Како германските воени заробеници живееја и умираа во СССР

Владимир Гребнев/TASS
Над четири милиони Германци беа заробени и по Втората светска војна беа осудени на живот во советските работни логори. Сите не успеаја да го најдат патот до дома.

„Доколку преживеам, ќе имам можност да дознам кои се тие болшевици. Можеби комунизмот навистина е идеален излез за луѓето. На крајот на краиштата, и ние грешиме за многу работи“, размислувал Хелмут Бон кога советските војници го заробиле некаде во Псковската област во февруари 1944 година. Бон го поминал периодот од 1944 до 1947 година во СССР како воен заробеник и подоцна тоа искуство го има опишано во книгата под наслов „На портата на животот“. Меѓутоа не сите Германци интернирани во СССР доживеале да напишат книги.

„Заменски елемент“

„Воените заробеници СССР ги третирал не само како работна сила, но и како ресурс кој може да се користи во економијата на земјата за време на војната и, што е поважно, во повоениот период“ пишува историчарот Владимир Всеволодов. Колку и да звучи нехумано, советските власти во германските заробеници виделе начин да ги компензираат загубите на советската популација.

На Техеранската конференција од 1943 година Сталин го изнел бројот на затвореници што му е „потребен“ на СССР. Тој тврдел дека на Советскиот Сојуз му е потребен „заменски елемент“, околу четири милиони германски државјани кои ќе ги обноват уништените советски градови и кои ќе ја стартуваат индустријата. Овој број, наведува историчарката Елена Шмараева, е заснова на приближниот број советски војници кои се убиени или кои исчезнале до времето на одржување на Техеранската конференција, што исто така било околу четири милиони.

Техеранска конференција, 7 декември 1943 години.

До 1944 година Советите осмислиле работна програма за германските воени заробеници. „Повлекувањето на неколку илјади работни единици од германската национална економија секоја година мора неизбежно да ја ослабе нивната економија и нивната воена моќ“, му напиша министерот за надворешни работи на СССР Вјачеслав Молотов на Сталин. И навистина, за време на војната над три милиони советски граѓани беа одведени во Германија во работните логори, додека СССР сакаше да ги компензира овие загуби, како и загубите на десетина милиони луѓе за време на војната.

Главната управа за прашања за воените заробеници и за интернираните лица беше основана во СССР дури и пред почетокот на војната. Во 1941 година во СССР имаше осум работни логори за воени заробеници, но бројот на заробеници полека се зголемуваше, за околу десет илјади во 1941 и во 1942 година. Меѓутоа, по Сталинградската битка и советското напредување во регионот на реката Дон, бројот на заробеници брзо почна да расте: над 200 илјади во 1943 и уште над 800 илјади до крајот на војната.

Август 1941

Формално, ова беше патот што го поминуваа германските заробеници: од местото на заробувањето беа носени во собирните центри на линиите на фронтот, а потоа беа транспортирани во логорите во внатрешноста. Меѓутоа, во реалноста, за време на војната поголемиот дел заробеници остануваа во собирните центри кои често беа направени од колиби. „Пред доаѓањето во логорот дневно добивавме околу еден литар течна супа и триста грама сув леб. Во деновите кога ни беше наредувано да цепиме дрва за руските полски кујни, добивавме и врел чај за вечера. Ние, околу десетина заробеници, бевме држени под клуч во штала за кози, а нè надгледуваше поручничката на Црвената армија“, пишува Хелмут Бон.

Заробени Германци во околината на Москва, декември 1941 година

По војната

Во 1946 година во СССР имало 240 работни логори за воените заробеници од различни националности во кои беа сместени околу еден милион заробеници. Меѓутоа, тоа не беше доволно за да се постигне посакуваната цифра од четири милиони заробеници, па СССР започна да интернира заробеници од странство.

Во 1944 година, откако Црвената армија влезе на територијата на Романија, на Југославија, на Унгарија, на Бугарија и на Чехословачка, советското Министерство за војна објави наредба „да се мобилизираат и да се интернираат сите Германци од териториите на овие земји, мажи од 17 до 45 години, жени од 18 до 30 години, без оглед на државјанството“. Историчарот Павел Пољан пишува дека над 112 илјади луѓе биле интернирани од овие земји за работните логори во СССР. Мобилизираните можеле да земат до 200 килограми личен имот со себе.

По војната, пишува Елена Шмараева, 3.8 милиони германски воени заробеници беа интернирани во СССР. Околу 2.4 милиони беа војници и офицери кои се наоѓаа во логорите за воени заробеници, додека останатите главни беа етнички Германци интернирани во европските земји кои беа приклучени во „работните баталјони“.

Што Работеа тие

Речиси 60.000 војници на Вермахтот маршираа низ советската престолнина на таканаречената „Парада на победените“, 17 јули 1944 година.

Воените заробеници ги обновуваа фабриките, градеа брани, железнички пруги, пристаништа итн. Исто така градеа и обновуваа куќи, вклучувајќи станбени објекти за вработените во Министерството за внатрешни работи. На пример, германските заробеници го подигнаа стадионот „Динамо“ во Москва. Исто така работеа во фабриката за стакло во Литкаринo, предградие на Москва. Зградата на архивот во Красногорск во Московската област е подигната врз основа на проектот на Паул Шпигел, германски архитект.

На квалификуваните стручњаци како што беше Шпигел, Советите им давале покомплицирани задачи. Историчарот Штефан Карнер пишува дека во 1946 година над 1.600 високообразовани стручњаци биле распоредени во различни гранки на советската индустрија: „Петстотини седумдесет инженери, 260 градежници и архитекти, околу 220 електроинженери, над 11 доктори по физички, математички и технички науки“. Овие луѓе имаа подобри услови од оние во логорите или во „работните баталјони“. Живееја во градовите, во близина на индустриските постројки или на институциите во кои работеа и добиваа плата, од која половината беше исплаќана во германски марки. Меѓутоа, секој стручњак повторно можеше да заврши во логор доколку неговата работа не ги задоволуваше надлежните.

Елки во логор на германски воени заробеници.

Обичните германски работници и поранешните војници кои работеа на градилиштата и на други места исто така примаа плата за да можат да се издржуваат во Советскиот Сојуз. На пример, поранешните обични војници добиваа седум рубли месечно, поранешните постари офицери од 10 до 30 рубли. Тоа беа малечки суми, зашто еден литар млеко чинеше две рубли, додека чифт добри чевли чинеше над 150 рубли, па обичните воени заробеници кои немаа некакви посебни вештини, навистина мораа да најдат начин за да преживеат.

Стоматолошки преглед во логорот за германски заробеници број 165.

Условите за работа во логорите беа, секако, лоши. „На почетокот во текот на една смена моравме да наполниме два вагона со дрва, а потоа нормата беше зголемена на три вагона. Бевме принудени да работиме по шеснаесет часа дневно, исто така и во недела и за празници. Се враќавме во логорот во девет или во десет часот навечер, а често и на полноќ. Добивавме разводнета супа и заспивавме, а следниот ден во пет часот наутро повторно одевме на работа“, вели Рајнхолд Браун, германски воен заробеник, кого го цитира Елена Шмараева.

„Проблемот со празниот стомак беше пред сè“, запишал Хајнрих Ајхенберг. „Душата и телото се продаваа за чинија и супа или за парче леб. Гладот ги расипуваше луѓето, морално ги уништуваше и ги претвораше во животни. Крадењето храна од сопствените другари беше вообичаена појава“.

Заробените Германци беа користени за сечење дрва, за изградба на патишта и пруги во оддалечените и тешкопристапни краишта, како и за ископување руда, на пример, ураниум, јаглен, железо, особено во рудниците басенот на реката Дон.

Стапката на смртност беше висока кај Германците во работните логори. Според советската статистика, од 1945 до 1956 година над 580.000 луѓе починале во затворските логори, од кои 356.000 беа Германци. Речиси 70% од смртните случаи се случиле за време на зимата 1945-1947 година. За споредба, историчарот Виктор Земсков наведува дека околу 1.8 милиони советски граѓани починале во германско заробеништво во текот на воените години.

Враќање дома

Враќање на заробеници во Германија, 1955 година.

Официјалната советска статистика од 1956 година наведува дека два милиони германски заробеници биле вратени во татковината по Втората светска војна. Меѓутоа, кога станува збор за олку големи бројки, официјалната статистика не е сигурен извор на податоци. Други извори наведуваат дека речиси 680.000 заробеници биле ослободени за време на војната, но бројките опфаќаат и заробеници од Романија, од Словачка, од Унгарија итн. Советската статистика наведува дека 356.678 заробеници починале во советските логори, додека околу 37.000 од нив биле осудени за воени злосторства.

Всушност, враќањето на заробениците во татковината започна веќе во јуни 1946 година, кога првите 225.000 „болни и слаби“ беа испратени дома, од кои 195.000 беа Германци. Не им било дозволено да носат пари со себе, пишува Елена Шмараева, па се труделе пред заминувањето со парите што ги зачувале да купат нешто слатко и тутун, што било што би можеле да го користат за размена на патот кон дома. Вилхелм Лоце, кој се вратил во Германија во 1949 година, со себе понел речиси 6 килограми кекс и слатки, 2.355 цигари и 600 грама тутун.

Условите за транспорт биле слични како во логор, проштевање од советскиот репресивен систем. Понекогаш повратниците не добивале вода и храна со денови додека возовите патувале од внатрешноста на Русија. Германските заробеници најпрво стигнувале во советскиот логор во Франкфурт (на Одра), каде минувале 2-3 дена пред префрлувањето на нивната локација. Во 1947 година 70% од затворениците во овој логор биле болни.

Враќањето на германските воени заробеници од СССР официјално беше завршено на 5 мај 1950 година. Агенцијата ТАСС објави дека 1.939.063 германски заробеници биле вратени дома од 1945 година. Меѓутоа, во реалноста, во СССР останале уште германски заробеници, некаде помеѓу 10 и 20 илјади, кои ја напуштиле земјата во периодот од 1950 до 1956 година. „Оваа зграда ја имаат изградено германските воени заробеници“, и понатаму велат Русите со почит за зградите од педесеттите години од минатиот век, од кои некои навистина ги подигнале Германци. Дури и во заробеништво германските работници добро ја извршувале својата работа.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња