Бегство: јули 1976 година за време на турнирот во Амстердам
Шаховскиот велемајстор Виктор Корчној никогаш себеси не се нарекуваше дисидент, ниту борец против системот, ами своето бегство го опишуваше како „спасување на кариерата“. Иако беше четирикратен шампион на СССР, тој во интервјуата за западните медиуми сепак непрекинато зборуваше за тоа дека во сопствената земја за него не постојат рамноправни услови и дека тоа е во спротивност со принципите за чесна борба.
Сметаше дека советската власт избира фаворити и им нуди секаков вид поддршка. „Властите го избраа Карпов за фаворит зашто тој идеално се вклопува во имиџот на шампион: тој е Русин, од зафрлени краишта, млад и исклучително лојален на режимот. Во текот на мечовите Карпов имаше исклучителна поддршка, околу него беа првокласни велемајстори и го фалеа во медиумите“, се сеќаваше Корчној за Анатолиј Карпов, еден од своите главните противници.
Поради ваквата критика на Корчној еднаш му беше намалена стипендијата и му беше забранет излез од СССР, но веќе по една година забраната му беше укината (патем, за него се зазеде Карпов). Во 1974 година донел одлука да емигрира, но за тоа никому не му кажал, дури ни на сопствената жена и на сина си. За време на патувањата во странство на турнир во Западна Европа постојано носел важни документи, фотографии и книги, а во 1976 година за време на турнирот во Амстердам даде уште едно остро интервју и сфати дека овој пат нема да може да ги избегне последиците. Следното утро замина во најблиската полициска станица и побара политички азил.
Корчној не доби азил, ами само дозвола за престој. Затоа побара статус на бегалец во Швајцарија, и тоа заврши успешно. Во СССР неговото семејство потоа мораше да преживува многу тешкотии и тешка немаштија, за што Корчној беше свесен и пред заминувањето. „Можев да сметам дека на синот тоа ќе му донесе големи тешкотии. Но, искусните луѓе ми велеа дека кога се носат вакви одлуки, совеста не треба да игра улога“, велеше тој.
Синот Игор беше исфрлен од факултетот и беше повикан во војска со цел под никакви услови да не може да ја напушти земјата под изговор дека има пристап до „воени тајни“. Сфаќајќи го тоа, Игор не се одѕва на повикот, поради што беше осуден и помина две години во логор на Урал. Сопругата Бела не можеше без проблем да го продаде дури ни автомобилот зашто тој се водеше на име на нејзиниот сопруг, а неговото овластување постојано се „губеше“ во текот на испраќањето од Швајцарија. Корчној лично од Леонид Брежњев побара да го пуштат неговото семејство да му се придружи, му се обраќаше на претседателот Џими Картер, па дури и на папата. Властите попуштија во 1982 година и неговото семејство можеше да ја напушти земјата.
Бегство: септември 1979 година за време на турнејата во Швајцарија
Славните сопружници во 1964 година го освоија првото злато во историјата на советското уметничко лизгање на Олимписките игри и успехот го повторија на следната Олимпијада во Гренобл. Помеѓу двете Олимпијади успеаја да ги соберат сите можни титули на светските и на европските првенства. Веста за нивното бегство го шокираше дури и Западот, зашто обајцата беа членови на Комунистичката партија, ги сметаа за примерен и патриотски ориентиран брачен пар, беа опкружени со сеопшто внимание, љубов на народот и живееја во трособен стан.
Белоусова и Протопов се обратија на швајцарската полиција за време на турнејата во состав на Ленинградскиот балет на мраз, додека се наоѓаа во градот Цуг, недалеку од Цирих. Според нивните зборови, веднаш им ги зеле советските пасоши, а потоа ги преселувале од хотел во хотел. Каде точно се наоѓале не знаеле ниту самите тие, сè дури не добиле азил.
На овој очајнички чекор се решиле откако во седумдесеттите години од минатиот век Министерството за спорт почна повеќе внимание да им посветува на младите спортисти, додека легендите во уметничко лизгање дојдоа во категоријата постари, а со тоа и помалку перспективни спортисти. Лизгачите се жалеа дека фактички ќе ги испратат во пензија или дека ќе работат како тренери, а тие сè уште беа подготвени и способни и сакаа да се натпреваруваат. Олег Протопов виде и друг мотив за нивната кариера „грубо да се прекине“: „Се плашеа дека ако ја освоиме третата Олимпијада ќе останеме во странство. Подол удар под појас“. Брачната двојка не беше задоволна ниту со финансиската состојба. Одржувајќи турнеи ширум светот, речиси сиот нивен хонорар одеше кај организаторот на турнеите, советскиот Госконцерт. Од 10 илјади американски долари колку што беше платен настапот во Њујорк, на пример, тие добија само 53 американски долари.
Лизгачите чекаа за швајцарски пасош 16 години и го добија дури по распадот на СССР, во 1995 година. Кога обајцата имаа 60 години, сакаа да ја претставуваат Швајцарија на Олимпијадата во 1998 година во Нагано, но, како што и можеше да се очекува, не ги минаа квалификациите.
Бегство: мај 1989 година на Светското првенство во Шведска
Олимпискиот и светски шампион во хокеј имаше само 20 години кога им се јави на агентите од њујоршкиот клуб „Бафало Сајберс“ и побара да го извлечат од Шведска каде советската хокеарска екипа само што го беше освоила Светското првенство. Тие стасаа во Шведска со првиот лет и веќе следниот ден во Америка го одведоа „најдобриот 20-годишен играч на светот“.
Могиљни својата постапка ја објасни со државната политика во спортот: „Видов каков е односот кон постарите колеги, сфатив што ќе се случи со мене кога ќе дојдам во тие години. Кога ќе ја завршат кариерата, тие остануваат без ништо. Мене тоа не ми одговараше“. Подоцна рече дека дома бил сиромашен. „Бев вистински сиромав! Бев олимписки шампион, светски шампион, трикратен шампион во СССР. Притоа немав дури ни еден метар квадратен станбен простор. Кому му е потребен таков живот?“
Советската страна сето тоа го објасни со примитивната алчност на Могиљни. Кога пребега во САД, потпиша договор од 630 илјади американски долари, купи куќа, ролс-ројс и живееше како суперѕвезда. Во НХЛ го доби прекарот Александар Велики и беше најдобар напаѓач во сезоната 1992-1993 и прв руски хокеар кој стана капитен во тимот на Националната хокеарска лига.
Бегство: јули 1976 година за време на Олимпијадата во Монтреал
Меѓутоа, не сите емигранти од СССР имаа разумни мотиви. Скандалозен беше случајот на 17-годишниот шампион на Советскиот Сојуз во скок во вода Сергеј Немцанов во 1976 година. Додека беше на олимпијадата во Монтреал, се обрати на канадската имиграциска канцеларија во олимпиското село, барајќи азил.
Според верзијата на СССР, спортистот немаше успеси на Олимпијадата и не ја помина селекцијата за репрезентацијата за следното натпреварување во САД. Бидејќи бил разочаран, потпаднал под влијание на западната пропаганда и сакал да остане во странство. Тогаш Советите дури и ги обвинија Канада и САД за „перење мозоци“ и за киднапирање. По средбата со Немцанов под надзор на канадски адвокати, советската страна тврдеше дека тој бил блед и дека со стаклен поглед како робот ја повторувал фразата „ја избрав слободата“. Патем, за време на истата Олимпијада на Запад пребегаа уште четворица романски атлетичари, но сето внимание беше насочено кон „златокосиот руски Аполон“.
Западните медиуми ширеа сосема поинаква приказна: дека Немцанов се заљубил во скокачката Керол Линдер од американската репрезентација и дека затоа одлучил за избега.
Но, проблемот се огледаше во тоа што не беше полнолетен и што не можеше да добие статус на бегалец. Сфаќајќи дека сè уште има време, Советите ја покренаа кампањата „За Сергеј, ќе се врати дома“, наговарајќи го да се откаже од бегството. Една од методите беше снимката на неговата баба која го одгледала и која го молеше да се врати и да не ја остави сама. Тоа донесе успех и Сергеј одлучи да се врати, а Канаѓаните го предадоа по еден услов: против него да не се применуваат никакви репресивни мерки.
Условот беше испочитуван, но тоа беше крај на кариерата Немцанов. Повеќе не го пуштаа во странство, а сонародниците го доживуваа како „предавник“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче