Како хероите на Руската Империја станале Херои на Советскиот Сојуз

Учесниците на свечениот состанок по повод 60-годишнината од Големата октомвриска социјалистичка револуција разговараат со ветеранот на револуцијата и на Граѓанската војна, херојот на Советскиот Сојуз Константин Недорубов (во средина)

Учесниците на свечениот состанок по повод 60-годишнината од Големата октомвриска социјалистичка револуција разговараат со ветеранот на револуцијата и на Граѓанската војна, херојот на Советскиот Сојуз Константин Недорубов (во средина)

Sputnik
Некои од нив отворено на градите ги носеле царските ордени заедно со советските, иако за тоа немале официјално одобрување од советската власт.

Многумина кои во Првата светска војна учествувале како царски војници, подоцна се бореле и во Втората светска војна како црвеноармејци. Се случувале и во двете војни да бидат наградени со ордени, како Орденот на свети Георгиј во царска Руска, така и со советски награди и медали.

Постоеле и толку добри војници кои ги добилe и најпрестижните императорски и најпрестижните советски ордени. Тие во Првата светска војна ги добиле сите четири степени на Орденот на свети Георгиј, а потоа во војната против нацистичка Германија за храброста се удостоени со звањето Херој на Советскиот Сојуз.

Иван Тјуленев

„Среден раст, необично цврст и набиен, правилно граден, Иван Владимирович во седлото станувал вистински кентаур, како да сраснал со коњот“, ваква карактеристика на припадникот на 5 каргопољски драгунски полк Иван Тјуленев му дал еден негов соборец.

Првиот Георгиевски крст најнизок, 4 степен, го добил за тоа што на 14 јули 1915 година заедно со двајца соборци нападнал значително побројна германска патрола и ликвидирал 11 непријателски војници, а тројца заробил. Во подоцнежните борби има добиени уште три Георгиевски крста и звање подофицер.

Кога германската војска влегла на територијата на Советскиот Сојуз генералот на армијата Иван Тјуленев командувал со единиците на Јужниот фронт. Оваа почетна фаза од војната за него била вистинска катастрофа, како и за сите останати советски команданти. „Тој не знае да води офанзива, но не умее ни да се повлекува. Изгуби две армии на начин на кој не се губат дури ни полкови“, ваква непријатна карактеристика даде Сталин за Тјуленев во тоа време.

СССР, 18 август 1978 година. Херојот на Советскиот Сојуз генерал на армија Иван Владимирович Тјуленев.

Иван Владимирович е префрлен на Урал за да ги подготви резервните дивизии, што тој успешно го извршил. Врв на неговата воена кариера било командувањето со единиците на Закавкаскиот фронт, кои го спречиле непријателот да го заземе Кавказ и да дојде до наоѓалиштата на нафта на подрачјето на Баку и на Грозни.

И покрај заслугите, на Тјуленев долго не му беше доделено звањето Херој. „Веројатно требаше да се предаде Кавказ, а потоа да се ослободи. Тогаш и оценката за командување на фронтот ќе беше подобра, се потсмеваше Иван Владимирович. Дури во 1978 година, неколку месеци пред смртта, 86-годишниот Тјуленев беше прогласен за Херој на Советскиот Сојуз.

Константин Недорубов

Еден ведар августовски ден на самиот почеток од Првата светска војна група донски козаци под урагански оган на непријателската артилерија се проби на положбата на австриската батерија и ги заплени и луѓето и муницијата. На чело на оваа група беше косачкиот подофицер Константин Недорубов. Така тој го има заслужено својот прв Георгиевски крст.

Подоцна доби уште три: за заробување на 52 австриски војници и нивниот офицер, и за заземањето на германскиот штаб со важна документација. Командата обрнала внимание и на храброста и смелоста со која Константин Јосифович се борел во големата офанзива на руската армија во 1916 година, во таканаречениот Брусиловски пробив.

Интересно е о тоа што во Граѓанската војна во Русија идниот Херој на Советскиот Сојуз војувал на страната на „белите“ (како и голем дел од донските козаци). Меѓутоа, кога го заробиле „црвените“ преминал на нивна страна. Набргу потоа „белите“ го заробиле Недорубов, но тие одлучиле да не го стрелаат носителот на сите четири степени на Орденот на свети Георгиј.

На самиот почеток од војната помеѓу СССР и нацистичка Германија Константин Јосифович се обидел да се пријави како доброволец, но бил одбиен поради своите години, зашто веќе бил навлезен во шестата деценија. „Младите војници гинат зашто се неискусни, а јас во војната против Германците имам добиено четири 'Георгиј', јас знам како треба да се војува против нив“, рекол тогаш Недорубов.

СССР, Волгоградска област, Волгоград, 2 февруари 1973 година. Бранителот на Сталинград, Херој на Советскиот Сојуз Константин Недорубов за време на 30-годишнината од победата во Сталинградската битка на Мамаевиот курган.

Есента истата година сепак успеал да стапи во Донската козачка коњичка дивизија, во која станал командир на ескадрон.

Недорубов бил искусен коњаник, па од својот ескадрон направи збиена борбена единица која беше подеднакво ефикасна и во одбраната и во нападот. Неговиот ескадрон прегази стотина непријателски војници и офицери. Само во борбата кај селото Маратуки лично Константин Јосифович има убиено 70 Германци.

Недорубов во 1943 година е прогласен за Херој на Советскиот Сојуз. Ја преживеа војната и почина во 1978 во својата 90 година.

Григориј Агеев

Георгиј Агеев немал ни полни 14 години кога во 1915 година избегал од дома и отишол на фронт за да ги „убива Германците“. Бил премногу млад, но тоа не му пречело за набрзо потоа да стане носител на сите четири степени на Орденот на свети Георгиј.

Првиот Георгиевски крст Агеев го добил зашто продрел во германски ров, украл митралез со комплетна муниција и го довлечкал во својот ров. Подоцна Григориј Антонович непрекинато покажувал храброст и пожртвуваност на фронтот. Како митралезец со месеци учествувал во борби без одмор. Крајот на војната го дочекал како постар подофицер со четири Ордени на свети Георгиј на градите.

Во Втората светска војна Агеев бил еден од создавачите на баталјонот на народните востаници во Тула. Овие одреди на доброволци биле формирани од советски граѓани кои не можеле да бидат повикани први и во позадина се бореле против непријателските диверзанти и против шпионите, и фаќале дезертери и воени профитери. Овие баталјони на 26 октомври 1941 година беа споени во единствен Тулски работнички полк.

Тула се наоѓа јужно од Москва и есента 1941 година одигра важна улога во одбраната на главниот град. Преку Тула кон престолнината тргна 2 тенковска армија на Хајнц Гудеријан со намера од југоисток да го затвори обрачот околу Москва.

Агеев кој стана комесар на работничкиот полк, во борбите за градот секогаш беше на првата линија, ги поддржуваше неискусните нови борци, ги водеше војниците во напад и учествуваше во покривањето на 50 армија за време на нејзиното повлекување на нови положби. Но, на Григориј Антонович не му било судено долго да војува. На 30 октомври го пресече митралески рафал.

„Целиот полк тешко ја поднесе загубата на комесарот“, напиша подоцна командантот на 50 армија, генерал Иван Болдин: „Малата шумичка во која лежеше неговото тело беше од другата страна на фронтот. Како да го земеме и да го погребаме со воени почести? Се најдоа тројца храбри војници. Тие со ползење продреа во шумичката која ја зазеде непријателот и, ризикувајќи ги своите животи, го извлекоа починатиот Агеев буквално на хитлеровците пред нос, а потоа го донесоа во Тула“.

На Григориј Агеев постхумно му беше доделено звањето Херој на Советскиот Сојуз наспроти 20-годишнината од Победата во војната, на 8 мај 1965 година.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња