Како еден Полјак се прослави како врвен советски војсководец (ФОТО)

Public domain
„Јас сум најнесреќен маршал во Советскиот Сојуз. Во Русија ме сметаат за Полјак, а во Полска за Русин“, тагуваше Константин Рокосовски.

„Одлично ја познаваше воената вештина, прецизно ги поставуваше задачите, паметно и со тактика го проверуваше извршувањето на своите наредби. Кон подредените секогаш покажуваше грижа и веројатно никој друг не умееше така да ја цени и да ја поттикнува иницијативата на командирите што му беа подредени. Многу им даваше на другите и умееше воедно да учи од нив... Тешко можам да се сетам на потемелен, понеизморен, повнимателен и поштедар човек од него“, вака талентираниот советски маршал Георгиј Жуков го опиша исто толку надарениот маршал Константин Константинович Рокосовски, еден од најзаслужните војсководци за победата на СССР над нацистичка Германија.

Константин Рокосовски и Георгиj Жуков.

Својот воен пат Рокосовски (роден во Варшава, тогаш дел од Руската Империја) го започнал во коњаниците на боиштата од Првата светска војна. Двете револуции што следуваа во 1917 година, уривањето на апсолутизмот, распадот на армијата и на земјата го соочија, како и други Полјаци од 5 Каргопољски драгунски полк, со избор: да учествува во обновата на Полска или да се посвети на борбата за „владеење на работниците и на селаните“ и за „победа на светската револуција“. Додека неговиот колега и братучед Франц Рокосовски замина во Варшава, Константин им се приклучи на болшевиците.

Сепак, Константин Рокосовски не беше принуден да се бори против својата татковина во советско-полската војна од 1919 година. Поголем дел од Граѓанската војна го мина во борбите против белогардејците на Урал, во Сибир и на Далечниот Исток, каде беше поставен за командант на коњички полк.

Успешната воена кариера, па и животот на Константин Рокосовски, можеа да завршат за време на „големиот терор“, периодот на масовни репресии кои кон крајот на триесеттите години од минатиот век го зафатија Советскиот Сојуз. На 17 август 1937 година командантот на дивизија Рокосовски беше уапсен под сомнеж дека работи за полската и за јапонската разузнавачка служба. Мораше да помине две и пол години по затвори, поминувајќи бројни сослушувања, сè дури во март 1940 година, благодарение на заложбите на генерал Семјон Тимошенко, не беше ослободен со враќање на чинот и на правата. „Никогаш не зборуваше за тоа, дури ни со најблиските луѓе“, се сеќава неговиот внук и имењак Константин Рокосовски: „Само еднаш, кога мајка ми по многу години по војната го праша зошто секогаш носи пиштол со себе, рече: Ако повторно дојдат по мене, нема да им се предадам жив в раце“.

Во текот на жестоките одбранбени борби против Вермахтот летото 1941 година Рокосовски се покажа како способен и решителен војсководец. Иако на располагање имаше скромни ресурси од жива сила и техника, тој на 28 јуни од Германците успеа да го врати градот Јарцево (еден од првите ослободени советски градови), да го запре напредувањето на непријателот кон Москва и да им обезбеди на остатоците од две советски армии излез од обрачот околу соседниот Смоленск.

„Додека се бориме кај Москва, треба да мислиме на Берлин. Советската војска со сигурност ќе стаса во Берлин“, изјави Рокосовски за известувачот на списанието „Краснаја Звезда“ во октомври 1941 година, Во текот на исклучително тешкиот период на борба за престолнината неговата 16 армија под огромен притисок од страна на непријателот го држеше северозападниот приод кон градот. Борејќи се за секој метар, неговите сили ги запреа Германците и на почетокот на декември се приклучија на масовната контраофанзива на Црвената армија со која Вермахтот беше потиснат на 100-150 километри од градот. „Тешко може да се наведе некој друг војсководец кој олку успешно има дејствувано како во одбраната, така и во офанзивните операции во изминатата војна... Поседувајќи дарба за предвидување, тој речиси секогаш без грешка ги насетуваше намерите на непријателот, го претекнуваше и по правило излегуваше како победник“, се сеќава главниот маршал на авијацијата Александар Голованов.

Рокосовски беше еден од авторите на операцијата „Уран“ во која беше опколена и уништена 5 армија на Фридрих Паулус во Сталинград. Во текот на Курската битка летото 1943 година по која Вермахтот дефинитивно ја изгуби иницијативата во војната, тој толку промислено ја организираше одбраната на северниот дел од Курската превлака што германската војска ја лиши од секоја шанса да се пробие. „Силите на Централниот фронт ја извршија задачата“, напиша овој војсководец во своите мемоари „Војничка должност“. „Со упорно давање отпор тие ја истрошија непријателската сила и го спречија нивното напредување... Не моравме да ги употребиме резервите на Штабот, успеавме без нив зашто правилно ги распоредивме силите, ги сконцентриравме на оној дел кој за силите на фронтот претставуваше најголема опасност“.

Во 1944 година Константин Рокосовски командуваше со силите на 1 Белоруски фронт кои станаа главна офанзивна сила во операцијата „Багратион“. За само два летни месеци од „советското молскавично војување“ Црвената армија напредуваше речиси 600 километри кон запад, ослободувајќи ја целата територија на Белорусија, дел од балтичкиот брег и источна Полска. Целосно беше уништена германската група армии „Центар“, а во тешка положба се најде групата армии „Север“. На 29 јуни на Рокосовски, кого непријателот го нарече „Генерал-бодеж“, му е доделен чин маршал на Советскиот Сојуз.

Во ноември 1944 година, кога силите на 1 Белоруски фронт беа подготвени за брз продор во срцето на Германија, Константин Рокосовски ненадејно беше поставен на чело на 2 Белоруски фронт. Рокосовски во своите мемоари се сеќава на телефонскиот разговор со Сталин: „Тоа беше мошне неочекувано, што без размислување веднаш прашав: 'Зошто толкава немилост што ме префрлате на второстепен фронт?' Сталин одговори дека грешам: фронтот на кој ме префрлаат е дел од заедничкиот западноевропски правец на кој ќе дејствуваат силите на три фронта: 2 Белоруски, 1 Белоруски и 1 Украински; успехот на овие решавачки операции ќе зависи од тесната соработка со овие фронтови... Ако не напредувате Вие и Конев, никаде нема да стаса ниту Жуков, заклучи врховниот главен командант“.

Во разговор со блискиот пријател контраразузнавачот генерал-лајтнант Николај Железников Рокосовски беше поотворен: „Јас сум најнесреќниот маршал на Советскиот Сојуз. Во Русија ме сметаа за Полјак, во Полска за Русин. Требаше јас да го заземам Берлин, јас бев најблизу. Но, ми се јави Сталин и ми рече: Берлин ќе го заземе Жуков. Прашав зошто толкава немилост. Сталин ми одговори: Тоа не е немилост, тоа е политика.

На крајот силите на 2 Белоруски фронт под команда на Константин Рокосовски го победи непријателот во Источна Прусија и во Померианја и ја запре 3 германска тенковска армија, спречувајќи ја да учествува во битката за Берлин.

По победата маршалот привремено се врати во татковината. Командуваше со Северната група на советската војска, стационирана на територијата на Полска. Во октомври 1949 година на молба на претседателот на Полската Народна Република Болеслав Берут и со дозвола на раководството на СССР Рокосовски беше поставен на должноста министер за национална одбрана на која остана сè до 1956 година. Константин Рокосовски беше единствениот советски маршал во историјата кој исто така беше и маршал на Полска.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња