Најмасовните погреби во СССР

Bettmann/Getty Images
Во Советскиот сојуз погребите често беа најмасовните настани. Лидерите на земјата особено се погребуваа со неверојатни почести, а на испраќањето на некои личности кон вечното почивалиште се собираа огромни редици луѓе.

Владимир Ленин

Водачот на светскиот социјализам почина на 21 јануари 1924 година. Од подмосковскиот имот Горки неговото тело беше префрлено во Москва. Простувањето се одржа со Салата со столбови во Домот на Сојузот и траеше 5 дена! Различни извори тврдат дека околу половина милион луѓе дошле да се простат од Ленин.

Одлуката за балсамирање на телото е донесена речиси една година пред неговата смрт. На 27 јануари 1924 година ковчегот со телото беше сместен во привремениот дрвен мавзолеј на Црвениот плоштад, кој подоцна беше заменет со камен. Редиците пред мавзолејот беа вообичаени во текот на целиот советски период.

Феликс Ѕержински

До денес Ѕержински е една од најозлогласените личности од советската доба. Пред сè е познат како главен советски чекист и основач на политичката управа при Министерството за внатрешни работи. Тој е човекот што ја воспостави репресивната машинерија за борба против контрареволуцијата. Почина на 20 јули 1926 година од срцев удар. За време на простувањето од него целиот центар на Москва го преплавија соработници од неговиот ресор и други странски поддржувачи на болшевиците. Неговата пепел е погребана во ѕидините на Кремљ.

Владимир Мајаковски

Огромен удар за народот беше смртта на најважниот поет на пролетеријатот Владимир Мајаковски. Тој го заврши животот со самоубиство на 14 април 1930 година на 36-годишна возраст. Колоната нажалени се протегаше низ цела Москва. Урната со неговата пепел е закопана во Новодевичи манастир.

Сергеј Киров

На 1 декември 1934 година на своето работно место беше убиен раководителот на ленинградското одделение на партијата Сергеј Киров. Подоцна беше погубен не само убиецот на Киров, ами и целото негово семејство, па дури и далечните роднини. Врз основа на сомнеж дека учествувале во завери од различни видови и дека припаѓаат на внатрепартиската опозиција уапсени се огромен број луѓе. Се смета дека убиството на верниот соборец на Сталин послужи како повод за почеток на масовните репресии во СССР.

Јосиф Сталин

На 5 март 1953 година од животната сцена замина „водачот на народот“. Тој ден учениците немаа часови, а многумина возрасни беа пуштени од работа. Меѓутоа, според сеќавањето на современиците, оние кои ги имаат претрпени Сталиновите репресии отворале шампањско, а затворениците од ГУЛАГ-от викале „Ура!“.

Простувањето во Салата со столбови на Домот на Сојузот траеше три дена и три ноќи без прекин. Денот на погребот, 9 март, стана вистинска трагедија. Само на Црвениот плоштад се собраа околу 12 илјади луѓе, а од сите делови на градот кон центарот тргнаа повеќе илјади граѓани. Некои улици беа затворени и толпата немаше каде да се рашири. Започна турканица во која загинаа околу 400 луѓе (точниот број никогаш не беше обелоденет).

Телото на Сталин најпрво беше сместено во ковчег во Мавзолејот покрај Ленин, но во шеесеттите години од минатиот век во рамките на кампањата за уривање на култот на личноста беше закопано покрај ѕидините на Кремљ.

Јуриј Гагарин

Првиот човек кој замина во вселената по летот беше пречекан како национален херој. Како херој беше и испратен на последното патување. Загина во авионска несреќа на 27 март 1968 година. Неговиот авион се урна за време на наставен лет. Заедно со него загина и неговиот инструктор Владимир Серјогин. Простувањето од Гагарин се одржа во Централниот дом на Советската Армија, а на Црвениот плоштад беше организиран митинг на жалост. Урните на Гагарин и на Серјогин се закопани покрај ѕидините на Кремљ.

Семјон Будјони

Легендарниот советски војсководец кој се прослави за време на Граѓанската војна и кој својот тактички талент го покажа во Втората светска војна, беше еден од првите маршали на СССР.

Неговиот погреб на 20 октомври 1973 година се пренесуваше на телевизија. 91-годишниот маршал е погребан во некрополата кај ѕидините на Кремљ.

Владимир Висоцки

42-годишниот поет, бард и актер Владимир Висоцки почина на 25 јули 1980 година од инфаркт. Се смета дека причината за неговата смрт биле злоупотребата на алкохол и наркотици. Неговата смрт беше трагедија која погоди милиони негови обожаватели.

Простувањето се одржа во Театарот на Таганка, каде глумецот работеше со години. Редицата луѓе се должеше неколку километри, а на Таганскиот плоштад се собраа над 100 луѓе.

Леонид Брежњев

Со почести беше погребан и Брежњев кој 16 години мина на чело на Советскиот Сојуз. Почина во сон на 10 ноември 1982 година од тромб кој се откина и отиде директно во срцето.

Испраќањето и процесијата беа речиси попомпезни од оние во времето на Сталин. На нив стасаа лидери од многу странски земји. Брежњев е погребан крај ѕидините на Кремљ.

Константин Черненко

Черненко помина на чело на СССР нешто повеќе од една година и почина на 10 март 1985 година. Но, краткото владеење не влијаеше на големината на погребот. На него дојде дури и Маргарет Тачер!

Виктор Цој

Смртта на идолот на една генерација во автомобилска несреќа на 15 август 1990 година беше шок за целата нација. Најважниот рок-пејач, гласот на перестројката кој во познатата песна бараше промени, почина на 28 години. Очевидците тврдат дека во Ленинград завладеало вистинско лудило: луѓето од сите краишта на градот се собираа кај зградата на рок-клубот чиј член беше групата на Цој – Кино. Со магнетофони во текот на неколку дена непрекинато се слушаа нивните пресни. На простувањето од Цој на Богословските гробишта дојдоа повеќе од илјада луѓе.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња