Пред кнезовите од династијата Рјурикович да дојдат на власт, на руската земја, во многу големи градови, вклучувајќи ги и Новгород, Псков и Киев, власта ја имала „вечето“ кое било составено од активни жители на градот. Вечето не било парламент во строга смисла зашто за него не постоеле никакви избори и на градскиот плоштад се собирале само најмоќните, најбогатите и најуважените граѓани. Новогородското вече, на пример, броело околу 300 члена.
Од 11 до 13 век во различни градови покрај кнезовите кои владееле со нив, било активно и вечето. Главниот принцип на вечето била едногласноста. Секоја одлука што пред вечето го поставувале кнезот или моќните болјари морале да ја потврдат сите членови на вечето. Така понекогаш биле потребни недели додека сите не биле задоволни со решението. Моќните веча, како оние во Новгород и во Псков, можеле дури и да ја ограничат власта на кнезовите во градовите, да делат земја, да бираат архиепископи и да осудуваат на смрт.
Вечето престанало да постои за време на централизацијата на руската земја под водство на Москва. Најдолго опстанале вечата во Новгород, во Псков и во Вјатки (денешен Киров) сè до 15-16 век.
Првиот Земски собор го повикал Иван IV Грозни во 1549 година за да добие поддршка за новиот законик (Судебник) и за реформите што ги планирал. Во него биле застапени претставници на сите вероисповеди во земјата и претставници на сите региони на руското царство.
Земскиот собор бил составен од Црковниот собор, Болјарската дума и претставници на сите региони. Тие се собирале повремено за да ги разгледаат итните прашање како што се почеток на војна или воведување данок.
Земскиот собор постоел од 1549 до осумдесеттите години од 17 век. Не се знае точно колку пати има заседавано, но се смета дека има одржано околу 60 собори, од кои најголем дел во 17 век. Земските собори се укинати кога Петар Велики ги започнал своите големи реформи воведувајќи во Русија апсолутистичка монархија.
Петар Велики како претставници на народот во државата ги сметал благородниците. Секако, благосостојбата на благородниците се засновувала на благосостојбата на селаните кои ја обработувале нивната земја, кои произведувале храна, кои граделе објекти и кои служеле во војската. Така, според законот, благородниците биле должни да обезбедат поволни услови за селаните. Во реалноста, меѓутоа, сите благородници не се грижеле за селаните и понекогаш ги доживувале како потрошен ресурс.
Од друга страна, самите селани ги зачувале демократските институции во селските заедници (општини), каде се носеле заеднички одлуки. Општината избирала регрути за војска, го распоредувала данокот на своите членови и слично. По укинувањето на кметството во 1861 година селските заедници добиле официјален статус на самоуправни тела. До почетокот на 20 век во Русија имало над 100.000 општини.
Револуцијата од 1905 година била сериозна побуна против власта, со работнички штрајкови и востанија во различни делови од земјата. Едно од главните барања на народот било царската власт да се ограничи со воведување на претставничко државно тело.
На 6 август 1905 година Државната дума е основана како законодавен совет. Но, тоа не ги запрело нередите. На 17 октомври 1905 година Државната дума добила законодавна моќ, што значело дека ниту еден закон не можел да биде усвоен доколку не го одобри Државната дума,
Според новиот изборен закон од 11 декември 1905 година 49% од пратениците во новата Дума треба да ги изберат селаните. Право на глас добиле луѓето со имот (на пример селаните кои имале куќа), додека жените не можеле да гласаат. Изборите не биле директни: гласачите избирале електори кои потоа избирале пратеници.
Првото заседание на новата Државна дума е одржано на 26 април 1906 година. Меѓутоа, Думата набргу почнала да изискува промени како што е забрана на смртната казна, амнестија за политичките затвореници, повеќе земја за селаните и слично. Владата ги одбила сите нивни барања, а на 6 јули 1906 година Николај Втори ја распуштил Думата.
Втората Државна дума функционирала од 20 февруари до 3 јуни 1907 година и исто така ја распуштил Николај Втори. Причина била доминацијата на левичарските партии во Думата со кои претседателот на владата Пјотр Столипин не можел да најде заеднички јазик. Тој го убедил царот да ја распушти Думата и да го промени изборниот закон.
Третата дума била составена главно од десничарски партии, што ѝ одговарало на Владата. Меѓутоа, оваа Дума не ги претставувала ставовите и желбите на општеството. Третата Дума функционирала цели пет години, колку што пропишувал законот.
Четвртата Дума, која првото заседание го имала во ноември 1912 година, функционирала до 25 февруари 1917 година кога Николај Втори формално ја распуштил. Меѓутоа, Думата не се покорила на царевите барања и продолжила да ги одржува заседанијата. На крајот ја основала Привремената влада која ја одигра клучната улога во февруарската револуција од 1917 година. На 6 октомври 1917 година Привремената влада конечно ја распушти Државната дума.
Од 1918 до 1936 година во СССР постоела парламентарна структура под назив Конгрес на Советот. Советите биле претставнички орган на власта и биле основа на советскиот систем на власта. По нив и целата земја го добила името. Советите биле група луѓе избрани во селата, во фабриките и во помалите градови кои ги застапувале желбите и потребите на жителите.
Фабричките и селските совети испраќале претставници во градскиот совет, а градските совети испраќале делегати во регионалниот совет, градските и регионалните совети избирале делегати за републичкиот совет, сè така до највисокиот орган кој најпрво се нарекувал Конгрес на Советот на Советскиот Сојуз, а потоа (од 1938 година) Врховен Совет на Советскиот Сојуз кој постоеше до 1989 година.
Врховниот Совет беше составен од две рамноправни тела: Совет на Сојузот и Совет на националностите. Тие заседаваа одвоено или заедно.
На заседанијата на Врховниот Совет делегатите држеа говори, гласаа и дискутирала по тековните прашања. Меѓутоа, сето тоа беше инсценирано, не беа реални дискусии, а одлуките се носеа едногласно. Всушност сите одлуки ги носеше Политбирото, односно раководителите на Комунистичката партија на чело со генералниот секретар, кој всушност беше шеф на државата.
Денес рускиот парламент се нарекува Федерално Собрание на Русија. Составен е од два дома: Државна дума (долен дом) и Совет на Федерацијата (горен дом).
Советот на Федерацијата го сочинуваат по двајца пратеници од секој регион на Руската Федерација: еден претставник на регионалниот парламент и еден на регионалната власт. Членовите на Советот на Федерацијата се сенатори. Освен тоа, 30 сенатори именува претседателот на државата. Советот на Федерацијата е трајно тело. За разлика од парламентот, претседателот не може да го распушти. Заседава најмалку двапати месечно или почесто.
Државната дума има 450 пратеници. Изборите за Државната дума се одржуваат на секои пет години. За разлика од Советот на Федерацијата, пратениците во Државната дума им припаѓаат на различни политички партии.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче