Монголија беше една од најверните сојузнички на Советскиот Сојуз во првата половина на дваесеттиот век. Двете земји со здружени сили пружија отпор на јапонската инвазија на територијата на Народната Република во 1939 година. Кога на 22 јуни 1941 година нацистичка Германија го нападна СССР Монголците не можеа да стојат настрана, ами истиот ден му објавија војна на Третиот рајх.
Иако се водеше далеку од Монголија, војната во Европа навистина стана нејзина војна. Помошта која оваа сиромашна слабонаселена земја му ја даде на СССР во определени показатели воопшто не заостанува зад помошта на Соединетите Американски Држави олицетворена во програмата ленд-лиз.
На монголското раководство му беше јасно дека нема да може да испрати свои единици на запад. Јапонија сè уште претставуваше голема опасност. Освен тоа, оваа земја не беше во состојба да формира сериозен контингент експедициски сили. На својот северен сосед Републиката одлучи да му даде економска помош во согласност со своите можности.
Под слоганот „Во земјата не би требало да има никој што нема дадено свој придонес на фондот за помош на Црвената армија“ во Монголија започна кампања за собирање парични средства и подароци за црвеноармејците.
Веќе во октомври за Советскиот Сојуз тргна првиот ешалон полн со подароци кои беа составени од куси овчки елеци, крзнени елеци, топли ракавици, волнени чизми, џемпери, ремени. Во следната испорака од февруари 1942 година стасаа покрај облеката и прехранбени производи, место, салами, путер, слатки. Возовите со подароци оделе во СССР сè до почетокот на 1945 година.
Меѓу дародавците најштедра била Енгелијан Бадам, жена која со своето селско семејство сточари на фронтот му помогна со 16 камили, 93 коњи, 1.600 овци, како и десет илјади тугрици, за кои можеше да се купат уште 12.500 овци.
Освен подароците, Монголија организираше и редовни масовни испораки за СССР составени од месо, волнени материјали, овча кожа и коњи. Москва плаќаше со индустриски и со прехранбени производи кои ѝ беа потребни на оваа азиска земја, како со пребивање на монголските долгови кон Советскиот Сојуз.
За време на војната Монголците му испорачаа на својот сојузник околу 500 илјади тони месо и 64 илјади тони волнени производи (од Соединетите Американски држави беа испорачани 665 илјади тони месни конзерви и 54 илјади тони волнени материјали). Секој петти војнички шинел е сошиен од монголски волнени ткаенини.
Монголската Народна Република беше всушност единствениот испорачувач на овча кожа на СССР. Токму од неа се правени кожените мантили до колена за командантите на Црвената армија.
Најважната помош за Црвената армија беа монголските коњи. Само на почетниот период од војната СССР изгуби половина грла стока. Од 17.5 милиони во септември 1942 година останаа само девет милиони.
Во текот на војната монголската држава од сточарите за Советскиот Сојуз има откупено речиси 485 илјади коњи, додека 32 илјади грла селаните ги подариле. Издржливи и што не бараат многу грижа, овие животни одлично се прилагодија на суровите услови на Источниот фронт, спасувајќи ја советската војска во транспортот на стока и артилерија, сè дури проблемите со транспортот не беа решени. Секој петти советски коњ на фронтот потекнуваше од Монголија.
Коњите беа одлични за маршеви, велеше советскиот генерал Иса Плиев. „Нискиот монголски коњ е цврсто граден и има куси силни нозе со мали јаки копита. Тој е во состојба неколку дена по ред да минува и по сто километри дневно. Олку издржлив и без посебни барања монголски коњ заедно со советскиот тенк стаса до Берлин“.
Раководството на Монголската Народна Република на 16 јануари 1942 година донесе одлука да започне со собирање средства за изградба колони тенкови како подарок на Црвената армија. Една година подоцна монголската делегација на чело со шефот на државата маршалот Хорологин Чојбалсан ѝ предаде на советската 112 тенковска бригада 32 тенка Т-34 и 21 лесен тенк Т-70, изградени од собрани пари.
112 бригада која го доби името „Револуционерна Монголија“ учествуваше во Курската битка во која одлично се покажа во борбите против една од најпознатите формации на Вермахтот, дивизијата „Голема Германија“. За храброста војниците се наградени и со советски и со монголски медали.
Летото 1943 година беше формирана Втората ловечка воздухопловна ескадрила „Монголски арат“ која беше финансирана од страна на жителите на Монголија. Таа свечено му беше предадена на вториот гардиски полк на 322 ловечка воздухопловна дивизија на 25 септември истата година. „И конечно дојде и тој момент. Зад шумата еден зад друг нови 12 борбени авиони Ла-5 со дречлив црвен натпис „Монголски арат“ на трупот. По парадниот круг над аеродромот и слетувањето леталата возат на специјално определен простор. Извиците „Ура“, „Монголски арат“, „Ура за монголскиот народ“ ја задушуваа бучавата на моторите“, ги евоцираше подоцна спомените од овој ден генерал-лајтнантот на авијацијата Александар Семјонов.
Ескадрилата учествуваше во многу важни борби, како што е операцијата Багратион, Берлинската и Прашката операција. Грижата за подготвување екипаж за ескадрилата (како и тенкисти на бригадата „Револуционерна Монголија“) Монголците во определен сегмент ја презедоа на себе и никогаш не заборавија да ја истакнат храброста на своите штитеници со награди.
Во борбите против Германците на Источниот фронт учествуваа помеѓу 500 и неколку илјади монголски доброволци. Во Црвената армија беа ценети поради одличните вештини ловците и коњаниците и главно беа испраќани на служба во коњицата или беа водени како извидувачи и снајперисти.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче