Почетокот на војната против нацистичка Германија беше вистински кошмар за Советскиот Сојуз. Вермахтот минуваше низ положбите на Црвената армија како нож низ путер и за неколку недели ја окупираше целата територија на балтичкиот брег и на Белорусија, како и значителен дел од Украина. Во жестоките борби исчезнуваа цели советски дивизии. Стотици илјади војници беа опколени и очајнички се обидуваа да се пробијат кај своите.
Меѓутоа, непријателот не го следеше таков успех по целата должина на советско-германскиот фронт. На самиот север, во реонот на планинскиот масив Мусту-Тундура во близина на државната граница, Германците никако не успеваа да ја пробијат одбраната на Црвената армија и така остана до крајот на војната.
Војната во поларната област стаса една недела подоцна одошто во останатиот дел на СССР. Дури на 29 јуни 1941 година германската и финската војска ја преминаа границата, тргнувајќи во офанзива кон Мурманск и кон Кандалакша.
По должината на брегот на Северниот леден океан напредуваа сите единици на планинскиот пешадиски корпус „Норвешка“ на генералот Едуард Дитл. Меѓу нивните задачи беше и освојувањето на Средниот и особено на Рибарскиот полуостров, кој поради своето големо стратешко значење во СССР беше познат како „непотоплив воен брод на Заполарје“. „Кој владее со Рибарскиот и со Средниот полуостров, тој го држи Кољскиот залив. Без Кољскиот залив Северната флота не може да опстане“, истакнуваше адмиралот Арсениј Головко.
Совладувајќи неколку погранични караули и потиснувајќи ги единиците на 95 стрелачки корпус, германските сили избија на планинскиот масив Муста-Тундура 6 километри од границата, зад кој се наоѓа превлака и се отвора директен приод кон полуостровите. Германците очекуваа во налет да ја освојат планината, но набргу се покажа дека не им било судено во таа насока да постигнат напредок.
Советската команда најпрво претпоставуваше дека непријателот ќе го нападне полуостровот од море, а не од копно, па затоа главните сили се наоѓаа на Рибарскиот полуостров, очекувајќи германски десант. Кога Вермахтот нападна од планината, советските сили кои ја бранеа беа бројно речиси пет пати послаби од непријателот.
Сепак, додека не стаса зајакнувањето, војниците на Црвената армија на Германците им даваа силен отпор. На голи камења ги утврдија огнените положби, поставуваа препреки од бодликава жица и мински полиња. Борбите се водеа за секој метар, за секој камен.
На местата кадешто германската војска сепак успеа да се пробие преку планината и почна да се спушта од падините кон копнената превлака, на нив оган отвори советската артилерија со разорувачите „Урицки“ и Кујбишев“, кои пријдоа до брегот. „Се најдовме под јак оган на руската бродска артилерија. Во баталјоните се забележува дефицит од луѓе, санитарните одреди не успеваат да ги евакуираат ранетите...“, пишува во извештајот на командантот на 136 германски полк на планинската пешадија. „Се наоѓавме во близина на Кутовиот залив, се спуштавме од источните стрмни планини на котата 122. И тогаш на нас налета дожд од гранати. Немав со што да одговорам. Ако не го прекинат огнот, ќе морам да го повлечам полкот“.
Крвавите борби за Муста-Тундура траеја сè до половината на 1941 година. Претрпувајќи неуспех по неуспех, Германците престанаа со обидите за јуриш и почнаа да се утврдуваат во заземените положби.
„На северните падини од планинскиот масив, по стрмнините во централниот дел и по помалку стрмните во западниот и во источниот дел, се наоѓаа седум упоришта на нашата одбрана. На јужните падини кои беа поблаги и полесни за совладување се наоѓаше непријателот. Помеѓу него и нашите упоришта се наоѓаше ничија земја со широчина од само 50-60, а понекаде и 25-30 метри, што е растојание кое војник може да го префрли со рачна бомба од лежечка положба! Борбите со бомби беа секојдневие, Можеше добро да се слушне што се случува и кај нас и кај фашистите“, се сеќаваше генерал-лајтнант Сергеј Кабанов.
Со оглед на тоа дека ги заземаа највисоките точки од теренот, Германците можеа лесно да го воочат приближувањето на советските сили. Испораката на намирници, муниција и градежен материјал на положбите се вршеа под интензивен непријателски оган. „За секое парче што беше пренесено на Муста-Тундура војнциите плаќаа со живот или со ранување“, се жалеше припадникот на инженеријата Николај Абрамов. „А, како да се изгради упориште на педесет метри од линијата на непријателската одбрана? Штом ќе удриш со чекан, веднаш следува граната по глава“.
Германците особено ги иритираше советскиот пограничен знак А-36 кој се наоѓаше на планината. До советско-финската („зимска“) војна тука се наоѓаше државната граница која според условите од Московскиот мировен договор од 1940 година беше префрлена нешто позападно. „Со гордост се сеќавам со колкава упорност го браневме нашиот советски пограничен знак кој остана на Муста-Туднура. Тоа беше веројатно единствениот пограничен знак што фашистите не го освоија. Германците повеќе пати се обидоа да го заземат, но секогаш безуспешно. Огорчени од неуспесите германските војници без да штедат пукаа по неговите бранители. Понекогаш на непријателот ќе му тргнеше од рака да го собори знакот, но припадниците на морнаричката пешадија повторно го подигаа“, има запишано во своите мемоари „Зад поларникот“ капетанот на морнаричката пешадија Василиј Кисљаков.
Сè дури Црвената армија кон крајот на 1944 година не ги истера Германците од поларната област, планинскиот масив Муста-Тундура за нив беше коска во грлото. Сите нивни обиди да ја пробијат советската одбрана не вродија со плод. За тоа време на другите делови од фронтот Вермахтот напредуваше илјадници километри до Волга и до Кавказ, додека на ова место беше сигурно запрен на самата граница со Советскиот Сојуз.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче