Зошто луѓето во СССР купуваа работи „да траат СО ВЕКОВИ“?

Russia Beyond (Н. Желудович / TASS; Юрий Белозеров / TASS; Максим Блохин / TASS; Алексей Раковщик)
Просечниот рок на употреба на советските плакари беше 30 години, на автомобилите 50 години, додека теписите се користеа бесконечно. Тука не беше само штедливоста на дело.

Во 1999 година Дмитриј Најм, родум од Первоуралск, наполнил 14 години. Тогаш за прв пат го поканил на состанок девојчето што му се допаѓало. Навистина сакал да ја импресионира и затоа решил да ја повози во првиот автомобил на неговиот татко ВАЗ-2106, произведен 1972 година. За време на СССР никој не ни сонуваше за западни автомобили. Платите беа мали, а странските возила, згора на тоа, беа неверојатно тешки за набавка поради тоталниот дефицит. Додека неговиот татко спиел, Дмитриј ги украл клучевите, седнал зад воланот и тргнал на состанок со својата избраничка.

ВАЗ-2106

„Се повозев со девојката. Следеа бакнежи на месечината. Беше јули. Потоа ѝ подарив обетки и ја научив да вози. Потоа, се разбира, си го своето од моите родители, но вредеше!“, присетува Најм.

Денес Дмитриј е оженет со друга жена, има деца, а автомобилот на неговиот татко сè уште го чува во гаражата во возна состојба.

Според него, како и според мислењето на другите Руси кои пораснаа и живееја во СССР, речиси сите работи произведени во Советскиот Сојуз биле купувани за неколку генерации и користени долго време.

Недостиг и сиромаштија  

Важна улога при изборот на роба имаше тоталниот дефицит. Луѓето, особено во внатрешноста, знаеја дека е тешко да се дојде до квалитетен плакар или телевизор. Тоа го правеа главно преку познаници и роднини кои беа вработени во трговски претпријатија и имаа директен пристап до дефицитарната стока. Кога ќе се купеше таков телевизор, никој не знаеше кога ќе може да го замени или да купи нов. Покрај тоа, ниските плати ги наведуваа луѓето да купуваат квалитетни работи кои можат да траат „со векови“.

72-годишната Елена Краснова во советско време живеела во Таганрог. Според неа, во внатрешноста било невозможно да се купи мебел или бела техника поради дефицитот. Освен тоа, нејзината мала плата не ѝ го дозволувала тоа. За да купи телевизор и магнетофон, одела во Москва, а по мелница за кафе во Рига (Летонија беше дел од СССР од 1940 до 1991 година), додека садови и кристален лустер набавила во соседната, тогашна социјалистичка, Чехословачка.  

„Во Чехословачка, во девизна продавница заменувавме 300 рубли за локални круни и купувавме чешки садови и лустери. Таму можевте да купите и кожен мантил, но тоа веќе беше 600 рубли, прилично скапо. Просечната плата во тоа време беше 120 рубли“, се присетува таа.

42-годишната Олга Пастушкова од Самара како дете на молба на родителите сама стоела во редиците за путер, колбаси или фаширана шницла. А во станот на нејзината мајка сè уште е советскиот креденец со кристални вазни, поради кој и нејзиното семејство стоело во редица.

„Мајка ми почина годинава, а креденецот уште стои. Сепак тогашното производство беше насочено кон квалитет, а не кон квантитет“, смета Пастушкова.

63-годишниот Алексеј Раковшчик од Санкт Петербург често стоел во редица со сопругата и бабата. Еднаш поминал неколку часа во редица во стоковна куќа за да ѝ купи гаќи на жената кои во тоа време биле дефицитарни.

„Жената стоеше неколку часа во Домот на Ленинградската трговија за да ѝ купи бундичка на нашата ќерка. А еднаш бабата и жената, стоејќи во редица, купија телевизор „Радуга“ кој се продаваше во одделот за машки костуми. Кога снемало костуми, се појавил телевизорот и така го купиле. Се подразбираше дека квалитетните работи траат долго. Покрај тоа, многу се приврзувам за нештата, го сакам она што е едноставно за користење и сигурно“, објаснува Раковшчик.

Телевизор „Радуга-303“

Поправки и доверба во државниот стандард   

Постојаниот дефицит создаде навика кај луѓето да купуваат сигурни работи кои траат долго, наместо постојано да трошат на работи со слаб квалитет.

Квалитетот на робата го контролираше државата. Уште во 1920-тите започна воспоставувањето на системот на стандарди во производството (ГОСТ), а од 1960-тите сите стоки за цивилна употреба имаа печат со ознака OTK (Одделение за техничка контрола). Некои производи добиваа и специјален знак за квалитет.

Покрај тоа, многу работи беа лесни за поправка, се присетува 56-годишниот Дмитриј Попов од Санкт Петербург. Неговите родители купиле фрижидер ЗИЛ во 1960-тите години и тој и понатаму е во употреба во викендичката.

Фрижидер ЗИЛ

„Порано работите беа погодни за поправка, односно цената на поправката беше значително пониска од цената на новата работа. Истиот фрижидер, иако застарен, ги врши сите функции во услови на ограничена употреба. Ниеднаш немал поголеми дефекти“, вели Попов.

Мебелот што Марина од едно село во Псковската област го купила во 1970-тите исто така ѝ служи преку 40 години. Не планира да го замени, пред сé затоа што мисли дека е убав и „вистински“. „Купував сé по мој вкус, мебелот во тоа време беше од природно дрво и изгледаше убаво!

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња