин го ценеше професионалецот во него, како и тоа што Леонид Александрович и неговата сопруга беа скромни луѓе“, смета внукот на маршалот Алексеј Говоров. „Дедо ми не сакаше никакви собири и седенки, не се мешаше во политика. Беше максимално посветен на професионалните прашања и целосно беше предан на работата. Очигледно тоа го зачува од репресиите и му го спаси животот“.

Генерал-полковник Л.А. Говоров го разгледува запленетото германско оружје.

Во советско-финскиот судир 1939-1940 како началник на штабот на артилериската советска Седма армија Говоров спроведе голема работа во подготовката за кршење на линијата на Манерхејм и за организација на пробивот на утврдениот реон за што беше награден со орденот Црвена ѕвезда. Меѓутоа, без оглед на сето тоа, сè уште не му беше дозволено да стане член на Комунистичката парија (тоа ќе се случи дури во 1942 година).

Митинг во ослободениот Можајск

За време на Битката за Москва есента и зимата 1941 година, Петтата армија под негова команда водеше тешки одбранбени борби западно од престолнината на подрачјето на Можајск, а на почетокот од декември учествуваше во големата контраофанзива на советските единици. „Во нашата одбрана кај Москва главниот товар на борбата против бројните непријателски тенкови падна пред сè на артилеријата, а стручните знаења и искуството на Говоров беа особено вредни“, забележа тогашниот командант на Западниот фронт Георгиј Жуков.

Борците на Волховскиот фронт ја пробиваат блокадата на Ленинград.

Во април 1942 година Леонид Говоров е префрлен во Ленинград кој се наоѓаше под блокада и сите негови активности во следните години се поврзани со борбените дејствија на северозападот од Советскиот Сојуз. На местото командант на Ленинградскиот фронт, покрај тоа што од исцрпен град направи тврдина што не може да се освои, успеа да подготви група единици за пробивање на непријателската блокада. Ова се случи на 18 јануари 1943 година во текот на операцијата „Искра“ заедно со Волховскиот фронт. Една година подоцна Црвената армија конечно ги потисна германските единици од Ленинград.

Советски тенк ИС-2, Карелија.

Летото 1944 година Леонид Александрович се врати во Карелиската превлака која му беше добро позната од Зимската војна. Тука го дочека новиот фински систем на одбранбени утврдување во Карелискиот свиок кој делумно ја вклучуваше обновената „Манерхајмова линија“.

„Катјуши“ во околината на Виборг, Ленинградски фронт.

„Говоров одлучи спроведување на цела операција на напредување од 12 километри дневно. Тоа значеше дека армиранобетонскиот појас во длабочина треба да се пробие практично во движење и да се заземе Виборг за десет до дванаесет дена по почетокот на офанзивата. Во советско-финската кампања 1939-1940 година на оваа дистанца беа потрошени сто дена“, велеше Бичевски. По масовниот воздушен удар и артилериската подготовка која траеше десет часа, советските единици тргнаа во напад. Десет дена по почетокот на офанзивата, на 20 јуни, Виборг беше заземен, а два дена претходно генералот на армијата Говоров го доби звањето Маршал на Советскиот Сојуз.

Леонид Александрович Говоров (1897 - 1955)

Последното бојно поле на Говоров беше Прибалтикот. Кон крајот на војната во западна Латвија сè уште се бореше Групата армии Курландија под опсада на советските единици. Дури на 9 мај 1945 година Леонид Александрович ја прифати капитулацијата на нејзиниот командант генерал-полковникот Карл Хилперт, и на тој начин го заврши ослободувањето на територијата на Советскиот Сојуз од непријателските единици. 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња