Коja e Кузмината мајка и зошто Хрушчов сакаше да им ја покаже на Американците?

TASS
Ова е вистинска приказна за тоа како руска народна изрека се прослави ширум светот и ја збуни американската власт.

„Ќе ви ја покажеме Кузмината мајка“, му рече Никита Хрушчов на Ричард Никсон 1959 година, шокирајќи ги луѓето ширум светот, меѓу кои први беа преведувачите.

Всушност, тоа е стар руски идиом: „Показать кузькину мать” што значи „да опаметиш некого“ или „да казниш некого на суров начин“. Постои и синонимичен израз кој буквално гласи: „да покажеш каде зимуваат раковите“.

Во фолклорот Кузма (или Кузка, што всушност е истото име) обично е лут, одмаздољубив момчак кој сака да се тепа. Во исто време, селаните му го дале името „кузка“ на житарецот, бубачка која ги уништува посевите. Се сметало дека мајката на овој Кузма е некоја уште пострашна личност. Затоа е многу сериозна работа ако некому му се заканите со „Кузкината мајка“.

Зошто Хрушчов го кажа тоа?

Сега да се вратиме на нашата основна приказна и да објасниме зошто Кузкината мајка влезе во историјата. Меѓутоа, најпрвин да се вратиме малку во минатото. Во 1959 година американскиот потпретседател Никсон го посети СССР. Имаше за цел да ја договори посетата на Хрушчов на Америка. Советскиот лидер го покани Никсон на Американскиот саем на трговија и култура во паркот Сокољники.

При посетата на саемот Хрушчов и Никсон разговараа за американската кујна и кујнските апарати. Никсон беше горд на најновата американска иновација: машината за миење садови. Хрушчов не беше импресиониран од овој „луксузен“ апарат. Тој инсистираше на тоа дека советската индустрија е посветена на производите од суштинска важност. Тој саркастично праша дали Американците имаат и машина која „на човек му става храна во устата и преку него ја исфрла“.

Хрушчов и Никсон дискутираа и за условите за живот на луѓето - приватни куќи или станови во згради... (Се сеќавате дека „хрушчовките“ донесоа револуција во советскиот начин на живот?) Советскиот лидер сакаше да победи во овој натпревар со САД. Затоа наеднаш рече: „Ќе ви ја покажеме Кузкината мајка“.

Тешко е да се замисли потешка ситуација за преведувач. Како да се преведе, а да не се предизвикува меѓународен скандал? Според една верзија, преведувачот го превел тоа буквално како „мајката на Кузма“. Збунет, Никсон (како и остатокот од светот) можеше само да нагаѓа која е таа жена.

Меѓутоа, преведувачот Јуриј Лепанов инсистира дека му ја превел фразата на Никсон точно како „to show what’s what” (да покаже што е што).

Што сакаше да каже Хрушчов?

Подоцна, за време на неговата посета на Америка, Хрушчов повторно ја употреби оваа фраза. Го возеа низ Лос Анџелес во друштво на американскиот претставник во ОН, Хенри Кабот Лоџ. Повторно, фокусот беше на тоа како живеат обичните луѓе. Кога го виде градот, уредните тревници и приватните куќи, Хрушчов рече: „Да, се разбира, сè е убаво уредено, чисто е и луѓето се добро обучени. Но, нема врска! Ќе ви ја покажеме Кузмината мајка...“

Одеднаш, Хрушчов се сврте кон својот преведувач Виктор Суходрев и му објасни: „Кога бев на изложбата со Никсон, тоа беше погрешно преведено. Многу е едноставно: ќе ви покажеме нешто што никогаш не сте го виделе“.

„Запрев за момент. „Никогаш во ниеден речник не сум видел таков превод“, рече Суходрев. Хрушчов едноставно измисли ново значење за познатата народна фраза. Она што сакаше да го каже е дека Америка ќе биде изненадена кога ќе види што создале Советите!

Оваа фраза, се разбира, стана популарна шега од времето на Студената војна (како и легендарното удирање со чевла на Хрушчов во Собранието на ОН). А советските конструктори на термонуклеарната цар-бомба AN602 исто така ѝ го дадоа прекарот „Кузмината мајка“. Овој пат во буквална смисла.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња