Како советските тенкови за малку не го заробуваат Хитлер 1943 година

Russia Beyond (Public Domain)
Еднаш, долго пред крајот на војната, советските сили се најдоа на само неколку километри од фирерот. Меѓутоа, тие не знаеја за тоа.

На 20 февруари 1943 година, во предградието на градот Запорожје на  југоистокот на Украина, во длабоката заднина на германската армија одеднаш се појавуваат советски тенкови. Неочекуваниот продор на руските сили ја преплашува командата на Вермахтот, бидејќи во тој момент во слабо заштитениот град се наоѓа лично фирерот Адолф Хитлер.

Молневит продор

Кон крајот на јануари советските сили ја започнуваат Ворошиловградската операција, позната и како операција „Скок“, чија цел е ослободување на територијата на Донбас од Германците. Москва очекува брза победа, потценувајќи ги, како што се покажува, силата и можностите на непријателот.

Најуспешно дејствува 25 тенковски корпус на генерал Петар Павлов, кој го сочинуваат три тенковски и една моторизирана бригада, како и противвоздушно-артилериски полк. Со засилен марш за помалку од десет дена тие поминуваат преку 300 километри низ територијата на три украински области, патем ослободувајќи неколку десетици населби.

Петар Павлов

Таквиот успех, сепак, има и негативна страна: тенкистите се оддалечуваат далеку од нивните патишта за снабдување. На 17 февруари Павлов, кој се наоѓа на подрачјето на градот Лозоваја, ја известува командата на 6 армија: „Тенковите имаат по половина резервоар гориво. Поради недостиг на гориво, не можам да продолжам“. Набрзо, корпусот сепак продолжува кон Днепар, но сега со намалена сила.

На неколку километри од Хитлер

Истиот ден Адолф Хитлер ја напушта својата база „Верволф“ (Врколак) во близина на градот Виница во централна Украина и одлетува во Запорожје во штабот на фелдмаршалот Ерих фон Манштајн, командант на Групата армии „Југ“, за да ја разгледа со него стратешката ситуација.

„Третиот ден од нашиот престој таму, кога дојдов на појадок, дознавме дека Русите го пробиле фронтот кај Днепропетровск. Главниот пат по кој напредуваа водеше право за Запорожје и поминуваше покрај аеродромот каде што се наоѓаше нашиот авион“, се присетува личниот пилот на Хитлер Ханс Бауер: “Сите сили на аеродромот беа ангажирани за негова заштита, но одбраната не изгледаше многу сигурно: немавме ниту артилерија, ниту противтенковско оружје“.

Ханс Бауер

На 20 февруари, во околината на Запорожје се појавуваат неколку десетици советски тенкови на 25 корпус. „Руските тенкисти се најдоа на пет километри од аеродромот, кога патот им го препречи оклопен воз со противвоздушно вооружување. Во исто време од аеродромот полетаа авиони за поддршка“, вели на сослушувањето генерал Рајнер Штаел, заробен 1944 година.

Набрзо на аеродромот пристигнува Хитлер, за чија итна евакуација е подготвено сé. „Нашите три „Кондори“ со веќе загреани мотори полетаа во воздух. Во исто време видовме како за слетување приоѓаат два огромни авиони со шест мотори кои донесоа противтенковско оружје“, пишува Бауер. 

„Меѓу нас и нашите непријатели немаше ниедна единица! Затоа ми олесна многу кога Хитлер таа вечер отиде со авион во својата база“, истакнува Манштајн во својата книга „Изгубени победи“.

На големо изненадување на Германците, советските тенкисти не се ни обидуваат да се пробијат до аеродромот. Како што набргу се покажува, тие едноставно останале без гориво. Според Бауер, тие можеле да го добијат на аеродромот, но, здогледувајќи ги стотиците авиони, процениле дека ќе наидат на жесток отпор. „Војниците излегоа од тенковите и ги оставија таму. Дали ќе го направеа истото ако знаеја дека во тој момент на аеродромот се наоѓа Хитлер?!“, се прашува личниот пилот на фирерот.

Уништување на продорот

Генералот Штаел, кој следниот ден се сретнува со Хитлер во базата „Врколак“, подоцна ќе рече дека фирерот бил „смртно исплашен “ бидејќи за малку ќе паднел во рацете на советските тенкисти. Тој му наредува на Манштајн да се уништат непријателските сили без одлагање.

На подрачјето на продорот се испратени големи сили, вклучувајќи ги и елитните оклопни дивизии на СС (1 СС-дивизија „Телесна гарда Адолф Хитлер“ и 3 СС-дивизија „Мртовечка глава“), како и моторизираната дивизија на Вермахтот „Голема Германија“ засилена со тенкови „Тигар“. Веќе на 21 февруари корпусот на Павлов е отсечен од остатокот од советската војска и речиси две недели е принуден да се води жестоки борби, опколен од непријателски сили.

Тенкистите во мали групи успеваат да се пробијат до своите, палејќи ги тенковите што останале без гориво. Павлов е ранет и набрзо заробен. До крајот на војната останува во германско заробеништво.

Хитлер бил шокиран од овој инцидент, а поволниот исход го нарекува „невидена среќа“. Сепак, на окупираната советска територија доаѓа уште неколку пати, сé додека советската офанзива на запад целосно не ги оневозможи таквите посети.

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња