Во шеесеттите и во седумдесеттите години од минатиот век тешко беше да се најдат попопуларни луѓе од космонаутите. Како пионери во освојувањето на вселената, тие навистина предизвикуваа општо восхитување. На 24 мај 1970 година во Советскиот Сојуз пристигна еден од идолите од тоа време, астронаутот Нил Армстронг, првиот човек во историјата на човештвото кој стапна на површината на Месечината.
Пред Армстронг од американските астронаути „земјата во која победи социјализмот“ ја посети само капетанот на бродот „Аполо-8“ Френк Борман, кој го изведе првиот лет околу Месечината со човечки екипаж.
Историската посета на СССР од страна на првиот човек на Месечината не започна од Москва. На 24 мај Армстронг стаса во Ленинград (денешен Санкт Петербург), каде беше повикан да одржи предавање на тема „Истражување на површината на Месечината“ на 13 заседание на Меѓународниот комитет за космички истражувања (КОСПАР). Делегати од 30 земји се собраа за да го слушнат прочуениот Американец.
Во културната престолнина на Советскиот Сојуз Нил Армстронг помина неколку дена. Меѓу другото, ги посети Ермитаж, Воениот музеј на морнарицата и Големиот петерхофски дворец.
Армстронг не пропушти ниту да го посети крстосувачот „Аврора“ кој беше вкотвен на брегот, а од кој на 7 ноември 1917 година беше испукан плотун кој го означи почетокот на болшевичката револуција во Русија.
По завршувањето на конференцијата на 29 мај Армстронг отпатува во престолнината на Сибир, Новосибирск. Тука на сопствена иницијатива ја посети куќата во која на почетокот на 20 век живееше и работеше научникот Јуриј Кондратјук, чија пресметка за оптималната патека на летот до Месечината ја користеше НАСА во програмата „Аполо“. Нил дури за себе за спомен зеде шака земја од дворот пред куќата.
Со цел астронаутот да може да ја доживее убавината на сибирската природа, го поведоа со јахта по Новосибирското вештачко езеро на реката Об, познато кај народот како „Обско море“.
За време на пикникот приреден на брегот Нил Армстронг го покажа својот кулинарски талент, подготвувајќи им на сите руска традиционална рибина чорба.
Престолнината на Советскиот Сојуз беше завршната етапа од патувањето на познатиот астронаут. Никој од патниците на летот Новосибирск-Москва на 31 мај немаше поим дека во текот на еден дел од летот зад командите на авионот не беа пилотите на Аерофлот, ами Армстронг и неговиот советски колега космонаутот Георгиј Береговој.
Американскиот астронаут се прошета по Црвениот плоштад, го посети Мавзолејот на Ленин и положи цвеќе на гробот на Јуриј Гагарин покрај ѕидините на Кремљ.
За време на средбата со претседателот на Советот на министри на СССР Алексеј Косигин, Армстронг му подари сад со примероци од тлото на месечината и мало советско знаме кое заедно со астронаутите и со знамињата на над 130 други земји престојуваше на површината на Месечината. Косигин му рече на Нил дека „советскиот народ повеќе од другите е воодушевен од неговата храброст и од неговото знаење“.
На личен повик на познатиот советски конструктор на авиони Андреј Туполев, Армстронг го посети хангарот во кој се наоѓаше најновиот суперсоничен патнички авион Ту-144. Тој беше првиот странец кој имаше можност да ѕирне во „советскиот Конкорд“.
Најголем интерес кај Нил Армстронг предизвика, секако, посетата на Првиот научноистражувачки центар за обука на космонаути „Јуриј Гагарин“ во Ѕвездениот град недалеку од Москва. Екскурзијата по градот за Американецот ја водеше првата жена-космонаут на светот Валентина Терешкова.
Најпотресен момент за Армстронг за време на неговото патување беше средбата со вдовицата на загинатите космонаути: Валентина Гагарина и Валентина Комарова, чиј сопруг, Владимир Комаров, беше првиот човек во историјата кој го изгуби својот живот за време на лет во космосот. Како што подоцна Нил им призна на новинарите, бил „длабоко трогнат“ од овој разговор.
Меѓу подароците што Армстронг ги доби во Советскиот Сојуз беа макетите на вселенските бродови „Сојуз-4“ и „Сојуз-5“, како и ловечката пушка што му ја врачија советските космонаути со кои се спријатели.
Посетата на Нил Армстронг на СССР во 1970 година беше важен чекор во процесот на унапредување на односите помеѓу двете суперсили во услови на студена војна. Делумно благодарение на него беше возможно во 1975 година да се оствари првиот заеднички советско-американски експериментален вселенски лет со екипаж „Сојуз-Аполо“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче