Дали советските граѓани навистина морале да поминат еден месец на годишен одмор?

Украинска ССР. Ливадија. Другарки на плажа, 1975 година.

Украинска ССР. Ливадија. Другарки на плажа, 1975 година.

Панов/Sputnik
Дали работите цела година без одмор? Е, па, во советско време такво нешто не можеше да се замисли. Платениот годишен одмор беше едно од најголемите социјалистички достигнувања на СССР.

Советска Русија беше една од првите земји во светот која на законодавно ниво го воведе нормираниот работен ден и платениот годишен одмор.

Град Сочи. Туристи на плажата на лекувалиштето „Нови Сочи“ (сега Обединети лекувалишта „Рус“), 1956.

За неколку децении постоење на Советскиот Сојуз траењето на овој годишен одмор се менуваше, но во повоените години одморот траеше цел месец, а понекогаш и подолго.

Кога се воведени годишните одмори во Русија?

Лекувалиштето „Курпати“. Водни терапии. Јалта, Крим. 1950.

Денес е тешко да се замисли, но луѓето пред 1917 година работеле во претпријатијата без годишен одмор. Секако, можеле да се одморат во договор со управата, но тоа не бил платен одмор. Треба да се истакне и тоа дека работниот ден не траел 8, ами 10 часа, а не се работелo само во недела. Веднаш по револуцијата воведен е поимот платен одмор за сите вработени граѓани.

Годишниот одмор во Советскиот Сојуз е укинат само еднаш, односно за време на Големата татковинска војна. Но, дури и тогаш се издвојувале средства за платен одмор, само што им се префрлале на вработените на специјална книшка до која тој имал пристап дури по војната.

Колку дена одмор имаа луѓето во советско време?

Гимнастика на плажа. Туапсе, Краснодарски крај, 1963 година.

До 1967 година секој вработен имал 12 работни денови платен одмор, плус дополнителни денови во зависност од условите на работа. По 1967 година основниот одмор е зголемен на 15 работни дена плус дополнителни денови. Вкупно можело најмногу да има 36 слободни работни (имено работни!) денови, во зависност од работното место, стажот и штетноста на условите на производство.

На пример, граѓаните кои работеа во научните и во просветните установи имаа од 24 до 48 работни денови одмор, додека вработените на Крајниот Север добиваа дополнителни 18 дена, а ако некој работи подолго од 3 години во дрвопреработувачката индустрија добиваше уште 6 дополнителни дена. Интересно е што во поголем број случаи одморите се добиваа „во парче“, односно целиот одмор се користеше без прекин, иако делењето на одморот на неколку периоди не беше регулирано со закон.

„Секогаш ги земав сите 28 работни денови годишен одмор. Никој не го делеше одморот на неколку делови“, се сеќава Нина Григорјева, офталмолог од Московска област.

„Кога бев мала, баба ми и дедо ми земаа одмор и летува по 3-4 недели на море. Со други зборови, одморот беше еден и траеше долго“, раскажува Јулија Петушкова од Нижни Новгород.

Латвиска ССР. Одмор на ришкото приморје, 1960 година.

Многумина го минуваа годишниот одмор во лекувалишта со кури лекувања и овие процедури траеја најмалку три недели. Ако на тоа се додаде патувањето натаму и назад, тогаш е јасно зошто немаше посебно смисла одморот да се дели. Летото беше најпожелно време за одмор. Понекогаш во претпријатијата цели смени заминуваа на годишен одмор, а за тоа време механичарите ја проверуваа опремата. Раната есен исто така беше популарна зашто немаше многу луѓе, а сè уште беше топло.

Во советско време постоеше и прилично интересен систем на пресметување на „следувањето за годишен одмор“: вработениот добиваше плата за минатиот месец плус одработените денови во тековниот месец, плус надомест на име годишен одмор кој се пресметуваше со помош на сложена формула, но фактички беше во висина на платата, плус дополнителни пари за прекувремена работа итн. 

Пред распадот на СССР, односно во 1991 година, одморот веќе траеше 24 работни дена, додека од 2002 година се пресметуваат 28 календарски денови во согласност со препораките на Европската социјална повелба.

А, што се случуваше ако некој не го искористи одморот?

Советскиот закон за работа имаше една специфична црта. Таа се состоеше во тоа што планот за годишен одмор за следната година се правеше на крајот од тековната година. Се случуваше некој да не може да замине на летување во планираниот период, па вработените во тој случај добиваа парична компензација (доколку не успеат да се договорат со управата за поместување на годишниот одмор). Но, сето тоа зависеше од работното место и се случуваше мошне ретко.

Украинска ССР. Крим, август 1970 година. Туристи на плажа во населбата Гурзуф.

„Кај нас никој не беше принудуван. Доколку работникот не сака да го искористи годишниот одмор, можеше да земе компензација на име одмор. На пример, еден колега долго време беше болен и веќе се беше одморил, па наместо годишен одмор зеде компензација“ се сеќава Татјана Сорокина, која пред распадот на СССР работела во една московска библиотека. „А, во стручното училиште, каде налето нема работа, одморот мораше задолжително да се искористи“.

Таа самата вели дека можела да земе одмор во кое било време, па дури и да го подели на неколку помали во договор со администрацијата (ова право го добиваа мајките додека децата не наполнат 16 години), и овој одмор траеше цели два месеци (по завршените постдипломски студии). „Но обично планиравме однапред и правевме распоред на годишните одмори, со цел отсуството на вработениот да не се одрази на работата“, вели таа.

„Татко ми ми има раскажувано дека одморот можел да се искористи во целина и само во согласност со распоредот“, раскажува Валентина Пахомова. „Тој работеше во Коврово (Ивановска област). Доколку некој не сакаше да го земе годишниот одмор во пропишаното време, наместо тоа земаше пари“.

„А, татко ми никогаш не го користеше целиот одмор“, вели Јулија Петушкова. „Земаше една недела за средување на станот, три дена за компирот и останатото во пари“.

А, како е денес?

Ерменска ССР. 1 јун 1986 година. Туристи за време една од тераписките процедури (сончање).

Кога станува збор за годишниот одмор, современите руски закони имаат наследено многу од советските. На пример, и денес, како и претходно, во претпријатијата се прави распоред на годишните одмори (навистина, сега е полесно дополнително да се сменат датумите), а работникот ги има основните 28 календарски денови одмор, со тоа што еден дел мора да трае најмалку две седмици. Извесно време парите за неискористените денови од годишниот одмор можеа да се повратат кон крајот на годината, но сега неискористените денови едноставно се префрлаат во следната година. Во определени компании постои практика работниците кои не се одмориле доволно да добијат термини преку ред. Доколку дојде до отпуштање од работа, на работникот му се исплаќа компензација за неискористениот годишен одмор.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња