Како е изграден Волгоград, единствениот линеарен град во светот?

Legion Media
Искуствата на советските теоретичари и архитекти денес се обидуваат да ги имплементираат стручњаците во Саудиска Арабија, каде што се гради град на линија долга 170 километри, со инвестиција од 200 милијарди долари.

Меѓу мноштвото архитектонски концепти и утописки теории, посебно место зазема идејата за линеарен град кој го образуваат големи долги улици. Иако замислата датира уште од деветнаесеттиот век, таа предизвика најголем интерес кај советските архитекти од дваесеттите и триесеттите години на минатиот век. На пример, Николај Ладовски предложи да се поврзат Ленинград, денешен Санкт Петербург и Москва така што би дошло до промена на уличната мрежа на вториот град. Долгата главна улица, Тверска, требаше да стане главниот вектор на развојот на градот и оска што ги поврзува двата главни града.

Архитектот и теоретичар на урбанизмот Николај Милјутин во својата позната книга од 1930 година „Соцгород“ го изложи својот концепт за линеарен град. Тој се засноваше на идејата за децентрализација на индустријата и распоредување станбени блокови спроти фабрички комплекси. Благодарение на таквата структура, градот можеше да расте без ограничувања, избегнувајќи формирање на пренатрупани делови. Меѓутоа, сите тие теоретски градби останаа само на хартија, иако во одредени моменти имаа многу следбеници.

Волгоградскиот експеримент

Идејата за реализација на линеарен град во Русија беше преточена во реалност само во еден случај. Место за големиот урбан експеримент стана Волгоград. Градот ја доби својата издолжена форма уште во XVI век, благодарение на неговата историска положба долж бреговите на реката Волга. Таквата структура на градот била условена од потребата за превоз на товар по река, стоки произведени од локалните фабрики и занаетчиските работилници. Околу тие индустриски центри се формирале станбени делови, кои се „нижеле“ на единствената оска на реката.

Слична шема на развој на градската територија е зачувана дури и по револуцијата. Новите реони што никнуваа како работни населби се раширија долж брегот во должина од 30 километри.

За време на Втората светска војна, повеќе од половина од сите градби во Волгоград (во периодот од 1925 до 1961 година се викаше Сталинград) беа срамнети со земја. Во страшната Сталинградска битка, цели станбени квартови беа збришани од лицето на земјата.

Меѓутоа, и по војната, градот продолжи да се развива линеарно. Според генералниот урбанистички план од 1945 година, крајбрежниот дел беше ослободен од индустриските капацитети, магацините и воените градби кои го отсекуваа станбеното подрачје од Волга.

Големото градилиште

Најголемото повоено градилиште тука се наоѓаше на Мамаев Курган на брегот на Волга, каде што на 15 октомври 1967 година беше свечено откриен споменикот „На Хероите на Сталинградската битка“. Скулпторот Евгениј Вучетиќ, архитектот Јаков Белопоjски, како и инженерот-проектант Николај Никитин, еден од проектантите на телевизиската кула Останкино во Москва, работеа на него. Бидејќи на изградбата на споменикот беше ангажиран „Сталинградгидрострој“, кој ја градеше и Волшката хидроцентрала, се користеа истите материјали - бетон, метал и гранит.

Пред да започне изградбата, Мамаев Курган беше чистен од мини, гранати и авионски бомби неколку месеци. Покрај тоа, беа откриени и префрлени на соседно место заедничките гробници. Потоа, на расчистениот терен беа направени вештачки насипи и косини, беше поставен темелот на главниот споменик. На Мамаев Курган беа подигнати неколку објекти, скулптурата „Стој до смрт“, sидовите-урнатини, Домот на Војничката слава и споменикот „Мајката-татковината повикува“.

Едно време, највисоката скулптура „Мајката-татковина“ беше запишана во Гинисовата книга на рекорди. Нејзината вкупна висина изнесува 85 метри, додека должината на фигурата е 52 метри. Споменикот беше замислен како двојно помал, но на барање на генералниот секретар на партијата Никита Хрушчов Вучетиќ ја продолжи фигурата за да биде повисока од американската Статуа на слободата.

Во 2010 година во состав на Волгоград влегоа 28 населби и островот Сарпински, што на картата ја промени конфигурацијата на градот. Меѓутоа, принципот на линеарна конструкција е задржан. Денес, градот се протега на 90 километри долж брегот на Волга и зафаќа површина од 56,5 илјади хектари. Тука се наоѓа и најдолгата улица во Русија - Продољна (долга повеќе од 50 километри).

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња