Зошто СССР го создаде Варшавскиот пакт?

Воена вежба на Советскиот Сојуз и на земјите од Варшавскиот пакт во Бугарија – операција “Родопи“.

Воена вежба на Советскиот Сојуз и на земјите од Варшавскиот пакт во Бугарија – операција “Родопи“.

Лев Поликашин/Sputnik
Советскиот Сојуз беше принуден да размислува за сопствениот воен сојуз кога Западот го создаде НАТО.

Во втората половина на 20 век Варшавскиот пакт на генералите на НАТО-пактот постојано им создаваа главоболки. Епохата на Студената војна не можеше да се замисли без конфронтации на двата најмоќни военополитички сојузи на светот.

На малкумина им е позната дека Варшавскиот пакт како „бедем на мирот“ и „штит на социјализмот“ не е основан во исто време со западната Алијанса, ами значително подоцна.

Сојуз на социјалистичките земји

Раководителите на СССР и „земјите на народната демократија“, како што тогаш ги нарекуваа социјалистичките држави во Источна и во Централна Европа, беа прилично рамнодушни кога западните сили во 1949 година беше основата Северноатлантската алијанса. Во земјите од источниот блок владееше мислење дека нивната безбедност е доволно осигурена со билатералните одбранбени договори што Советскиот Сојуз ги склучи со своите нови сојузници, како и со присуството на советските единици на нивната територија.

Претседателот на Советот на министри на СССР Николај А. Булганин го потпишува Договорот за пријателство, соработка и заемна помош помеѓу Албанија, Бугарија, Унгарија, ГДР, Полска, Романија, СССР и Чехословачка на Варшавскиот состанок на европските држави за мир и безбедност во Европа на 14 мај 1955.

Покрај тоа, СССР во Втората светска војна понесе огромни загуби, така што немаше доволно економски потенцијал и технички средства за основање сопствена организација како што е НАТО. Имаше многу сомнежи и во поглед на сигурноста на воените кадри на новите сојузници на Москва, од кои голем број до вчера се бореа во таборот на нејзините непријатели.

Меѓутоа, со текот на времето економската ситуација во СССР почна да се подобрува. Источногерманските, чехословачките, полските, унгарските и романските вооружени сили, благодарение на напорите на стотици советски воени советници, беа реорганизирани според советскиот модел, а голем број нивни офицери минаа обука во советските воени и военополитички образовни установи.

Веќе во 1951 година началникот на штабот на Групата советски единици во Германија, генералот на армијата Сергеј Штеменко, на едно советување на кое присуствуваше и Сталин ја изнесе идејата за создавање „воен сојуз на братските социјалистички земји“. Варшавскиот пакт се појави дури по смртта на „големиот водач“.

Главен повод за создавањето на оваа организација беше потпишувањето на Парискиот договор од 1954 година помеѓу западните сојузници, според кој Западна Германија ѝ се приклучи на Северноатлантската алијанса и беше основан Западноевропски сојуз како военополитичка организација на европските земји. Толку силно зајакнување на позициите на можниот непријател во централна Европа доведе до потпишување на Договор за пријателство, соработка и заемна помош, со што и формално беше создаден военополитички сојуз на социјалистичките земји. Овој договор беше потпишан во Варшава во мај 1955 година. Го потпишаа СССР, Бугарија, Унгарија, Источна Германија, Полска, Романија, Албанија и Чехословачка.

Под раководство на Москва

Земјите се обврзаа дека ќе си помагаат една на друга во случај на воена опасност, дека ќе основаат Обединета команда на вооружените сили во која членките ќе ги усогласуваат делегираните претставници, и дека ќе преземат „други координирани мерки, неопходни за зајакнување на нивната одбранбена моќ, со цел да се обезбеди мирен живот и работа на нивните народи, да се гарантира неприкосновеноста на нивните граници и територии, и да се обезбеди заштита од можна агресија.

Советски тенкови за време на вежбите „Браќа по оружје“

Во договорот се декларираше рамноправноста на неговите потписнички, но Советскиот Сојуз сепак ја играше главната улога во оваа организација од првиот ден до нејзиното распуштање. Нацртите на сите најважни документи што ги разгледуваше Политичкиот консултативен комитет како највисок орган на Организацијата на Варшавскиот пакт (на неговите заседанија учествуваа раководителите на земјите-сојузнички) најпрво беа усвојувани во Москва.

Воената вежба „Влтава“ на Советскиот Сојуз и земјите од Варшавскиот пакт. Едниците на Националната народна армија на Демократска Република Германија. ЧССР.

Советските генерали секогаш беа команданти на Обединетите вооружени сили на земјите-членки на Варшавскиот пакт и началници на штабовите. Претставниците на другите армии по правило беа нивни заменици.

Тенкист на Чехословачката народна армија и припадници на советските мотострелачки единици на одмор во текот на заедничките вежби.

Додека САД педантно го пресметуваа финансискиот товар за издржување на НАТО и го делеа на сите членки на Алијансата, Советскиот Сојуз речиси целата тежина на трошоците храбро ја носеше на своите плеќи. Уделот на СССР во финансирањето на дејствувањето на Обединетата команда и на штабот изнесуваше околу 45%, но затоа Советскиот Сојуз носеше над 90% од трошоците за издржување на Обединетите вооружени сили и за одржување на воената инфраструктура на Сојузот.

За борба против контрареволуции

Военополитичкиот сојуз на Источниот блок советското раководство го третираше како ефикасна противтежа на Северноатлантската алијанса. Никита Хрушчов за Варшавскиот пакт рече дека тој е „важен стабилизациски фактор во Европа“.

Варшавскиот пакт ѝ служеше на Москва како инструмент за водење на надворешната политика, но стана и важно средство за решавање на кризните ситуации во социјалистичкиот блок.

Борби во Будимпешта, 1956 година.

За време на Унгарското востание (во современа Унгарија ова востание се третира како револуција) од 1956 година советските единици влегоа во земјата за да укажат „братска помош на унгарскиот народ во заштитата на неговите социјалистички достигнување, во кршењето на контрареволуцијата и во ликвидирањето на опасноста од препород на фашизмот“, беше напишано во наредбата на командантот на Обединетите вооружени сили маршалот Иван Конев. Како што се тврдеше, единиците дејствуваа „во согласност со молба на раководството на Унгарската Народна Република врз основа на Варшавскиот договор потпишан меѓу земјите од социјалистичкиот блок“.

СССР во Будимпешта го реши проблемот со сопствени сили (со поддршка на Унгарската народна армија и на унгарските специјални служби), но за задушувањето на Прашката пролет од 1968 година беа сеопфатно ангажирани сојузниците. Во Чехословачка покрај советските единици влегоа и единици на Полска, Бугарија, Унгарија и на Источна Германија).

Прашка пролет – Сузбивање на инвазијата на единиците од земјата на Варшавскиот пакт на Чехословачка.

Варшавскиот пакт истече во 1985 година и на 26 април страните без проблем го продолжија за уште 20 години, не знаејќи дека нема да издржи нити цели пет. По почетокот на распадот на СССР, на падот на социјалистичкиот режим во Источна Европа и обединувањето на Германија, воениот сојуз изгуби каква и да е смисла.

Варшавскиот пакт официјално беше распуштен на состанокот на претставниците на СССР, Бугарија, Унгарија, Полска, Романија и Чехословачка на 1 јули 1991 година во Прага. Во текот на следните 20 години сите поранешни сојузнички на Москва влегоа во Северноатлантската алијанса.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња