Кус историски осврт на руско-турското „пријателство од корист“

Russia Beyond
Познавачите на руско-турските односи добро знаат дека на главниот официјален споменик на современа Турција кој се нарекува „Република“ покрај Кемал Ататурк и неговите соработници стојат и двајца советски политичари – Климент Ворошилов и Михаил Фрунзе.

Руско-турското политичко партнерство всушност не започнува во дваесеттите години од минатиот век кога е решено кои личности ќе се појават на овој споменик во Истанбул. Во 1798 година Руската и Османската Империја, кои за 25 години веќе двапати воено се беа судриле, потпишаа договор за заедничка борба против Француската Република.

Петербург и Истанбул биле заинтересирани да ги протераат Французите од Јонските острови населени со Грци. Османлиите сакаа да се вратат на територијата која претходно ја поседуваа, а Русите сакаа своја база на Медитеранот, како и потврден углед на заштитник на православните народи.

На барање на турската страна, за командант на обединетите поморски сили поставен е Фјодор Ушаков (Ушак-паша), иако Турците во последната војна многу страдаа поради него. Но, како што се вели, ништо лично – само геополитика.

Фјодор Ушаков

Французите беа поразени. Русите си добија база, султанот, барем формално, си ги врати островите, а Грците имаа целосна внатрешна независност. Навистина, во 1807 година архипелагот ѝ беше вратен на Франција под условите на Тилзитскиот мировен договор, но во овој случај не може да им се замери на Турците.

Потоа имаше уште две руско-турски војни кои Османлиите ги загубија, како и оние претходните. Користејќи ја слабоста на султанот, неговиот египетски вазал Ибрахим-паша одлучи да го пренесе центарот на власта од Истанбул во Каиро. Победите на Египќаните беа во голема мера заслуга на херојот на Наполеоновите војни, Александар Остерман-Толстој, кој му беше воен советник на Ибрахим паша.

Александар Остерман-Толстој

Султанот се обрати за помош на Санкт Петербург, Русите изведоа десант, а Египќаните донесоа паметна одлука да се повлечат. Остерман-Толстој беше одликуван со руски орден, иако официјално не поради египетската мисија, ами во чест на 20-годишнината од битката во која ја изгуби војната.

Како резултат на тоа беше склучен Ункјар-Искелесискиот договор според кој Русија доби еднакви права со Турција на Босфорот во текот на осум години (1833). Но, овој договор не беше обновен, зашто Османлиите за осум години малку закрепнаа, побараа поддршка од Лондон и од Париз и со помош на западните пријатели повторно тргнаа да ја „смируваат“ Русија.

Тажните резултати од ваквата политика беа добиени по завршувањето на Првата светска војна – на урнатините на Османлиското царство.

Грците, кои ѝ се приклучија на Антантата дури во 1917 година, ја окупираа речиси целата европска Турција, а исто така и излегоа на западот на Анадолија, каде живееја повеќе од 1.5 милион нивни сонародници.

Турските националисти го свикаа Големото национално собрание на Турција во Анкара, за свој водач го избраа Мустафа Кемал Ататурк. Меѓутоа, тоа не ја спречуваше султановата влада да го потпише Северскиот договор, според кој од поранешното царство останаа само централните и источните делови на Мала Азија, како и Истанбул, кој беше прогласен за меѓународно пристаниште.

Мустафа Кемал Ататурк

Грците решија да го задржат западниот дел на Мала Азија. Нивните постари партнери во Антантата немаа ништо против (иако немаа намера да помогнат). Отфрлајќи ја компромисната опција што ја понуди турската влада, приврзаниците на „Голема Елада“ почнаа да се подготвуваат за офанзива на Анкара, откако Турција би престанала да постои.

Во април 1920 година Кемал му се обрати на Ленин со идеја за „заедничка стратегија“ против Антантата на Блискиот Исток. И оваа стратегија беше поддржана со конкретни чекори.

Ниту масакрот што кемалистите го извршија врз водачот на Комунистичката партија во Турција во јануари 1921 година („Колежот на петнаесеттемина“) не го спречи партнерството.

Логиката на Москва може да се разбере: за да се организира социјалистичка револуција во Турција, најпрво треба да се спречи распаѓање на самата Турција, чии делови би станале англо-француски колонии.

На 29 јануари 1921 година во обид да премине во Советска Русија убиен е лидерот на Комунистичката партија на Турција Мустафа Субхи заедно со 14 соработници.

Мустафа Субхи

Советите им дадоа помош на Турците под контрола на „маршалот на револуцијата“ Михаил Фрунзе, кој дејствуваше како политички претставник на Украинската советска република во Турција. Но, Фрунзе беше мошне важна личност и беше потребен во Москва. Во јануари 1922 година го замени Семјон Аралов.

Во текот на војната против Грција, Советскиот Сојуз на Турците им предаде над 8.3 тони злато. Единиците на Ататурк добија (според официјалните податоци) 37.812 пушки, 324 митралези, 66 топови, 141.173 гранати.

Бројките, секако, се импресивни, но не можеме да кажеме дека кемалистите би ја изгубиле оваа војна без советска помош. На пример, во двете најголеми битки Турците имаа над 100 илјади војници.

Што доби Москва од ова партнерство?

Пред сè можност да ја поврати контролата во Закавказје со минимални трошоци. Противниците на советската власт во Азербејџан, во Ерменија и во Грузија практично не ѝ се спротивставија на 11 Црвена армија, знаејќи дека нема да имаат поддршка од Турците.

Навистина, Ататурк ја одбрани Карската област. Но, и тука не треба да ѝ се замери на владата на Ленин која немаше на кого да се потпре. Поради познати причини Ерменци таму не останаа.

На почетокот од дваесеттите години од минатиот век Москва немаше друга алтернатива, освен пријателство со Кемал.

Да замислиме дека Турција ја изгубила војната и престанала да постои како држава. Во тој случај Советскиот Сојуз би се граничел со британски Ирак, со француска Сирија и со „мошне големата “ Грција, цврсто ориентирана на сојуз со Париз и со Лондон. А, „меѓународното пристаниште“ Истанбул под контрола на Антантата би им го блокирала на Советите излезот од Црното море.

Дури и ако ги земеме предвид подоцнежните прозападни „гестови“ на Кемал, Турска изгледаше како привлечен партнер. Советските лидери предвидоа сè и не ги прекинаа односите со него кога во 1925 година ја забрани одвајрастечката Комунистичка партија и одлучи да се приближи на Британија и на Франција. Од Москва следуваше деликатен предлог да се ревидира договорот за границите во Закавказје. Згора на тоа, не беше тешко да се најде вистинска причина за тоа. Московскиот договор од 1921 година го потпишаа претставници на РСФСР, а нејзе ја замени нова држава – СССР.

Ататурк ја сфати опасноста и ги ублажи активностите во западна насока (згора на тоа започна да го загрижува активноста на Мусолини на Балканот). И повторно започна соработката околу купување советско вооружување, со оглед на тоа што одбранбената индустрија на СССР беше во развој (претходно се испорачуваше или оружје произведено пред Револуцијата или германско запленето оружје).

Токму тогаш Ататурк нареди на споменикот „Република“ да се појават Михаил Фрунзе и Климент Ворошилов (кој во 1925 година го замени починатиот под нејасни околности народен комесар за одбрана на СССР Фрунзе).

Михаил Фрунзе

Фрунзе ќе имаше многу повеќе смисла на споменикот, но Ворошилов беше попотребен, зашто тој во 1928 година (кога беше подигнат споменикот) ги потпиша договорите за воено-техничка соработка.

Потоа, Ататурк продолжи да балансира помеѓу Западот и Истокот. Правеше сè за неговите нервозни партнери никогаш да не ја заборават Турција, па често започнуваше скандали без никаков повод.

Турскиот претседател во 1936 година го изрази своето незадоволство на советскиот амбасадор зашто Денот на републиката не му го честитал лично Сталин, ами претседателот на ЦИК на СССР Михаил Калинин. Ататурк својот говор го заврши со следниве зборови: „Знам дека имате силна војска, и јас не ѝ се плашам. Јас не ви се плашам. Ме поддржуваат 18 милиони луѓе. И еден мој збор е доволен за тие луѓе да тргнат по мене. Можам да предизвикам голема штета, но јас тоа никогаш нема да го направам. Зашто мојот збор е свет, како и моето пријателство“.

Сталин на извештајот на советскиот амбасадор одговори на следниов начин: „Зборовите на нашиот пријател Ататурк треба да се читаат со интерес и со посебно внимание“. Тоа значеше: „Потребен е постојан надзор. Може да биде мошне опасен и мошне корисен“.

Joсиф Сталин

Најблискиот сојузник на Кемал и негов наследник на местото претседател Исмет Инени планираше во текот на Втората светска војна да го заземе советското Закавказје. Но, на крајот на краиштата во февруари 1945 година, прагматично ѝ објави војна на Германија.

И самиот Ататурк и сите негови наследници секогаш се грижеа само за денешниот ден. Тоа и не е толку лошо, зашто се грижеа за националните интереси. Турската ориентираност кон Западот по правило беше диктирана од стравот да не стане зависна од Советскиот Сојуз, кој е територијално поблизок од Соединетите Американски Држави,

Извор - портал Балканист.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња