Одењето на гости за празниците, но и без посебен повод, беше речиси главната разонода на жителите на СССР. Да се намине на чај или да се преседи цел ден на маса до доцна во ноќта, токму така изгледаше идеално поминатото слободно време.
Ако друштвото беше помало, масата, по правило, се поставуваше во кујната. Токму тука, со шолја чај или чашка нешто појако, се дискутираше за најважните работи, литературата, политиката, смислата на животот и светскиот поредок.
Во неверојатно малите кујни во становите можеше да се стиснат многу луѓе, да се пуши и пие колку што ти сака душата, и притоа на никој да не му биде тесно.
За важните прослави се поставуваше маса во соба. Таму имаше малку повеќе место. Практично секое семејство имаше маса на расклопување, која кога ќе се развлечеше стануваше барем четири пати поголема.
На празничната трпеза ѝ се пристапуваше темелно. Масата се покриваше со свечен чаршаф од правливите полици на креденецот се симнуваа чиниите и чашите за специјални пригоди, внимателно чувани и многу ретко користени.
Подготовката започнуваше два-три дена порано, а на домаќинките најчесто им помагаа нивните роднини или другарки. Холодецот (пивтиите), на пример, мораше да се вари цела ноќ, а потоа да се остави во фрижидер уште неколку часа за да се стегне.
Пред доаѓањето на гостите трпезата мораше да биде подготвена, што значи најмалку три вида салата, со мајонез, се подразбира. За салатите мораше да се свари и исечка еден куп зеленчук. Во предвид доаѓаше новогодишната руска салата, а беа ценети и салатите од конзервирана риба, како на пример, мимоза салатата.
На масата неизбежно имаше неколку видови мезе, жулиен, ролнички од печен модар патлиџан со сирење, варени јајца со црвен кавијар. Покрај тоа, фантазијата на домаќинките честопати беше сосема неверојатна.
Омилени беа и домашната туршија, краставиците, доматите, киселата зелка и маринираните печурки. Сето тоа не само што е вкусно (и не е скапо), туку претставува и одлична закуска со вотка.
Откако гостите ќе ја изедеа салатата, веднаш се вадеше топлото јадење, печена гуска или месо подготвено на „француски начин“, прелиено со мајонез и сирење и запечено. И секако, компир, варен или печен. Беше евтин и сите го сакаа.
Големи прослави се правеа за родендени, венчавки (се славеа дома), Нова Година и други големи празници, како 8 март или Денот на бранителот на татковината.
На маса се седеше до доцна во ноќта. Што можете да правите толку долго на маса? Се разбира, да јадете (немаше бадијала толку многу оброци), да кревате чаша и да кажувате долги здравици, да разговарате за сé и сешто и да раскажувате интересни случки од младоста.
Откако ќе се прејадеа од сите јадења, уверувајќи ја домаќинката дека се полни до грло, гостите сепак не одбиваа чај и десерт. Слатки, торта, домашна или готова, не е важно, после богата трпеза и многу алкохол, секогаш оди чај.
Доколку следниот ден беше неработен, прославата можеше да заврши со свирење на гитара или хармоника, слушање плочи или танцување.
Советскиот народ немаше каде да ги остави своите деца, па така и тие беа присутни на домашните прослави, трчаа по претсобјето и собите, додека не заспиеја на столчињата и во фотелјите. За тоа време возрасните играа и никој не ја намалуваше музиката поради заспаните деца, ете толку беше сурово советското воспитување.
Меѓутоа, сонот не ги фаќаше само децата. И на другите можеше да им затреба да земат краток здив од трпезата, чисто да соберат сили, за повторно да се фрлат во нерамноправна борба со мезето, салатите и месото на „француски начин“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче