Како синот на Мао Ѕедунг војуваше за СССР против нацистите во Втората светска војна

Russia Beyond (Photo: Владимир Гребњов/Sputnik; Legion Media)
Мао Анјинг ги поднел сите непогоди и опасности од војната против Германија и Јапонија, но не преживеа еден напад на американската авијација.

Децата на советските водачи во Втората светска војна често учествувале во борбените дејствија заедно со обичните војници. Постариот син на Сталин Јаков Џугашвили беше командир на артилериска батерија и се најде во германско заробеништво (каде го изгуби својот живот), додека пилотот Леонид Хрушчов загина во воздушна борба во 1943 година.

Во заштита на Советскиот Сојуз често се кревале и децата на познатите припадници на советското комунистичко движење. Жарко Броз, син на лидерот на југословенските комунисти Јосип Броз, ја загуби раката во зимските борби во 1941 година кај Москва, а Рубен Руси Ибарури, син на познатата претставничка на шпанските комунисти Долорес Ибарури не ја преживеа Сталинградската битка.

Мао Ѕедунг со синот Мао Анјинг.

Во Црвената армија служел и синот на Мао Ѕедунг, човекот кој во тоа време беше угледен член на Комунистичката партија на Кина. Мао Анјинг учествуваше во борбите и против Германците во Европа, и против Јапонците на Далечниот Исток.

Втор дом

Детството на постариот син на идниот „Голем крмоносец“ помина во периодот кој беше тежок за кинеските комунисти. Тие кон крајот на дваесеттите години од минатиот век беа изложени на непрекинат прогон од владејачката партија Куоминтанг.

Јанг Каихуи, мајката на Мао Анјинг.

Јанг Каихул, мајката на Мао Анјинг, беше погубена во 1930 година, по што осумгодишното момче останало незгрижено, далеку од својот татко, и беше принуден да живее просјачки живот на улиците на Шангај. Мао Ѕедунг дури во 1936 година успеа да го пронајде и да го испрати во СССР.

„Другарот Мао“ во Советскиот Сојуз беше високоценета и почитувана личност, па и на неговиот син му беше посветено големо внимание. Анјинг беше сместен во познатиот Интернационален детски дом во местото Иваново за децата на странските комунисти кои загинале во борбата против фашизмот.

Заминување на фронт

Мао Ѕедунг и Мао Анјинг.

Сергеј Маев – вака Анјинг го нарекуваа во Русија – веќе добро знаеше руски кога започна војната против нацистичка Германија. Со сите сили се трудеше да замине на фронт, па дури и на Сталин му напиша писмо во 1942 година, молејќи го за дозвола да стапи во Црвената армија.

„Драги другар Сталин! Јас сум млад Кинез. Во Земјата на Советите со која Вие раководите студирав 5 години. Го сакам СССР исто колку и Кина. Не можам да гледам како германските фашисти ја газат Вашата земја. Сакам да се одмаздам за милионите убиени советски граѓани. Целосно сум решен да заминам на фронт. Ве молам, поддржете ја мојата молба“, напишал Анјинг.

Не добил одговор, но набргу потоа во детскиот дом по налог на „таткото на народот“ дошол секретарот на извршниот комитет на Коминтерната Дмитриј Мануиљски. Тој се сретнал со Мао Анјинг и по извршениот разговор забележал: „Таткото е херој, а и синот е за пофалба“. Сергеј Маев беше испратен на курсеви за нижи офицери.

Мао Анјинг

Потоа Анјинг извесно време студирашеа Лениновата воено-политичка академија во Москва и на Фрунзенската воена академија, за во 1944 година (со одобрение на татко му) на крајот да биде испратен на фронт. Таму во функција на политички комесар на тенковскиот одред учествуваше во борбите на територијата на Полска и Германија. Другарите од одредот не знаеја кој е Маев, мислеа дека по националност е Бурјат.

Гробот на Мао Анјинг.

Подоцна на Анјинг му тргнало од рака да учествува и во војната против Јапонија, заколнатиот непријател на неговиот сопствен народ. Во советско-јапонската војна во август 1945 година тој се истакна во операцијата во провинцијата Чахар и за време на преминот на Великиот Хининг, поради што е награден со орден на Црвената ѕвезда и медал „За борбените заслуги“. Сталин на синот на својот кинески сојузник лично му подари пиштол со посвета.

Мао Анјинг (втор одлево во крајниот ред) со воените другари.

Мао Анјинг ги преживеа војните против Германија и Јапонија, како и граѓанската војна во Кина, каде се врати во 1946 година. Меѓутоа, не му беше судено да ужива во мирниот живот. Со контингентот на Кинеската народна доброволна армија тој во 1950 година замина во Кореја и таму загина од американската бомба на самиот почеток од конфликтот.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња