Зошто СССР не ги пушти дома американските пилоти кои го бомбардираа Токио?

Американскиот бомбардер North American B-25 Mitchell на палубата на носачот на авионот USS Hornet (CV-8) кој тргнува во Јапонија, април 1942.

Американскиот бомбардер North American B-25 Mitchell на палубата на носачот на авионот USS Hornet (CV-8) кој тргнува во Јапонија, април 1942.

Public domain
По прочуениот „Напад на Дулитл“ еден американски бомбардер се спушти на советската територија. Екипажот се надеваше дека веднаш ќе го напушти Советскиот Сојуз, но се врати дома по „одисејата“ низ СССР која траеше цели 13 месеци.

На 18 април 1942 година американската авијација за првпат во Втората светска војна ја бомбардираше територијата на Јапонија. Во ненадејниот напад на воените и на индустриските објекти на Токио и на други градови беа испратени 16 бомбардери В-25 „Мичел“. Таканаречениот „Напад на Дулитл“ (кој е добиен по презимето на потполковникот Џејмс Дулитл кој командуваше со оваа акција) беше одмазда за нападот на Јапонците на базата на Пацифичката флота на САД во Перл Харбор на 7 декември претходната година.

Патролните бродови на Императорската флота на Јапонија рано ги забележаа американските бродови предводени од носачот на авиони, така што бомбардерите мораа да полетаат многу порано одошто беше планирано. Во авионите беа натоварени дополнителни канистери со бензин, но сепак можеше да се случи да нема доволно гориво, со оглед на тоа што бомбардерите не се враќаа на својот носач на авиони „Хорнет“ (кој во меѓувреме ја напушти опасната зона), ами на далечните сојузнички аеродроми во Кина.

Нападот на Дулитл на Јапонија, 18 април 1942 година: потполковникот и водачот на нападот Џејмс К. Дулитл. Воена морнарица на САД (лев фронт) и капетан Марк А. Мичер, командант на носачот на авиони USS Hornet (CV-8) и пилоти на САД пред полетувањето.

Но, не сите авиони на Дулитл тргнаа во насока на територијата под контрола на единиците на Чанг Кај Шек. Екипажот на капетанот Едвард Јорк процени дека со преостанатото гориво никако не може да стаса до Кина. Одлучи да се спуштат на територијата на Советскиот Сојуз, кој исто така беше сојузник на САД, иако тоа им беше најстрого забрането.

Неочекувани гости

СССР и САД во тој момент навистина беа сојузници, но ова сојузништво се однесуваше исклучиво на војната против нацистичка Германија во Европа. Москва на 13 април 1941 година со Токио склучи пакт за неутралност, така што таа остана надвор од вооружениот конфликт на Тихиот океан и имаше задолжение веднаш да ги интернира сите воени лица на државите кои војуваа во тој регион, доколку од некаква причина се најдат на советска територија.

Едвард Џ. Јорк

Авионот В-25 на Јорк леташе по должината на советската крајбрежна линија, го мина Владивосток и тргна кон внатрешноста на Советскиот Сојуз на подрачјето на ‘ртот Сисоев, каде го забележаа силите за ПВО на Тихоокеанската флота. Меѓутоа, не беше даден знак за тревога зашто советските војници мислеа дека тоа е советски бомбардер Јак-4 кој се враќа од задача.

Американски бомбардери B-25B на носачот USS Hornet (CV-8) кој тргнува на мисија.

Дури вечерта во 17 часот и 30 минути кога американскиот авион се појави над воениот аеродром „Унаши“, неколку десетици километри од пристаништето Находка, го пресретнаа два ловци И-15 подготвени за напад. Тие, за волја на вистината, му дозволија на американскиот бомбардер да атерира зашто резервоарите му беа веќе испразнети.

Советските војници беа крајно изненадени кога од авионот излегоа петмина Американци (двајца пилоти, навигатор, инженер на летот и нишанџија), но сепак ги пречекаа љубезно и им обезбедија сместување и храна. Набргу на аеродромот стаса заменик-командантот на авијацијата на Тихоокеанската флота полковникот Губанов со преведувач.

Американците најпрво рекоа дека долетале од Алјаска. Меѓутоа, Губанов веќе беше запознаен со бомбардирањето на Токио, така што пилотите мораа да признаат дека учествувале во таа мисија. „Го прашав дали би можел да ни даде бензин, а ние рано наутро да заминеме во Кина. Тој се согласи“, рече Јорк во 1943 година.

Нападот на Дулитл. Бомбардер Б-52-Б Мичел полетува од носач на авиони.

Меѓутоа, излезе дека нештата не се толку едноставни. СССР не можеше да ги пушти пилотите кои го бомбардирале Токио, а со тоа да не предизвика остра реакција кај Јапонија чии позиции на Далечниот Исток тогаш беа многу посилни од кога и да е.

Еден од 16 бомбардери Б-25Б Мичел кои учествуваа во нападот на Јапонија на 18 април 1942 година во операцијата Нападот на Дулитл.

На крајот Б-25 беше реквизиран, екипажот беше интерниран, а на амбасадорот на САД во СССР адмирал Вилијам Стендли му беше врачен формален протест. Од друга страна, Москва по неофицијален канал му потврди на Вашингтон дека ќе се потруди од настанатата ситуација да пронајде излез што им одговара на сите, а дека за тоа време на екипажот на американскиот авион ќе му биде обезбеден удобен и комфорен престој.

Патување низ СССР

Екипажот беше упатен во Хабаровск каде се состана со командантот на Далекуисточниот фронт генерал Јосиф Апанасенко, кој им соопшти дека ќе бидат интернирани. Тогаш за Американците започна вистинска одисеја. Патуваа со возови, со авиони и со траекти преку целиот Сибир до Урал и брегот на Волга, задржувајќи се по неколку недели во различни градови и во мали села. Американската амбасада редовно беше информирана за движењето на екипажот.

Бомбардерот Б-25Б Мичел 40-2242 на американското воено воздухопловство кој принудно се спушти 40 милји северно од Владивосток по извршеното бомбардирање во Нападот на Дулитл врз Јапонија, 18 април 1942 година.

Цели осум месеци Американците минаа во гратчето Оханск на брегот на реката Кама, „убивајќи се од здодевност“. „Четири месеци по нашето доаѓање во ова место луѓето што беа со нас заминаа, така што живеевме сами во една куќа. Ни беше дозволено слободно да шетаме низ градот. Тогаш малку зборувавме руски, па можевме да објасниме кои сме ние кога некој ќе нè запре и ќе ни побара документи, Но, секако, сите и онака знаеја. Поголемиот дел од жителите на градот знаеше“, се сеќава Јорк.

Неколку пати на американските дипломати им беше дозволено да се видат со екипажот. Во септември 1942 година на членовите на екипажот им тргна од рака да поразговараат со генералот Омар Бредли кој тогаш во СССР беше задолжен за прашањата на воздушната линија Алсиб (Алјаска-Сибир) по која од САД во Советскиот Сојуз стасуваа воените авиони.

Кога дозна дека пилотите планираат бегство, Бредли сесрдно им препорача да се откажат од таа идеја и да не ги кршат условите на интернирањето. Бегството на крајот и ќе биде изведено, но нема да го организираат Американците, ами советските специјални служби.

„Бегство“

Ситуацијата со интернираниот екипаж на бомбардерот Б-25 започна да се менува на почетокот од 1943 година. На претседателот Рузвелт му се обрати сопругата на капетанот Јорк, молејќи го да се ослободи екипажот. Рузвелт лично го замоли Сталин да се реши ова прашање. Тогаш веќе советското раководство не беше под тензија во поглед на овој проблем зашто дојде до пресврт во војната по поразот на Германците кај Сталинград и на Јапонците во битката за Гвадалканал.

Советскиот генерал Јосиф Родионович Апанасенко

Сепак, и понатаму не беше можно туку-така да бидат пуштени пилотите, па на органите на Народниот комесаријат за внатрешни работи (НКВД) им беше наложено да организираат бегство на американскиот екипаж преку советско-ирачката граница, И тоа така што самите Американци би мислеле дека тие дејствуваат на своја иницијатива.

Во март американскиот екипаж беше испратен на југот од СССР кадешто требаше да работи на еден аеродром во Ашхабад. Во возот, на патот до главниот град на Туркменистанската ССР, мајорот на НКВД Владимир Бојарски им се претстави на пилотите како мајор на Црвената армија Александар Јакименко и успеа да се спријатели со Американците, а по доаѓањето во Ашхабад продолжи да одржува врска со нив. Набргу потоа ги убеди своите нови пријатели дека тешко му паѓа нивната ситуација и дека целосно искрено сака да им помогне да се вратат во татковината.

„Од првите денови на престојот во Туркменистан заедно со граничарите го подготвував преминот на Американците преку границата“, ќе напише подоцна Бојарски: „Најважно беше тие да поверуваат дека самите го организирале бегството од СССР. За таа цел на дваесеттина километри југоисточно од Ашхабад, поблизу до Иран, направивме контролен појас на изорана земја, која наводно означува дека тука е советско-иранската граница“.

Бојарски ги запозна Американците со еден друг припадник на НКВД, кој играше улога на криумчар и се сложи за 250 долари да ги превезе со камион до „границата“ кои тие мораа самите кришум да ја минат, а потоа да ги земе на другата страна.

„Требаше да се види како Американците бегаат на слобода под месечината, вртејќи се и ползејќи на колена под руската жичана ограда. Направивме мошне вешта реална атмосфера на нелегално минување на граница...“, раскажува Бојарски за таа ноќ помеѓу 10 и 11 мај, кога беше организирано бегството.

„Криумчарот“ потоа ги зеде Американците на „иранската“ страна и слободно ги однесе преку првиот граничен премин. Тоа воопшто не беше тешко зашто во август 1941 година по заедничката советско-британска интервенција во Иран (кој им беше наклонет на Германците), северниот дел од оваа земја беше под контрола на советските единици, така што од иранска страна преминот на границата речиси не беше регулиран. Членовите на екипажот на американскиот бомбардер не забележаа ништо. Кога стасаа во градот Мешхед се обратија во британскиот конзулат, а веќе на 24 мај беа во Вашингтон.

Многу години по 13-месечната одисеја низ СССР нишанџијата Дејвид Пол изнесе сомнеж дека целата акција на нивното бегство ја организирале советскиот Генералштаб и НКВД. Вториот пилот Роберт Еменс имаше спротивно мислење: „Нашето бегство беше вистинско. За него го дадовме и последниот цент што го имавме... [Јакименко] го бакна секој од нас кога се разделувавме... Во очите имаше солзи“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња